Почеток на ЕУ-преговори со Украина и Молдавија
25 јуни 2024Првпат во долгата историја на проширување на ЕУ треба да се водат пристапни преговори со земја среде војна. Првично, некои шефови на држави и влади, вклучително и францускиот претседател Емануел Макрон, ова го сметаа за невозможно и сосема незамисливо. Макрон беше најмногу загрижен, но сомнежи и загриженост дека строгите правила за прием на Унијата ќе бидат „омекнати“ со еден вид бонус поради војната во Украина имаше и во Ден Хаг и другите европски престолнини.
Земји со статус на кандидати во рекордно време
Една од оние кои не дозволуваа да бидат збунети беше Урсула фон дер Лајен. Неколку дена по руската инвазија, таа изјави дека Украина припаѓа на „европското семејство“. Таа потоа работеше на приближувањето чекор по чекор. Во рекордно време, Украина и Модлавија добија статус на земји кандидати. Секој реформски чекор добиваше посебна пофалба од претседателката на Европската комисија. „Сакам да ви кажам колку сме импресионирани“, им рече таа на пратениците во украинскиот парламент во Киев. Не треба да се заборави дека Украина, додека се бори за својот опстанок, усвои „длабоки реформи“, оцени Фон дер Лајен.
Бројни реформи - само на хартија?
Всушност, парламентот во Киев носеше еден по друг закон за реформи: против корупцијата и перењето пари, против моќта на олигарсите и за заштита на малцинствата во земјата. Дали ова е само на хартија или Комисијата ја контролира имплементацијата? На прашањето на почетокот на јуни, портпаролката на Комисијата донекаде двосмислено изјави дека спроведувањето на реформските закони е секако важно. „Комисијата ќе го следи спроведувањето како дел од редовните извештаи за проширувањето.“ Тоа беше насочено кон иднината и остави простор да се толкува така како однадвор, барем досега, да не може да се надгледува како бриселските регулативи се одразуваат во военото секојдневние.
100.000 страници работа
Темата најверојатно ќе ги обликува и пристапните преговори. Рамката за ова се поставува денеска во Луксембург - еден вид патоказ, прво за Украина, потоа за Република Молдавија. Станува збор за постепено транспонирање на европското право во националното право на двете земји, поделено во 35 поглавја. Тоа е мамутска задача.
Експертите проценуваат дека „Acquis" - тоа е технички термин за правните акти и регулативи на ЕУ - е околу 100.000 страници. Ова е само приближно, зашто опсегот продолжува да расте. Во однос на содржината, правните текстови опфаќаат работи од демократски темели, како што се слободата на изразување и заштитата на малцинствата, до практични секојдневни прашања како што се безбедноста на храната и правото на потрошувачите. На повеќето нови членки досега им требаа многу години за да го завршат сето тоа, притоа помеѓу апликацијата за влез во ЕУ до приемот на земјите неретко поминуваше повеќе од една деценија.