Перитон: Смрт и пустош по торнадо во Тексас
16 јуни 2023Торнадо го опустоши малиот град Перитон во американската сојузна држава Тексас, предизвикувајќи смрт на најмалку три лица, додека околу сто поради повреди побарале помош во локалната болница.
Шефот на противпожарната служба во Перитон, Пол Дачер соопшти дека невремето посебно погодило населба со куќи-приколки, најмалку 30 од нив се целосно уништени или многу оштетени. Пожарникарите ноќеска извлекувале луѓе од урнатините, а помош пристигнала и од околните области и од соседната сојузна држава Оклахома.
Гувернерот на Тексас Грег Абот најави брза помош за настраданите жители на Перитон. Се молам за сите оние кои ги погоди невремето, напиша тој на Твитер: „Тексас е спремен да стави на располагање дополнителни ресурси за да помогне во заштитата на нашите општини".
Првите снимки покажуваат паднати куќи во гратчето Перитон со околу 8.000 жители. Дачер вели дека најмногу настрадале северниот и источниот дел од градот, урнати се комуникациски кули, а моментално електричната струја е во прекин, како што потврди енергетскиот снабдувач Ксел енерџи. Од настанатите штети на електричната мрежа биле погодени и соседни градови, околу 50.000 луѓе во Тексас и Оклахома останале без струја.
Според извештаите, торнадото е дел од огромен фронт на невреме кој во големи делови од јужните сојузни држави Тексас и Флорида донесе грмотевици, обилни дождови и врнежи од град. Американската метеоролошка служба предупреди синоќа (15.06.2023) дека во делови од Тексас и Охлахомаи натаму се можни торнада и врнежи од град со големина од тениски топки.