Нетанјаху побара прошка од семејствата на заложниците
3 септември 2024Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху шокирано реагираше на сознанието дека шест израелски заложници беа убиени од страна милитантниот исламистички Хамас. „Барам прошка што не ги вративме живи“, рече тој на пресконференцијата. „Бевме блиску, но не успеавме.“ Премиерот се закани и со одмазда: „Хамас ќе плати висока цена за ова“.
Пред Нетанјаху, израелскиот претседател Исак Херцог веќе се извини. „Се извинувам во име на државата Израел за нашиот неуспех да ги заштитиме од ужасната катастрофа на 7 октомври. Поради нашиот неуспех да ги вратиме дома безбедно“, рече Херцог на погребот на американскиот израелец Херш Голдберг-Полин во Ерусалим пред илјадници ожалостени.
Израелската армија во неделата наутро објави дека открила тела на шест заложници во подземен тунел на југот на Појасот Газа. Израелското Министерство за здравство соопшти, според извештаите на медиумите, дека заложниците биле застрелани од непосредна близина околу 48 до 72 часа пред обдукцијата.
Илјадници демонстранти - штрајкот заврши предвреме
Во неделата вечерта следеа големи демонстрации за договорот за ослободување на преостанатите заложници. Во понеделникот во неколку делови на Израел се одржаа нови демонстрации. Протести со неколку стотици учесници имаше и во близина на домот на Нетанјаху. „Вашите одлуки водат до нивна смрт“, цитираа израелските медиуми човек чиј брат сѐ уште е во Појасот Газа.
Во знак на поддршка за договорот за прекин на огнот во војната со Хамас и враќање на преостанатите заложници, илјадници луѓе во Израел учествуваа и во генерален штрајк - кој, меѓутоа, беше предвреме прекинат со судска наредба на барање на десничарскиот министер Безалел Смотрич. Сепак, имаше доцнења во локалниот јавен превоз, а летовите на аеродромот Бен Гурион беа откажани. Банките и некои трговски центри останаа затворени, но немаше поголеми проблеми.