Почнува шок-терапијата на новиот аргентински претседател
16 декември 2023Во владината програма се предвидуваат драстични мерки за излез на државата од кризата. Меѓу нив се големата девалвација на аргентинскиот пезос, суспензијата на јавната потрошувачка за рекламирање најмалку една година, намалувањето на бројот на министерства од сегашните 18 на девет, намалувањето на финансиската поддршка на провинциите, суспензијата на јавната градба, намалувањето на субвенциите за енергенси и транспорт, непродолжување на договорите за работа во државната служба склучени пред неполна година, како и зголемување на средствата за две социјални програми за ранливите.
На земјата неколку месеци ќе ѝ биде полошо отколку што е сега, рече министерот за економија Луис Капуто во својот говор во кој ја презентираше програмата и нагласи дека дури потоа ќе биде возможен нов моментум.
Катастрофална почетна точка
Аргентина моментално е потресена од тешка економска криза. Новата влада презеде земја во која, според пресметката на Универзитетот UCA, живеат 44,7 отсто од сиромашните, додека стапката кај децата и младите е уште поголема и изнесува 62 отсто. Годишната инфлација изнесуваше 140 отсто.
Новиот аргентински претседател Хавиер Милеи во својата предизборна кампања вети дерегулација на економијата, преминување на долар и намалување на државниот апарат и бирократијата.
ММФ ги поздравува новите мерки
Во својата прва реакција, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ги поздрави „храбрите први мерки“. Одлучното спроведување ќе придонесе за стабилизација на економијата и ќе создаде основи за одржлив раст што ќе го носи приватниот сектор, се вели во соопштението на ММФ.
„Со објавениот пакет мерки, владата на Хавиер Милеи го користи својот првичен бонус веднаш да преземе драстични чекори за рехабилитација на државните финансии и заживување на економијата“, коментира Ханс-Дитер Холцман, шеф на канцеларијата на фондацијата „Фридрих Науман“ во Буенос Аирес, која е блиска до германските либерали (ФДП).
„Предвидените мерки одат во вистинската насока и може да придонесат за зајакнување на довербата во способноста на Милеи да дејствува, и дома и во странство“, изјави Холцман за ДВ. Но, тој укажува и дека предуслов за тоа е да се добие мнозинство во парламентот, како и да се придобие населението за овие драстични мерки. Финансиската поддршка за најслабите во општеството е најавена како важен придонес, посочува Холцман.
Концентрација на дефицит
Мерките се во согласност со она што претседателот го најави во својот инаугуративен говор: концентрација на проблемот со даноците, што е причина за макроекономските нееднаквости, вели за ДВ аргентинскиот економски експерт Еугенио Мари. „Тоа е неопходна претпоставка за решавање на монетарниот проблем. Алтернативата би била хиперинфлација“.
Сепак, социјалните последици од ваквата криза би биле огромни, па таа мораше да се спречи по секоја цена, забележува Мари. „За жал, неодговорноста на економската политика од изминатите години не ни остави можност за безболна алтернатива“.
„Социјалните протести ќе се зголемат“
За разлика од тоа, Рикардо Аронскинд од Националниот универзитет на Генерал Сармиенто во разговор за ДВ критикува: „Најавениот пакет ја забрзува инфлацијата, што ќе предизвика приходите на поголемиот дел од населението да паднат на многу ниско ниво. Драстичното ограничување на јавните расходи на национално ниво и намалувањето на финансиската помош за покраините ќе доведе до забрзување на падот на економската активност и големо зголемување на невработеноста“, очекува Аронскинд.
Тој смета дека многу мали и средни претпријатија ќе пропаднат, што ќе влијае на големи делови од средната класа на населението. „Ќе има огромен трансфер на имот од долните 70 отсто од населението кон побогатите класи. Социјалните конфликти и државната репресија против социјалните протести ќе се зголемат“, смета Аронскинд. „Таа политички нестабилна ситуација обележана со конфликти ќе создаде сценарио на неизвесност што нема да ја зголеми атрактивноста за странските инвеститори.
Првото големо одмерување на силите се очекува непосредно пред Божик. Имено, синдикатите и граѓанските организации, кои во Аргентина традиционално се за перонистичка политика, ги најавија првите протести за 20 декември.