Борел стравува од ескалација во северно Косово
3 мај 2023На разговорите во Брисел меѓу Србија и Косово, со посредство на Европската унија, претставниците на двете страни не успеаја да постигнат никакво приближување во спорот околу напнатата ситуација во северно Косово, пренесува германската новинска агенција ДПА. Единствено на почетокот на средбата е постигнат договор околу Декларацијата за исчезнати лица.
За жал, српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти не успеаја да постигнат договор, изјави доцна вечерта во вторникот високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, по повеќечасовните разговори. Борел стравува од критично заострување на ситуацијата, а по неодамнешните вонредни локални избори, смета дека постои потенцијал и за ескалација.
Агенцијата ДПА потсетува дека пред една и пол недела кандидатите на албанските партии победија на изборите во северно Косово каде живее мнозинско српско население, откакоСрпска листа, која е контролирана од Белград, повика на бојкот. Српска листа својот бојкот го оправдуваше со фактот што раководството на Косово уште нема создадено услови за формирање на Заедница на српски општини со далекусежни извршни овластувања.
Вонредните локални избори станаа неопходни откако сите функционери и државни службеници од српска националност во ноември минатата година поднесоа оставки во знак на протест против политиката на косовската влада.
Европската унија со години се обидува да помогне во нормализирањето на односите меѓу Србија и Косово, но тоа се покажува како исклучително тешко, оценува ДПА, потсетувајќи дека Косово, денес населено речиси исклучиво од Албанци, се одвои од Србија во 1999 година со помош на НАТО и во 2008 година прогласи независност. Повеќе од 100 земји, вклучувајќи ја и Германија, ја признаваат независноста на Косово, додека други, меѓу кои се Србија, Русија, Кина, но и пет земји-членки на ЕУ, тоа го немаат направено се` до денес.
Борел во вторникот вечерта нагласи дека разговорите мора да продолжат. Тој упати и индиректна закана, доколку разговорите пропаднат, ни Косово ни Србија нема да можат да влезат во ЕУ. Србија е официјално кандидат за пристап од 2012 година, а Косово се смета за потенцијален кандидат за пристап.