Кина бара поддршка од Германија за „обединување“ со Тајван
15 април 2023Конфликтот во Индо-Пацификот продолжува да се заострува. Во изминатите денови Кина одржа воени маневри со кои ја тестираше и подготвеноста на својата војска за опколување на Тајван.
По предупредувањето на германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, при нејзината посета на Кина, од воен конфликт со Тајван, Пекинг настапува со контрабарање.
Истакнатиот кинески дипломат Ванг Ји, според Министерството за надворешни работи, на средба со Бербок изјавил дека „се надева и верува“ во германска поддршка за „мирно обединување“ со Тајван, онака како што Пекинг своевремено го поддржал повторното обединување на Германија. Тајванското „враќање кон Кина“ за Пекинг е централна компонента на светскиот поредок по 1945 година.
Во разговорот кој во петокот го водеше со својот кинески ресорен колега, Чин Ганг, Бербок можниот воен конфликт со Тајван го нарече „хорор сценарио.“ Чин од своја страна ја подвлече важноста на односите на неговата земја со Германија, но со дополнување: „Она што најмалку и` е потребно на Кина, се учители од Западот“.
„Да се запрат сепаратистичките активности“
Желбата на раководството во Пекинг за унапредување на односите со Германија и јакнење на меѓусебното разбирање ја истакнал и дипломатот Ванг, кој додал: „За да се зачува стабилноста на Тајванскиот теснец, мора да се отфрлат сепаратистичките активности во поглед на ’независност на Тајван’“.
По жестоката критика со која беа дочекани неговите изјави во врска со Тајванското прашање, францускиот претседател Емануел Макрон се обиде да ја смири работата, инсистирајќи на одлучен и единствен став на Европа на оваа тема.
На враќање од посетата на Пекинг, Макрон во едно интервју предупреди дека Европа не смее да стане вазал на САД и не би требало да дозволи Европејците да бидат вовлечени во конфликт кој не е нивен. Кинеските медиуми на големи ѕвона го пофалија францускиот претседател за неговите изјави.
Од политичкиот раскин меѓу копнена Кина и Тајван во 1949 година, Пекинг го смета Тајван за своја отцепена област и има аспирации за негово припојување, доколку биде неопходно, и со употреба на сила.
За време на тридневните воени маневри Кина минатата недела вежбаше опколување на островот и напад на цели на него. И по завршувањето на маневрите, Тајпеј тврди дека бројни кинески бродови се наоѓаат се`уште во морската област околу островската држава.